Децата учат од однесувањето на членовите во семејството, не само од советите кои ги добиваат, а какви и да се односите меѓу родителите, без разлика на тоа дали се заедно или не, дали се сакаат или не, детето никогаш не смее да биде меѓу два огна. Ова беа само дел од поентите на конференцијата „Родителството во ХХI век”, која се оддржа во организација на „Касиа ивентс“. Бројните посетители, во многу позитивна атмосфера, умешни и докажани говорници, добија и совети и насоки за успешно родителство за во ова време, полно со предизвици.
Со голем шарм, популарниот хрватски автор, колумнист, ТВ-водител и мотивациски говорник Бруно Шимлеша, низ лични примери објаснуваше што значи свесно родителство, додека прим. д-р Мери Бошковска, психијатар за деца и млади го објасни патот до добро родителство.
Јасмина Трошанска, дефектолог и доктор по дефектолошки науки од областа на аутизам и интелектуална попреченост говореше за начините за поддршка на децата со посебни потреби, за тоа како да ги охрабриме родителите да го најдат полесниот пат на нивната улога како родител. Колку, пак е важен спортот уште од раното детство, за тоа како влијае на првавилниот раст и развој на секое дете зборуваше Катерина Јолакоска, педагог и кореограф. Таа даде и совети како родителите да одлучат на каква активност да го запишат детето.
М-р Лидија Зорба, психолог, ја потенцираше важноста на раниот интелектуален поттик и развој кај децата, додека за функционалното родителство зборуваше Натка Пачоска, клинички психолог.
- Кога партнерите ќе станат родители треба да бидат подготвени да бидат флексибилни, да прават промени во дотогашното нивно функционирање. За сето тоа да води кон функционално родителство неопходно е да комуницираат помеѓу себе, да научат да се договараат, преговараат, да ги почитуваат како нивните автономни вредност така и семејните вредности од семејствата по потекло, а и да ги ускладуваат или во основа на нив да градат свои. Токму поради сето ова многу родители се подготвени да посетуваат и психоедукативни програми, да бараат совети од стручни лица за да го градат своето функционално родителствување и на тој начин да инвестираат во себе како родители но и во своите деца. Благодарение на функционалното родителствување создаваме сигурни, среќни и успешни деца – вели Пачоска.
Марина Анчевска, меѓународно сертифициран НЛП тренер и системски практичар говореше за влијанието на системските динамики во односот на родителите кон себе си, кон детето и околината, додека нутриционистката Надица Илиевска објасни зошто градење на здрави прехрамбени навики во семејството како значаен фактор за правилен раст и здравје на децата.