X
 17.06.2017 Образование

УПИСИ 2017/18: Што ново ќе им понудат факултетите на идните студенти?

На вчерашната владина седница усвоен е конкурсот за упис на студенти на државните универзитети за академската 2017/2018 година. За идните бруцоши обезбедени се 26105 места, 13953 места за редовни студенти во државна квота, 8367 места за редовни студенти со кофинансирање и 3785 места за вонредни студенти.



Студиските програми, нови или со еволуирани содржини, бројот на слободни места на факултетите се содржани во конурсот кој пак, периодов треба да го објави министерството за образование и наука. Дел од професорите велат дека станува збор за акредитирани програми адаптирани според светските стандарди.

Со оглед дека информатиката е динамична област, професорите од „Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство” од година во година во континуитет ги еволуираат содржините на предметите во студиски програми. На пример, неколку години во Веб дизајн се изучуваше вооведен HTML и CSS, сега во содржините има HTML 5 и CSS3 библиотеки како Twitter Bootstrap, Material UI, CSS предпроцесори и Java Script библиотеки.

- Оваа година ФИНКИ ќе ги пречека новите бруцоши на добро етаблираните и докажани студиски програми кои нудат широка заедничка основа од информатичките науки и компјутерското инженерство како и соодветна специјализација според интересите на студентите и потребите на индустријата. Во насоките е присутна и инженерската бизнис, маркетинг и претприемачка компонента, да ги спремиме идните инженери за успешна кариера во ИТ бизнисот. На факултетот во тек е изготвување елаборати на сосема нови студиски програми за формална акредитација во 2018 година, вообичаено во соработка со претставници на индустријата. Во новите програми ги внесуваме тенденциите од светските универзитети и меѓународната асоцијација на компјутерски инженери – ACM, нашите искуства од досегашните студии, советите од стопанската комора на ИТ фирмите - МАСИТ, како и детална анкета споделена со многу ИТ фирми во земјата и странство.За уписите на магистерски студии, продолжуваме со програмата за стипендирање на студенти во висина до 30% од цената на школарината и со промовирање на студиските програми кои започнаа со работа минатата година, како и оние од претходно вели деканот на ФИНКИ проф. д-р Иван Чорбев.

На „Машински факултет” иновирани се старите, постоечки, студиски програми.

-Дел од новите 11 студиски програми се индустриско инженерство и менаџмент, производно инженерство, поранешната насока која беше заварување, сега е материјали, процеси и иновации, студиска програма моторни возила, транспорт механизација и логистика, мехатроника, хидраулично енергетско инженерстви, сето тоа што го имавме во машинството е малку иновирано. Клучно за овие студиски програми, е што при креирањето од професорите на факултетот водено е сметка да се погледнат студиските програми на прво рангираните 50 универзитетити на Шангајската листа. Да се направи споредба на нашите студиски програми со тие 50 прво рангирани во светот. Слободно можам да кажам дека близу 80 проценти, ние сме веќе усогласени со она што го има на факултетите надвор од Македонија, односно на првите 50 универзитети во поглед на студиските програми вели проф. Дарко Данев, декан на „Машински факултет” при Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“.

Инаку новина во конкурсот е и тоа што Владата донесе одлука да се активираат родовите студии на Филозофскиот факултет при УКИМ, кои 5 години беа ставени во мирување, како и студиите за безбедност и евроинтеграциите на „Факултетот за безбедност” при УКЛО, кои исто така беа во мирување. Годинава факултетите при Универзитетот “Св Кирил и Методиј” нема да имаат дисперзирани студии, бидејќи тоа било побарано од установата, одредени дисперзирани студии на другите универзитети се редуцирани. За првпат се утврдени и квоти за упис на одредени студиски програми за студенти, чие родителско право го врши само еден родител, кои ќе плаќаат половина од износот на уписнината.

Вообичаено првиот уписен рок е во втората половина на Август, вториот кон крајот на месецот и првите денови од Септември, додека третиот уписен рок е кон средината на Септември. Оние кои ќе се запишат како редовни студенти, ќе влезат во државната квота ќе треба да плаќаат 200 евра годишно,редовните студенти во квотата со кофинансирање и вонредните ќе плаќаат по 400 евра, а на дисперзираните студии партицијата е 100 евра.
Подготвил: В.М.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование