X
 27.06.2017 Образование

Стефанија Атанасовска студентка на Правниот факултет при УКЛО е првиот стипендист на фондацијата „Тома Фила“ за талентирани млади правници

Јас сум Стефанија Атанасовска и сум студент на втор циклус студии на казнено – правната насока на Правниот факултет во Битола, кој е дел од големото семејство на Универзитетот Св. Климент Охридски - Битола.

1

Можам слободно да кажам дека сум дел од многуте успешни приказни кои се дел и се прераскажуваат во рамките на овој Универзитет, а благодарение на грижата и посветеноста на истиот за изградба на една поттикнувачка академска средина која раѓала, раѓа и ќе раѓа високо – квалитетни профили на стручни лица од секоја област. Мојот успех пред се се состои од стекнување на реално применливи знаења и вештини од областа на правните науки кои ми го отворија, а воедно и олеснија патот кон стручно усовршување, па така, јас, денес сум корисник на стипендијата која се доделува од фондацијата „Тома Фила“ и која е наменета за талентирани млади правници. Покрај ова, благодарение на соработката на Универзитетот со низа странски академски единици и неговата вклученост во голем број на европски програми наменети за поттикнување на мобилноста и за стручно усовршување на студентите, имав можност да престојувам и стручно да се надоградувам на Универзитетот во Виена, за што ќе ви раскажам во продолжение.

2

Кон крајот на минатата година благодарение на дел од моите професорки дознав за CEEPUS програмата (Централноевропска програма за размена во областа на универзитетски студии), односно за објавениот конкурс во врска со истата. Откако се информирав за каква програма станува збор и какви позитивни страни нуди истата, без размислување решив да се пријавам на конкурсот. Ваквата одлука беше една од најдобрите мои досегашни одлуки и од аспект на мојот професионален/академски живот и од аспект на мојот приватен живот. На мое огромно задоволство на почетокот на оваа година бев известена дека мојата апликација е прифатена и дека ќе имам можност, а би рекла и привилегија еден месец да престојувам во Австрија, во Виена и да работам на научно – истражувачки проект од полето на правото, па така во месец март започнува мојата едномесечна приказна. Со оглед на тоа дека стануваше збор за научно – истражувачки период, месец март потполно го искористив за мое академско и стручно надоградување, како и за пишување на мојот магистерски труд, кој во тој период беше веќе во фаза на изработка. Моите активности главно беа насочени кон пронаоѓање и анализа на научна и стручна литература, која би била од корист за изработката на магистерскиот труд, кој е од областа на казненото право, во што ми помагаше ментор, односно професорка од тамошниот Правен факултет, кој е во рамки на Универзитетот Виена, но исто така учествував и на предавања и дебати од областа на меѓународното право и меѓународните односи.

3

Како што и погоре споменав, овој престој имаше позитивни ефекти кои имаа влијание и на мојот професионален/академски и на мојот приватен живот. На професионален/академски план можам да кажам дека се стекнав со доста нови знаења знаења од областа на казненото и на меѓународното право. Исто така имав можност да видам како е осмислен и како функционира тамошниот образовен систем, како функционира правниот систем, а запознав и многу лица меѓу кои и истакнати правници и професори, а со дел од нив останав и во понатамошен контакт, што секако е од големо значење за мене и за мојата понатамошна стручна надградба.

3

Од  позитивните страни  пак, кои имаа влијание врз мојот приватен живот можам да ги издвојам запознавањето на една сосем нова култура и традиција, запознавањето и стекнувањето на пријателства со голем број на лица од различни земји, изучувањето на австриската историја и нивниот начин и стил на живот и уште многу други работи кои несомнено придонесоа во изградбата на мојата личност.

Од денешен аспект можам да кажам дека оваа програма за мене беше едно неповторливо и големо животно искуство, кое иако траеше релативно кратко без сомнение ми го промени животот во позитивна насока, а за успешниот крај на оваа приказна несомнено голем придонес имаа и професорите на Правниот факултет во Битола кон кои сакам да искажам голема благодарност, а пред се до Доц. д-р Ангелина Станојоска, Доц. д-р Мирјана Ристовска и особено до Доц. д-р Елена Тиловска Кечеџи кои безрезервно ми излегоа во пресрет и ми помогнаа во текот на аплицирањето за учеството во рамките на оваа програма.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование