X
 28.06.2017 Образование

Максималните поени за упис во средно ќе бидат 80, наместо 77 како што првично најави МОН

Максималниот број поени за упис во средните училишта годинава сепак ќе биде 80. Иако Министерството за образование и наука првично ги извести средните училишта дека годинава учениците кои што се запишуваат може да имаат најмногу 77 поени, сепак во последен момент се премисли и вчера попладне им испратило нов допис во кој ги информира дека максималниот број поени при запишувањето ќе изнесува 80.



Лани завршените основци при пријавувањето во средните училишта можеа да имаат максимални 82 поени бидејќи тогаш се бодуваа и оценките од екстерното тестирање кои годинава нема да се земаат предвид.

Годинава ќе се бодува средниот успех на ученикот од шесто до деветто одделение, средниот успех постигнат по четири предмети (мајчин јазик, англиски јазик и два предмети што се од значење за струката), дипломи од освоени прво, второ или трето место од меѓународни и републички натпревари, како и средна вредност од поените добиени за поведение на ученикот. Успехот од шесто до деветто одделение носи максимум 50 поени, четирите предложени наставни предмети носат најмногу 20 поени (по 5 за секој предмет), додека од освоените дипломи од натпревари максимално може да има 5 поени. Од поведението ученикот најмногу може да добие 5 поени, наместо само 2 како што првично предвиде МОН. Сѐ вкупно изнесува максимални 80 поени.

Првиот дел од уписите во средните училишта во јунскиот рок се одвива денеска и утре, а резултатите и слободните места ќе бидат објавени во петок.
Подготвил: Д.Ф.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование