X
 28.06.2017 Култура

Проф. Владимир Величковски, историчар на уметност: Критиката е потребна во една современа култура

Критичката мисла во Македонија е редуцирана и потценета активност. Гаснењето на интересот и на медиумите оди во прилог на гаснење на ликовната критика, а со тоа и на развојот на националната култура, вели историчарот на уметност Владимир Величковски, универзитетски професор во пензија. Тој деновиве е актуелен со неговата монографија, дело постхумно посветено на сликарот и универзитетски професор Вељо Ташовски.



Ова е негово 71 пишано дело во кое дава пресек и своевидно толкување, анализа на целокупното творештво на авторот, нагласувајќи ја неговата значајна улога во развојот и афирмацијата на македонската современа ликовна уметност. Монографијата високо ја оценија и промоторите -Милан Бешлиќ, ликовен критичар од Хрватска, кој е и автор на текст во публикацијата и професорот и графичар Костадин Танчев-Динка.

Факултети.мк: Како се роди идејата за ова постхумно монографско издание посветено на животот и творештвото на Вељо Ташовски?
- Монографијата е резултат на взаемен интерес и волја на колешките од Националната галерија на Македонија, Министерството за култура и сопругата на сликарот. Со Вељо Ташовски, кратко време пред да почине се договоривме да работиме на неговата ретроспектива.

Факултети.мк: Постојат монографии и монографии, секоја е различна. Што Ве водеше додека го пишувавте ова дело?
- Творештвото на Вељо Ташовски, преку критика и предговори го следам од 1976 година. Неговото дело го почитувам и ценам, особено заради ликовните вредности, неговиот интегритет и доследноста. Ненадејната смрт на уметникот ја прекина неговата драгоцена творечка еволуција. Сочуваните дела беа добра основа и материјал да изработам пообемна монографија. Покрај афинитет и пријателскиот однос кон авторот, понагласено имав чувство на одговорност пред едно прекинато дело.

Факултети.мк: Авторот веќе не е меѓу нас. Бевте генерација, се дружевте... Колку е важно оценувачот, критичарот, историчарот да го познава авторот за да пишува за неговото творештво?
- Покрај искуствата како историчар на уметноста и критичар внесов и елементи на сеќавање на човекот и сликар Вељо Ташовски. Да се познава авторот има своја посебна важност, меѓутоа внимателното разгледување и проучување на делата ве вовлекува во тајните на неговата уметност.

Факултети.мк: По што се издвојува Вељо Ташовски во неговото творештво од останатите сликари во таа генерација? Зошто е посебен?
- Вељо Ташовски првата изложба ја направи со сликарите Слободан Филовски и Жарко Јакимовски - колеги од Академијата за ликовни уметности во Љубљана. Тие имаат свое значење во македонската уметност, пред сѐ со некои нови форми на апстрактната уметност. Вељо Ташовски се издвојува со специфичниот спој на искуствата од апстракцијата и енформелот со елементи на предметност и геометризам.Тој ги спои пејзажизмот и урбаниот дизајн со средствата на рафиниран концепт и изведба. Значаен момент е редуцирањето на деталите и претворање на сликата во флуидна материја на сини-зеленкасти-сиви тонови со поетска широчина на изразот. Се работи за поголеми платна со хоризонтална поставеност.

Факултети.мк: Тој беше и професор на факултетот за ликовни уметности и студентите многу го сакаа. И Вие самиот сте професор. Што е пресудно за еден уметник да го пренесе своето искуство и доживување кај младите генерации?
- Професорот создава свој метод на работа кој опфаќа знаење и искуство, неопходност од нови сознанија и живост во претставувањето на материјата. Притоа, значајно е да се води сметка за возраста, интересот и информираноста на студентите.

Факултети.мк: Ликовната критика во земја скоро да е сосема замрена. Малкумина пишуваат, веќе и да нема медиуми кои објавуваат ликовни критики. На што се должи тоа?
- Критика со вреднување на делата пишуваа 1-2 историчари на уметноста. Критиката е потребна во една современа култура. Критичката мисла кај нас е редуцирана и потценета активност. Гаснењето на интересот и на медиумите оди во прилог на гаснење на ликовната критика, а со тоа и на развојот на националната култура.
Подготвил: В.Ф.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура