X
 01.07.2017 Образование

Интервју со проф. Владимир Атанасовски од ФЕИТ: Нашите програми се препознаени од стопанството, студентите лесно наоѓаат работа

Работата на практични проекти ќе биде суштинска во новите студиски програми и ќе им овозможи на студентите да се запознаат со тимска работа, работа во одредени рокови и најважно работа на конкретен и практичен проблем – вели професорот Атанасовски.



Иновирање на студиските програми, следење на светските текови во областите, како и обезбедување на квалитетна практична настава се едни од најважните придобивки за студентите, кои им овозможат брзо вработување и прилагодување при процесот на работа на компаниите. Токму поради ова Факултетот за електротехника и информациски технологии (ФЕИТ) постојано прави промени во интерес на науката и студентите. Со професорот Владимир Атанасовски, продекан за финанси и соработка со стопанството, разговаравме за новите иновирани студиски програми и начинот на студирање на овој факултет.

Факултети мк: ФЕИТ од следната студиска година има иновирана додипломска студиска програма- Телекомуникации и информациско инженерство. За каква студиска програма станува збор?
- Студиската програма по Телекомуникации и информациско инженерство е комплетно иновирана во склад со последните трендови во ИКТ индустријата. Таа ги следи најзначајните поместувања во областа нудејќи им на идните студенти многу практично и многу современо следење на најновите ИКТ технологии, мрежи, сервиси и апликации. Самата програма се состои од заедничко јадро и два изборни модули. Во заедничкото јадро студентите добиваат базично знаење за телекомуникациите, интернет технологиите и базите на податоци. Првиот изборен модул потоа им овозможува на студентите да се фокусираат на предмети од областа на ИКТ системи и мрежи како безжични мрежи, мобилни системи, мрежно администрирање и сл. Вториот изборен модул пак се фокусира на ИКТ сервиси и апликации како веб дизајн, веб апликации, апликации за мобилни уреди со Андроид и iOS програмирање, веб сервиси со Java и PHP програмирање итн.

Факултети мк: Како идните студенти правилно да изберат кој модул е она што сакаат да го изучуваат?
- Разликата помеѓу двата модули е во тоа што едниот се фокусира повеќе на предмети за мрежи и мрежно администрирање додека другиот се фокусира на сервиси и апликации и нивен развој со најновите програмерски алатки. Инаку, двата модули имаат заедничко базично јадро од фундаментални ИКТ предмети како и заедничко јадро на изборни предмети со што студентот добива сеопфатни познавања од ИКТ истовремено овозможувајќи му да се насочи кон подобласти кои конкретно го интересираат. Двата модули ги следат светските ИКТ трендови и претставуваат пионерски чекор во доменот на високо ИКТ образование во Македонија потврдувајќи ја и улогата на ФЕИТ како лидер во високото образование во државата. Правилниот избор зависи од афинитетот на студентот, ФЕИТ гарантира за високиот квалитет на двата модула.

Факултети мк: Какви можности им нуди новата програма на студентите кога станува збор за практичната работа?
- Новата програма, не само по телекомуникации и информациско инженерство туку и по сите останати , е посебно ориентирана кон практична работа на студентите. ФЕИТ поседува голем број најсовремено опремени лаборатории во кои се изведуваат задолжителни лабораториски вежби во рамките на наставата. Дополнително, новите студиски програми побаруваат од студентите задолжителна работа на практичен проект под менторство на одреден професор со што треба да покажат инженерски познавања за дизајн и реализација на одредено практично решение. Работата на практични проекти ќе биде суштинска во новите студиски програми и ќе им овозможи на студентите да се запознаат со тимска работа, работа во одредени рокови и најважно работа на конкретен и практичен проблем.

Колку е факултетот отворен за соработка со компаниите кога треба да се прават измени во студиските програми. Дали ги консултирате?
- Секако. ФЕИТ секогаш го следи развојот на електротехниката и информациските технологии и се обидува со секое иновирање на студиските програми да ги вгради новитетите во предметите. Традиционално, ФЕИТ има одлична соработка со голем број домашни и меѓународни компании со кои редовно одржува контакти, работилници и организира поканети предавања на нивни стручњаци. Поради тоа, ФЕИТ има постојан увид во потребите на стопанството и истите ги третира како еден од приоритетите при креирање на студиските програми. Токму затоа студиските програми на ФЕИТ се препознаени од стопанството и нашите студенти многу лесно се вклопуваат во работата на компаниите по дипломирањето.Последната реакредитација на студиските програми е направена според ASIIN, германска организација за акредитација на високообразовни програми која е гарант за квалитетот кој ФЕИТ го нуди на своите идни студенти.

Факултети мк: Што би им порачале на идните студенти, зошто треба да изберат да студираат на ФЕИТ?
- ФЕИТ е најдобриот инженерски факултет во државата со најголемо портфолио на меѓународни проекти, најсовремено опремени лаборатории, меѓународно признат кадар со најголем број публикации во меѓународни списанија и наградуван многу пати на меѓународни конференции. Сите 7 студиски програми на ФЕИТ се иновирани во согласност со модерните текови во електротехниката и информациските технологии нудејќи им на студентите единствена можност за најквалитетно можно високо образование. Да не заборавиме и дека студентскиот живот на ФЕИТ е одлично организиран преку учество на голем број студентски игри и натпревари, а ФЕИТ ја има и најдобрата бруцошка забава во државата.

Факултети мк:Каде вообичаено работат најдобрите студенти на ФЕИТ, какви можности за работа им се отвараат со дипломата од Вашиот факултет?
- Дипломата од ФЕИТ е препознаена од нашето стопанство, но и меѓународно призната. Нашите студенти лесно наоѓаат работа уште за време на студиите преку големиот број домашни компании (над 300) со кои ФЕИТ има потпишано договори за соработка и пракса. Можностите за работа се големи тргнувајќи од големите ИКТ и енергетски оператори, државни агенции, производители на опрема, истражувачки центри, помали ИКТ компании кои се занимаваат со развој на софтвер итн. Добар дел од студентите заминуваат во странство на работа каде што лесно се снаоѓаат поради компатибилноста и препознатливоста на нашите студиски програми. Секако, студентите имаат можност и да продолжат со своето образование на втор циклус на студии или на нашиот факултет или во странство доколку се решат на таков чекор.
Подготвил: М.Ф.
Тагови:

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование