X
 04.07.2017 Живот

Јасна Милкиќ, „Бесплатно сместување - Македонија“: И кај нас има луѓе со срце големо како планина

Целата идеја произлегла од балканската група „Изнајмувачи со срце“ која се прошири по социјалните мрежи со брзина на светлината. Оваа иницијатива им е наменета пред сѐ на децата со пречки во развојот и телесен инвалидитет, чии родители се во загрозена социјална состојба.



За само неколку дена успеаја да ги разбудат граѓаните и да ги натераат да обрнат поголемо внимание на децата со посебни потреби, болните и сиромашните деца. Велат дека сме им неопходни на невините душички, чиј живот си поиграл со нив. Сакаат сите заедно да им покажеме со дела дека навистина ни значат и дека вредат во ова општество, дека не се отфрлени, дека не се заборавени...

Ова се накусо целите на групата „Бесплатно сместување – Македонија“, која за само неколку дена придоби многу членови. Со ова Македонија се вклучи во хуманитарната иницијатива што последниов месец вртоглаво го зарази целиот Балкан – сопственици на туристички објекти им нудат бесплатен одмор на деца од различни ранливи категории.

Групата „Бесплатно сместување – Македонија“ на социјалната мрежа „Фејсбук“ ја администрираат тројца - Петре Димитров, уредник и сопственик на „еМагазин.мк“, Христина Силјановска-Јосимовска, мајка на дете со церебрална парализа и претседателка на Хуманитарното здружение на граѓани и лица со хендикеп „Илинден“ од Скопје, и Јасна Милкиќ, професорка по француски јазик, хуманитарен активист, администратор на групата за помош на поплавените семејства во Скопје, која е преименувана во „Хуманитарна помош - граѓанска иницијатива“.




За само неколку дена не само што ги освоија симпатиите и почитта од многумина туку и им влеаја надеж и радост на многу семејства и дечиња.

Најмногу пријавени родители на деца со аутизам и Даунов синдром

Јасна Милкиќ објаснува како целата идеја произлегла од балканската група „Изнајмувачи со срце“, која се прошири по социјалните мрежи со брзина на светлината.

- Со помислата дека и децата во Македонија со пречки во развојот заедно со нивните родители заслужуваат помош и одмор, ја оформив оваа група со медиумска поддршка на Петре Димитров. Оваа иницијатива им е наменета пред сѐ на децата со пречки во развојот и телесен инвалидитет, чии родители се во загрозена социјална состојба. Тие имаат големи трошоци за да им ја олеснат состојбата на своите деца и најчесто не можат да си дозволат одмор. Наменета е и за децата со самохрани родители и за социјално загрозени семејства. За третите сѐ уште е неостварлива идејата бидејќи се потребни многу спонзори за превоз низ цела Македонија, угостителски објекти и парична помош, бидејќи тие и да добијат бесплатно сместување, не можат да го искористат поради трошоците што ќе ги имаат за превоз и за храна – објаснува Милкиќ.



Таа е изненадена што за кусо време граѓаните многу се заинтересирале за иницијативата. Во групата секојдневно пристигнуваат пораки за благодарност и поддршка, а тоа на сите многу им значи. Досега најмногу се пријавиле родители на деца со аутизам и Даунов синдром, родители на деца со посебни потреби и самохрани родители.

Се прават списоци, се одбираат приоритетните семејства

На повикот веднаш се пријавиле повеќе сопственици на сместувачки капацитети, раскажува Јасна. Најбројни се луѓето од туристичките места Охрид, Дојран и од Берово. Од Охрид тоа се вилите „Лидија“ и „Вишни“, апартманите „Сион“, „Џими“ и „СараГа“, хотелот „Коцарев“,*Hello Travel и „Галеб“, хотелот „Македонија-Макоил“ од Дојран и куќата „Амика“ од Берово.

- Особено ми е драго што веднаш се пријавија луѓе со срце големо како планина и посебна чест ми претставува да ги споменам и јавно да им се заблагодарам за нивната добрина и великодушност – вели Милкиќ.

Патувањата полека се организираат, се прават списоци. Администраторите ги разгледуваат сите пријавени семејства и ги одбираат приоритетните. - За жал, тешко се обезбедуваат места каде што ќе можат да престојуваат деца со телесен инвалидитет и затоа апелираме да се пријават хумани издавачи на сместување кои ќе помогнат и за вакви случаи – вели Јасна.

Каде се институциите?

На групата деновиве администраторите напишаа дека од сите пријавени ќе бараат да достават финансиска состојба бидејќи се пријавувале и граѓани што не се загрозени. На прашањето дали има обиди за злоупотреба на хуманитарната акција, Јасна вели:

- За жал, постојат луѓе што сакаат да ја злоупотребат оваа иницијатива. Има родители што веќе ги носеле своите деца на одмор и сакаат да ја искористат и оваа бесплатна услуга за сместување. Но, со толку љубов и труд работиме за успешно да ја реализираме оваа идеја што нема да дозволиме да се случуваат какви било искористувања и неправди. Се извинувам што ќе бидеме малку строги во селекцијата на семејства што ќе бидат угостени, но сметам дека тоа ќе биде најобјективен избор, без никаква дискриминација. Сакаме да биде долгорочна иницијатива и да важи во текот на целата година. Ни треба голема поддршка од сопствениците на хотели, апартмани и викенд-куќи. Но, потребни ни се и спонзорства од ресторани, маркети и од сите луѓе што можат да помогнат. Навистина сакам да допреме до срцата на сите луѓе и да бидеме причина за детските насмевки – вели Јасна.



Оваа граѓанска иницијатива за кусо време направи многу. На прашањето каде се државата и институциите што постојат за да им помагаат на ранливите категории, таа вели:

- Групата постои неколку дена и полека ја будиме свеста кај луѓето да обрнат поголемо внимание на децата со посебни потреби и болните деца. Сакаме да престанат сите дискриминирања кон нив и луѓето да престанат да ги гледаат чудно. Треба да бидеме благодарни за нашето здравје и несебично да им помагаме на оние на кои најмногу им треба. Што се однесува до институциите, не сакам да зборувам за нивото работење и залагање. Оставам луѓето сами да пресудат.
Подготвил: Весна Ивановска - Илиевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот