X
 04.07.2017 Наука

Проф. Д-р Ивица Милевски од Инситутот за географија: Не грижете се, нема да има разорен земјотрес во Охридско, внимавајте само на трошните градби

Единствено треба поголемо внимание ако се живее или се поминува покрај стари објекти без бетон и арматура и со издадени балкони, настрешници, лимени и други додатоци, високи оџаци и друго, особено во овие два-три дена и особено во селските населби кон епицентралниот дел, вели д-р Милевски



Нема потреба од страв за некаков разорен земјотрес или поголеми штети во Охрид и Охридско. Земјотресите немаат и не може да имаат ама баш никакво влијание за појава на последователен земјотрес во други делови во Македонија, освен во самата Охридска депресија на македонска и н албанска страна, северниот дел на Преспа и соседните депресии на југозапад во Албанија, потоа кон Илинско-Плакенскиот блок и мала веројатност за „пренос“ во Дебарско. Ова е еден од статусите кои д-р Ивица Милевски, професор на Институтот за географија при Природно-мтетамтичкиот факултет во Скопје ги напиша на социјалната мрежа „Фејсбук“, поврзани со земјотресите кои деновиве го погодија Охридско.

- Причината е локалното потекло на земјотресите во овој јазол. Потресите како сеизморефлексија од Охридско се и ќе бидат далеку послаби – вели тој.

Д-р Милевски вчера подробно објасни што се случува. Го пренесуваме неговиот статус во кој вели дека за земјотерсите во Охридско никој не може со стоотстотна точност да предвиди кога, каде точно и со колкава јачина ќе се случат, но треба да се знае дека:

- Статистички, според историски податоци и реконструкции, во Охридското епицентрално подрачје силните земјотреси над 4М се многу ретки, се случуваат меѓу 50 и 100 години. Тие со јачина од 5М се уште поретки (се случуваат на 300 до 500 години), додека оние со јачина над 6М се случуваат еднаш на 2.000 до 3.000 години. Според геолошко-седиментолошки записи, најсилен земјотрес во Охридско-коселската област во холоценот достигнал 6,1М (како скопскиот во 1963), а нешто послаб во 6. век, со околу 5,8-6М – вели Милевски.

Според него, охридското епицентрално подрачје е значајно по тоа што сеизмичките бранови се протегаат (пропагираат) главно по должината на централната раседна линија (раседот во подножјето на Галичица и на север до Косел), а потоа кон рамката на Охридската депресија, односно кон северозапад и југ, додека послабо латерално кон исток и запад.

- Длабочината од најмални 10 километри е одговорна за големата регионална распространетост до радиус од околу 150 километри. Шансите за посилен земјотес од 5М (во однос на максималните забележани, типот на раседите и локалните блокови) е многу мала, а нешто поголема е кон Св.Наум и Поградец, ама овој јазол моментално не покажува активност. Проблем е големиот број постари асеизмички градени објекти во Охридско кои може или претрпеле штета заради градбата, иако карпестите маси кон стариот дел на градот се релативно „еластични“. Секако, нема никаква опасност од класична ерупција на Косел (освен зголемено исфрлање на гасови, без оглед на затрупаноста на каналите со шут), но можна е промена на режимот и издашноста на некои локални извори. Може да се очекуваат десетина послаби земјотреси кои ќе следат деновиве, па во наредните два-три месеци, по овој пик од 5,1М. Уште помала е шансата за појава на мини-езерско цунами (тоа би можело само доколку се јави огромен одрон или свлечиште кон езерото, ама нема услови за такво нешто) – објаснува Милевски.

Тој вели дека според очекуваната дури и максимална магнитуда, типот на подлогата под Охрид, еластичноста на карпите и други параметри, нема потреба од страв за некаков разорен земјотрес или поголеми штети.

Единствено треба поголемо внимание ако се живее или се поминува покрај стари објекти без бетон и арматура и со издадени балкони, настрешници, лимени и други додатоци, високи оџаци и друго, особено во овие два-три дена и особено во селските населби кон епицентралниот дел.

Според Милевски, вчерашниот земјотрес во Охридско (во просторот каде се вкрстуваат раседот во подножјето на Галичица со Коселскиот расед) е 13 до 15 пати послаб од Скопскиот земјотрес од минатата година, но сепак претставува знак дека планината Галичица неотектонски се поместува-издига во однос на Охридската депресија.

- Инаку, според податоците што ги имам ова е прв земјотрес во непосредна близина на Охрид во последните три децении, со магнитуда еднаква или над 4 степени (обично сеизмички многу поактивен е блокот Илинска-Плакенска Планина и југоистокот на границата со Албанија). Сеизмичката активност во следните месеци може да предизвика поизразена активност на Косел (исфрлање на гасови), потоа промена на режимот на истекување кај некои извори во областа и уште неколку дополнителни, но најверојатно послаби (забележливи) потреси во следните денови – вели Милевски.

Во одговор до еден читател, Милевски потенцира дека нема предвидувања, туку статистичка веројатност, која вели дека во Охридско ретко има земјотреси над 4 степени по Рихтер (на околу 50 години), уште поретко над 5 степени по Рихтер (на 300-500 години) и неверојатно ретко над 6 степени (еднаш на 2.000 години).

- Тоа го потврдуваат и записите покрај и на дното на езерото – дециден е Милевски
Подготвил: Весна Ивановска - Илиевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука