X
 05.07.2017 Образование

Интервју со Максим Никифоровски, дипломирал со просек 10 на Филозофскиот факултет: Филозофијата е во секој од нас, секој е способен да мисли за себе и за светот

Многумина мислат дека диоптрските очила го прават човекот научник, чудната боја на коса го прави уметник, а шалот на вратот прави некого филозоф. За жал, само редовната работа и вистинската страст го водат човекот до посакуваното место – вели Никифоровски, кој наскоро заминува на последипломски студии во Германија.



Уживал во секој момент, во секоја книга, секоја задача, секоја дискусија. Учел на предавањата и на работните дискусии повеќе отколку дома пред учебник. За него филозофијата е жива исто како еден човек од крв и месо. Вели дека таа не е заглавена во мастилото испишано на книгите, ниту е ограничена во четирите ѕида на академијата, таа е надвор, во секој од нас. Секој е способен да мисли за себе и за светот. За жал, не многумина ја користат оваа вродена способност, но преку филозофијата можат да ја разбудат. Вака накратко Максим Никифоровски, кој додипломските студии на Филозофскиот факултет при УКИМ ги завршил со просек 10, го опишува својот пат до беспрекорниот успех.

-Она што отсекогаш сум го знаел и што ме води во животот е идејата да се следат оние потфати што прават срцето да ни чука побрзо. Во ниту еден момент за време на моите студии не се почувствував како да сум принуден нешто да сторам, ниту имав непроспиени ноќи подготвувајќи испити, ниту пак сум бил обземен од стравови дека моите способности се ограничени. Уживав во секој момент, во секоја книга, секоја задача, секоја дискусија. Учев на предавањата и на работните дискусии повеќе отколку дома пред учебник. За мене филозофијата е жива исто како еден човек од крв и месо. Таа не е заглавена во мастилото испишано на книгите, ниту е ограничена во четирите ѕида на академијата, таа е надвор, во секој од нас. Секој е способен да мисли за себе и за светот. За жал, не многумина ја користат оваа вродена способност, но преку филозофијата можат да ја разбудат. Дисциплината во работата, присутноста на предавањата, редовното учење се дел од успехот, секој би лажел ако го тврди спротивното. Единственото нешто што можам да им го советувам со целосна самодоверба на моите помлади колеги е да веруваат во својата мисла и во ниту еден случај да не се преобразат во нешто што не сакаат да бидат. Моите студентски денови беа исполнети со личности кои повеќе беа заљубени во идејата да бидат нешто (филозоф или што и да е) отколку што навистина беа самото тоа нешто. Многумина мислат дека диоптрските очила го прават човекот научник, чудната боја на коса го прави уметник, а шалот на вратот прават некого филозоф. За жал, само редовната работа и вистинската страст го водат човекот до посакуваното место. Не ми се допаѓа зборот професија, многу посоодветен, барем за оваа гранка, е „повик“. Ако човек се чувствува повикан, изборот е веќе направен и е неотповиклив.

Дипломиравте на насоката филозофија. Кажете ни нешто повеќе за оваа наука, што конкретно најмногу Ве интересира од оваа област?

- Ах, филозофијата е едно од најубавите нешта што ги имам откриено. Таа не е наука, ниту уметност. Можеби нешто помеѓу, можеби нешто сосема трето. За мене таа е вистински подарок без кој животот би ми бил навистина празен. Тоа е античка дисциплина која се занимава со основните прашања на човештвото: Што е убавината? Што е вистината? Како треба да постапуваме во животот? Која е смислата на постоењето? Какви вредности постојат? Како треба да изгледа една држава? Како треба да биде создадена една наука? итн. Она што би сакал да го истакнам е дека наспроти општото мнение, филозофијата е неверојатно ригорозна и комплексна дисциплина. Во ниту еден случај филозофите не „филозофираат наоколу“ како што народно се вели, туку се потпираат на аргументите што ги градат со помош на срцето на филозофијата: логиката. Вистина е дека зборуваме многу, тоа ни е професионална деформација, но зборуваме мудро, тоа ни е професионална дарба. Еден студент ги поминува деновите читајќи и читајќи и читајќи дела од старогрчки, латински, француски, германски и руски мислители. Секој студент се запознава со културните феномени на западното општество: науката, математиката, уметноста, правото, политиката и религијата. Учиме да мислиме за овие нешта со цел да ги подобриме и некако да придонесеме во нив и за нив. Не е тајна дека самата диплома не носи многу можности за работа, она што е правно пропишано со неа се професии како просветни работници (во основните и во средните училишта) и во новинарството. Филозофијата не треба да ја студираат оние што бараат брза работа веднаш по дипломирањето, туку оние што сакаат да го изострат умот, а се доволно креативни да најдат начин како да придонесат за општеството. Оттаму многумина го продолжуваат своето образование во најразлични области, бидејќи оваа диплома најлесно се преиначува во останатите научни дисциплини. Јас лично по игра на случајност или судбинска предодреденост се одлучив да се занимавам со логиката и филозофијата на науката. Тоа е делот од филозофијата што е најблиску до науките и математиката. Прашањата што мене ме интересираат се: Што е тоа наука?, Која е врската помеѓу човечкиот ум и науката?, Како луѓето размислуваат и донесуваат заклучоци?, Што е тоа математички број?, Што е систем?, Што е вистина?...

Зошто се одлучивте да студирате на Филозофскиот факултет и како сте задоволни, колку факултетот Ве подготви за професијата?

-Филозофскиот факултет беше единственото место каде што можев да студирам филозофија во Македонија. Зошто токму филозофија? Одговорот би исполнил безброј страници. Главниот мотив беше да се стекнам со изострен увид во сите нешта што се дел од едно општество за да можам фундаментално да ги разберам сите нешта што се случуваат во светот. Воопшто идејата да се занимавам со најдлабоките човечки прашања, да мислам заради самата мисла имаше пресудна важност. Не размислував и не стравував за она што ќе следува по студиите, само го следев срцето. Најзадоволен сум од пријателствата што ги стекнав со колегите. Најубавиот дел од моето студирање беа долгите дискусии за книги и филмови со моите колеги, кои за моја среќа сè уште траат и не гледам причина да запрат. Да се има филозоф за пријател е можеби најубавата работа на светот. Ниту едно прашање не е забрането, а секој одговор е доведен до прашање. Во таква средина човек не може а да не расте бидејќи е постојано поттикнуван да мисли поинаку. Исто така, можам со сигурност да кажам дека односот што професорите по филозофија го имаат со своите студенти го нема на речиси ниту еден друг факултет. Тоа е една врска на меѓусебно учење, расправање, поправање, надополнување и поттикнување. Речиси и не постои формалност помеѓу двете страни, или барем тоа е намерата. Бидејќи сите (и студентите и професорите) „знаеме дека (во суштина) ништо не знаеме“, како што вели Сократ. Оттаму не постои причина ниту една од страните да биде арогантна и надмена. Според мене, тоа се состојките за развојот на еден млад мислител. Од друга страна, состојбата на УКИМ во овие 4-5 години беше на незадоволително ниво. Ужасната бирократија честопати ми беше доволна причина да ги напуштам студиите во целост. Исто така, кога почнував со студии во 2012 година имаше неверојатен наплив на студенти на сите факултети. За жал, тогаш (се надевам не повеќе) особено на Филозофскиот факултет имаше студенти кои не знаеја ни што значи зборот „филозофија“, а сепак имаа дозвола да студираат во државна квота. Конечно, студентите по филозофија се соочуваат со еден особен проблем, а тоа е фактот што големите филозофски дела не се преведени на македонски јазик, па оттаму тие мораат да ги читаат делата на српско-хрватски или на англиски јазик, што неверојатно ја отежнува ситуацијата.

Споменавте дека врската меѓу студентите и професорите на овој институт е посебна. Кои професори најмногу Ве инспирираа во текот на студирањето?

- Пред сè, мојот дипломски ментор, професорката Ана Димишковска, која се занимава пред сè со логиката и епистемологијата. Таа поседува неверојатен спој на бистриот и остар ум на научникот и поетската душа на уметникот. Вистинско отелотворение на филозофскиот идеал. Покрај неа мојата генерација го имаше задоволството да работи со навистина млади филозофи кои нам ни беа асистенти, а сега веќе се професори, меѓу кои Марија Тодоровска, Јасмина Наумовска и Мартин Поповски. Односот со нив, земајќи предвид дека станува збор за мала возрасна разлика, беше навистина непроценлив и непосреден. Не можам а да не ги споменам и професорката Виолета Панзова, која ме воведе во логиката, професорот Ристо Солунчев, со кој ревносно сме дебатирале на предавањата, како и професори од другите институти, како Весна Томовска, Денко Скаловски, итн.

Какви се Вашите планови за иднина, дали можеби повеќе ќе се фокусирате на науката, и каде ќе го продолжите образованието?

- Сакам да го довршам она што го имам започнато, па затоа ќе продолжам на специјализација во областа на филозофијата на науката и логиката. Имав можност да избирам од повеќе странски факултети, а бев особено заинтересиран да ги продолжам моите студии во Франција, но на крајот одлуката падна за Германија. За неколку месеци заминувам на магистерски студии на факултетот „Лудвиг-Максимилијан“ во Минхен, како стипендист на германската влада.

Како млад човек, сигурно имате и некои други интереси. Со што се занимавате во слободното време?

- Откога знам за себе сум растргнат помеѓу најразлични области и колку и да се предадам на филозофијата, мислам дека никогаш нема да бидам целосно задоволен. Сакам да мислам дека филмот е една од моите поголеми страсти и мое скорешно хоби, а можеби и во иднина и некоја напоредна професија. Сметам дека не постои повозвишен повик од повикот на уметникот и неговата мисија да носи убавина на светот. Па оттаму би се занимавал и со режија, глума, сценарио или што и да е од филмскиот свет. Засега останувам со вистината и филозофијата, а можеби некогаш би ја имал честа да работам и во името на убавината.  

Подготвил: Милена Атанасоска-Манасиева

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование