X
 06.07.2017 Живот

Како да му помогнете на вашето дете да го надмине стравот од вода?

Психолозите велат дека стравот од вода е нормален за децата во развој и најчесто се јавува кога децата имаат околу 2 години.


Стравот од вода е особено изразен на големи водни површини, како на пример на море, бидејќи нема јасни граници, па тоа ги плаши децата. Тие имаат страв од неочекуваното, па добро е однапред да се подготват. Психолозите советуваат децата да не се спуштаат нагло во вода бидејќи на тој начин губат контакт со земјата, па тоа им предизвикува страв и паника. Стравот може да се јави и ако детето, на пример, падне на лизгавата површина, односно од лошо искуство.

Причините за страв се различни, но експертите се согласуваат во едно нешто – ако детето панично се плаши од вода, никако да не присилувајте го да влезе во вода со идејата дека ќе се навикне, бидејќи нема.

Психолозите истакнуваат дека е потребно родителот да се обиде на некој начин преку игра да го придобие интересот на детето, а потоа низ насмевка да му покаже дека морето е само едно големо место за играње и дека не треба да се плаши. Родителот, исто така, не треба да покажува вознемиреност бидејќи тоа го зголемува стравот на детето.

Се советува постепено да се влегува во вода. Препорачливо е играње во плиткото на плажата, полека потурајте го детето со вода и поддржувајте го само во она што сака да го прави. Присилното носење во водата нема да биде добро за него бидејќи така само ќе се преплаши. Психолозите сметаат дека некои деца треба да бидат оставени да набљудуваат, па кога ќе видат дека нема опасност, ќе сакаат да влезат во вода.

Секако дека треба да се води сметка и за температурата на водата и за безбедноста на детето. Гумите за пливање и кремот за сончање се многу важни за целокупното  искуство. Исто така, препорачливо е да се избегнуваат поголеми бранови, особено кога детето се учи да плива или има страв од влегување во вода, потенцираат експертите.
Подготвил: Маја Пероска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот