X
 06.07.2017 Образование

Запознајте ја Марија Попризова од Скопје, прогласена за интернационален студентски амбасадор на „Перотис колеџ“ од Солун

Особено ме интересира законската регулатива во индустријата за храна и сметам дека Македонија треба да работи на унапредување доколку сакаме да го фатиме чекорот со европските земји – вели студентката во втора година на Факултетот за менаџмент на храна



Марија Попризова од Скопје е студентка во втора година на Факултетот за менаџмент на храна при „Перотис колеџ“ во Солун, поконкретно International Food and Agribusiness Management (Интернационален менаџмент на храна и агробизнис). Неодамна нејзиниот факултет ѝ го додели признанието „Интернационален студентски амбасадор“, кое се доделува за ширење и поттикнување на мултикултурниот и мултинационалниот карактер и дух на „Перотис колеџ“.

-Тоа им се доделува на студенти што се активни во студентскиот живот и постојано поттикнуваат интегрирање меѓу студентите, преку организирање и учествување во настани. Секоја година двајца исклучителни студенти го добиваат. Често се случува добитници на наградата да бидат еден грчки и еден интернационален студент. Оваа година јас имав чест да бидам добитник на оваа награда. Тоа се должи на мојот труд да бидам активна меѓу другите студенти и да го збогатам нашиот студентски живот. Особено бев активна во започнувањето на работата на дебатниот клуб, кој дотогаш не постоеше на колеџот – вели Попризова.

Факултети.мк: Менаџмент во прехранбената индустрија е интересна насока на која не ѝ се обрнува многу внимание кај нас. Како „Перотис“ и Солун станаа Ваша образовна дестинација?

-Разгледував различни опции за моето понатамошно школување бидејќи ме интересираа токму различните гранки на менаџментот и бизнисот, особено во секторот за храна. Сметам дека кај нас не им се придава доволно значење на ваквите насоки, кои претставуваат интегрален дел во економијата и развојот на една земја, и затоа барав факултети во наша близина. Токму така и го пронајдoв „Перотис колеџ“, кој нуди различни насоки за оние што се интересираат за храна и животната средина, а воедно и за нивната бизнис-страна. Притоа бев добитник и на стипендија од колеџот, со што ми се отворија перспективи да видам како функционира прехранбената индустрија во Европската Унија. Во оваа околина ни се понудени многу шанси за стекнување знаења и затоа сум задоволна од изборот. Наставната програма е многу динамична и вклучува многу практична работа и добра поврзаност со бизнис-секторот. Нашиот колеџ постојано организира посети на индустриски капацитети и компании, со што имаме шанса да ги запознаеме нивниот начин на работа и предизвиците со кои се соочуваат. Ова за мене е непроценливо искуство. Колеџот нуди едукација на три подрачја: Food Science, International Business и Environmental Systems Management. Мојата насока е во подрачјето на интернационален бизнис, а со завршување на едукацијата се добива Bachelor of Science Degree. Предност на колеџот е што се добива двојна диплома од Cardiff Metropolitan University од Велика Британија.



Факултети.мк: Се наоѓате во меѓународна средина. Со оглед на политичката ситуација помеѓу двете земји, која се влече повеќе од 20 години, дали некогаш сте имале непријатност иницирана токму од проблемот со името?

-Во рамките на колеџот преовладува пријатна атмосфера за сите нас, македонски студенти, кои сме третирани на исто ниво како и другите. На колеџот, покрај грчки студенти, преовладуваат Mакедонци и други студенти од балканските земји, а исто така има и американски студенти кои најчесто доаѓаат на студентска размена. Досега не сме биле доведени во непријатни ситуации поради нашето потекло. Сепак, тоа претставува еден проблем кој не може целосно да се игнорира, но генерално во Солун граѓаните се пријателски настроени и имаат отворен однос. Но не можам да кажам дека немало мали исклучоци кон нас како Mакедонци. Прашањето со името е пред сѐ политичко прашање, а доказ за горенаведеното е што најнепристрасно годинава наградата ја добив јас, како студентка од Македонија.

Факултети.мк: На што би се фокусирале професионално после студиите?

-Дефинитивно се пронаоѓам во работите што ги изучувам и затоа се надевам дека во иднина ќе продолжам да истражувам во оваа област, односно во прехранбената индустрија. Во текот на овие две години го сфатив исклучителното значење на храната во нашиот живот и токму затоа мојот интерес е голем. По завршувањето на студиите, и секако во нивниот тек се обидувам да добијам што поголемо практично искуство во прехранбената индустрија, особено во Македонија, во споредба со моето стекнато знаење за европските стандарди. Би сакала во иднина Македонија да го достигне европското ниво во прехранбената индустрија и да се модернизира целиот процес на производство на храна. Особено ме интересира законската регулатива во индустријата за храна и сметам дека Македонија треба да работи на унапредување доколку сакаме да го фатиме чекорот со европските земји.
Подготвил: Сребра Ѓорѓијевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование