X
 07.07.2017 Култура

По повеќе од еден век, откриен е авторот на „Ракописот Војнич“?!


Древен ракопис
(Фото: Wikipedia)

Откриено е дека еден еврејски лекар со италијанско потекло би можел да биде авторот на „Ракописот Војнич“, книга која досега никој не успеал да ја преведе. Имено, ракописот е 600 години стара илустрирана книга, од непознат автор, напишана на непознато писмо и ги излудува научниците повеќе од сто години затоа што не можат да ја дешифрираат. Инаку, книгата го добила својот наслов според Вилфрид Војнич, кој ја пронашол во 1912 година.

Извесно време дури и се претпоставувало дека ракописот е напишан од самиот Војнич за да го подметне како мистериозно дело, но тие сомнежи биле отфрлени откако анализите утврдиле дека користениот пергамент и мастилото датираат меѓу 1404 и 1438 година. Стефен Скинер, експерт-специјалист за ракописи од 15 и 16 век, сега открива дека најверојатно се работи за еврејски лекар од подрачје во северна Италија. Скинер ги проучувал цртежите од книгата и смета дека истите нудат информации за потеклото на авторот на ракописот.

Сликата на која жени се бањаат во зелен базен каде што водата се носи со цевки кои наликуваат на човечки црева, тој ја поврзува со миквите (еврејски базени каде што се изведувале обреди). Имено, бањањето на разголени жени, без присуство на мажи, во тоа време можело да се најде само во Европа, токму во таквите микви. Се смета дека тој цртеж всушност е приказ на иновативниот изум на авторот за ефикасно снабдување на миквите со чиста вода.

Во книгата се прикажани и многу астролошки карти, но и растенија кои се користат во медицински цели, како опиумот и канабисот. Скинер смета дека ова упатува дека авторот всушност бил еврејски лекар и ботаничар. „Иако биле прогонувани за време на инквизицијата, Евреите биле посакувани како лекари поради познавањата на медитеранските растенија“, вели тој. Научникот, проучувајќи го цртежот на дворец кој има специфични ѕидини, го открил и можното географско потекло на авторот.

Се верува дека се работи за ѕидините на Гибелините од 15 век (италијанска политичка фракција од тоа време) кои биле карактеристични само за дворците во Северна Италија. Скинер се надева дека копии од оваа книга, кои наскоро ќе се најдат на полиците на книжарниците, ќе помогнат во дешифрирањето. Исто така, тој се надева дека секој експерт или научник што ќе добие примерок од оваа книга ќе може да препознае некој детаљ од својата област на проучување, и на тој начин да помогне во решавањето на оваа стотици години стара мистерија.
Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура