X
 08.07.2017 Образование

Проф.д-р Оливер Бакрески, Филозофски факултет: Диплома од новата програма Корпоративна и приватна безбедност, ќе носи брзо вработување

Филозофскиот факултет од Скопје на новите студенти од оваа академска година ќе им понуди можност за студирање на нова насока која ќе им ги  отвори вратите за вработување во сектор кој има дефицит од кадар во земјава – приватна и корпоративна безбедност. Професорот Оливер Бакревски, раководител на Институтот за безбедност, одбрана и мир за Факултети мк. објаснува дека Филозофскиот факултет во Скопје перманентно од 1975 година до денес продуцира кадри во областа на одбраната и мирот, а во последните 15 години и во областа на безбедноста.



* Што конкретно ќе им понуди новата програма на студентите?


-Отварањето на новата насока по приватна и корпоративна безбедност е резултат на новата општествена реалност и особено од сознанието дека и во нашата држава има потреба од образување кадри во оваа област. Идејата за воведување на овие академски студии во рамките на Филозофскиот факултет не произлезе исклучиво поради копирање на светските тенденции, туку првенствено поради реалната побарувачка од високообразован и компетентен кадар за приватниот безбедносен сектор во Република Македонија. Сепак, мора да се нагласи дека воведувањето на програмата по Приватна и корпоративна безбедност на прв циклус на студии е во корелација со светските трендови. Веќе две децении европските, американските, како и јапонските престижни државни универзитети развиваат и нудат додипломски академски програми од оваа област како одговор на потребите од сé поприсутната приватизација на безбедносниот сектор во национални и во глобални рамки, каде приватната и корпоративната безбедност денеска регулира голем дел од животот и од бизнисот во многу држави во светот. Бројните примери потврдија дека оваа дејност има широк дијапазон активности, а тоа ја прави комплексна, разновидна и привлечна. Оттука, нема дилема дека корпоративната безбедност игра една од поважните улоги во остварување на безбедноста на државата заедно со главните фундаментални конституенси на безбедносниот сектор, а тоа се полицијата, војската и разузнувачките служби. Ќе потенцирам дека тоа што некогаш беше исклучителен монопол на државните органи, сега по пат на приватизација во неолиберални услови, станува легална функција на многу недржавни субјекти. Исто така би сакал да потенцирам дека ефикасноста во справување со одредени специфични ризици и закани придонесе за подигнување на свеста кај поединците и кај фирмите за корисната функција и за реалната потреба од дополнителна превенција и заштита на нивните лични и заеднички добра, бизниси и имот од различни безбедносни закани. Во тој контекст, Институтот согледувајќи ги новите реалности преку новата студиска програма ќе придонесе за поадекватно и за попродлабочено разбирање на сета сложена и противречна општествена стварност. Тоа е истовремено и процес на континуирано култивирање за значењето на новата безбедносна парадигма, но и за зголемената безбедносна имагинација.

* Какви афинитети и општи познавања треба да имаат матурантите за да ја изберат оваа студиска програма?

- Институтот за безбедност, одбрана и мир е еден од најпривлечните институти за студирање на Филозофскиот факултет во Скопје. Интересирањето за студирање на нашиот институт е речиси на исто ниво како во почетокот од неговото формирање. Тоа се должи пред сè на претпознатливоста на актуелната студиска програма на прв циклус на студии по безбедност, одбрана и мир, но очекувањата се дека истиот интерес ќе биде пројавен и за новата студиска програма по приватна и корпоративна безбедност. Бројот на пријавените кандидати е секогаш за неколку пати поголем од предвидениот број со конкурсот за запишување. Ваквиот интерес не е резултат само на атрактивноста на програмите, туку и на докажаниот квалитет на сите наставници и нивната заложба да се обезбеди потребниот квалитет.

* Општ впечаток е дека малкумина знаат што всушност значи корпоративната безбедност. Вие сте автор и на книга за оваа област. Може ли да дефинираме што точно изучува оваа област?

- Корпоративната безбедност без сомнение е нов концепт кој се грижи за работите поврзани со безбедноста во компаниите и којшто едноставно го дефинираат како заштита на имотот и работењето на компаниите со што би се постигнала поголема превенција и намалување на материјалните загуби заради осигурување на интересите на сопствениците, профитот и имотот од различни опасности. Овој дефинициски пристап не упатува на нашата генерализација дека корпоративната безбедност е фокусирана на процесите и состојбите во определена компанија, односно е приспособена да одговори на структуралните ризици за компанијата, преку примена на определени модели на симулација за спроведување на најдобрата безбедносна практика во компанијата. Во основа, покрај работите на физичко и техничко обезбедување на лица, имот и работење, корпорациската безбедност мора да ги опфати и сите други аспекти на  безбедноста и заштитата, вклучувајќи ги и работите врзани за собирање информации и процена на ризици, заштита од пожари, експлозии и хаварии, заштита на  безбедноста и здравјето при работа итн. Суштината е во тоа дека во деловните субјекти, а пред сè во големите техничко-технолошки системи, мора да се обединат сите работи врзани за безбедноста и заштитата. Во согласност со насоките од Европската унија, во таквите субјекти се инсистира на интегрална безбедност, која во себе ги опфаќа работите од обезбедување во најширока смисла  (security) и работите врзани за заштитата (safety). Заради ваквата комплексност во теорискиот дискурс се смета прашањата за корпорациската безбедност дека се едни од најтешките, затоа што се врзани за управувањето со сите безбедносни процеси во корпорацијата, но ова не значи дека создавањето ваков систем само по себе ќе значи и соодветен придонес за поефикасна заштита на корпорациите од загрозувања кои се насочени кон безбедноста на имотот и кон работењето на компаниите. Сепак, нема дилема дека заштитата на имотот на корпорациите мора да биде врвен приоритет за корпорациската безбедност на компанијата која мора да биде исклучително добро организирана, имајќи ги предвид мотивите на сопствениците на имотот и капиталот да го заштитат и да го сочуваат по секоја цена.



* Каде ќе може да се вработат кадрите што ќе ја завршат оваа насока? 


- Новата студиска програма по Приватна и корпоративна безбедност на идните дипломирани студенти ќе им овозможи да се стекнат со звањето дипломиран менаџер по приватна и корпоративна безбедност. Ако се раководиме на светската пракса по примерот на слични програми организирани од престижни странски државни универзитети ќе се убедиме дека кадрите што завршуваат на вакви насоки немаат посериозни проблеми при нивното вработување. Така, на пример, University of Portsmouth од Велика Британија кој организира слични студии, а морам да нагласам дека програмата е развиена заедно со Секторот за приватна и корпоративна безбедност и е направена според очекувањата кои ги имаат работодавачите за ваков кадар, според податоците дадени од ESCA (European Corporate Security Association), за овој Универзитет, 89 проценти од кадрите кои завршиле високо образование според оваа програма биле вработени на соодветни позиции за не подолго од шест месеци по дипломирањето. Исто така и Универитетот СМЦ од Швајцарија нуди програма за Корпоративна безбедност која е акредитирана и изработена во согласност со процедурите на ACBSP (Accreditation Council for Business Schools and Programs). На оваа програма која постои од 2007 година, дипломирале студенти од над 116 држави од кои 91 отсто се вработиле уште во првата година по дипломирањето. Треба да се нагласи дека содржината на програмата во делот на задолжителни предмети се поклопува со над 70 проценти со нашата студиска програма. Слични се состојбите и со Универзитетите во Барселона, во Берлин итн., кои организираат вакви студии. Оттука, нашите очекувања во однос на вработувањето на овој кадар се големи, а наша грижа е да создадеме квалитетен кадар кој ќе се носи со состојбите и процесите во овој домен, и пред сè кадар кој ќе биде исклучително подготвен и соодветно образуван да ги предводи безбедносните работи во компаниите, во јавните претпријатија, во агенциите за обезбедување итн. Значи, кадрите кои ќе произлезат од оваа насока можат професионално да се вработат во: бизнис секторот, односно во одредени компании и фирми, агенции за обезбедување; јавни претпријатија; соодветни сектори во безбедносните институции; меѓународни воени и безбедносни приватни компании; невладини организации кои остваруваат цели и задачи поврзани со приватната и корпоративната безбедност; научно-истражувачки институции од областа на безбедноста.

* Колку Македонија има потреба од менаџери за корпоративна безбедност во деловниот свет?

-Во Македонија засега не постои ниту една акредитирана програма по приватна и корпоративна безбедност, освен се разбира оваа за која дискутираме која би можела целосно да одговори на новите тенденции и барања особено што ги има бизнис заедницата. Потребата од менаџери за корпоративна безбедност во деловниот свет е голема ако се земе предвид фактот дека овие менаџери имаат специфична улога и задачи почнувајќи од собирање информации и деловно разузнувачко дејствување; подготовка на компанијата за работа во вонредни ситуации; обезбедување и заштита на виталните интереси на компанијата; превенција на инцидентни состојби; управување со ризици во компанијата; извршување задачи врзани со административна безбедност; физичка и техничка безбедност (машини, постројки и објекти); безбедност на имотот и надворешни партнерстава; личнa безбедност (Protective Security) – заштитa на лица и заштита при работа; заштита од пожари; работа во вонредни ситуации; информатичка безбедност; безбедност на менаџерот; безбедност на различни деловни случувања; безбедност на договорени работи со државни структури; истраги (Investigations) - програма за заштита од криминалитет и програма за едукација и развој на безбедносната култура на вработените.

Според тоа, менаџерите за корпоративна безбедност перманентно се вклучени во механизмите на деловното управување така што тие го штитат нормалното одвивање на деловните процеси, отстранува акутни безбедносни проблеми и на вработените им создава адекватни безбедносни услови за работа. Токму во оваа насока се согледува улогата на менаџерот за корпоративна безбедност, односно тој се грижи да оневозможи да дојде до суптилно „губење или топење“ на имотот како последица на разни обиди за оттуѓување и узурпација на имотот, како и намалување на материјалните загуби од различно потекло, настанати како резултат на заканите и ризиците со кои се соочува безбедноста на одредена компанија, фирма или објекти определени како критична инфраструктура.
Подготвил: Милена Атанасоска-Манасиева
Тагови:

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование