X
 12.07.2017 Култура

„Форплеј“ вечерва го отвораат Охридско лето: Преку оркестарот можеме да го почувствуваме духот на овој народ

На програмата на 57. издание на Охридско лето се повеќе од 40 концерти на домашни и странски уметници, 10 театарски претстави и повеќе изложби. Македонија ќе биде домаќин на над 300 врвни уметници, изведувачи и автори од 20 земји од целиот свет



Првпат во 57 години, фестивалот Охридско лето нема да го отвори концерт на класична музика, туку џез концерт. Годинашното издание на фестивалот почнува вечерва, во 21 часот во Античкиот театар во Охрид со светски познатиот смут џез-квартет „Форплеј“ од Соединетите Американски Држави. Раководството на фестивалот, предводено од директорот Оливер Арсовски и селекторите на музичката и на драмската програма, Ѓорѓи Цуцковски и Зоран Љутков најавија спектакл. „Форплеј“ ќе настапат заедно со оркестарот на Македонската филхармонија и диригентот Емин Џијан. Билетите чинат 2.000, 1.500 и 1.000 денари.
„Форплеј“ го сочинуваат: Боб Џејмс (клавијатури), Најтан Ист (бас), Чак Лоуб (гитари) и Харви Мејсон (тапани). Музичарите вчера во вилата „Билјана“ се сретнаа со претседателот Ѓорге Иванов, покровител на фестивалот. Иванов рекол дека овој фестивал дава исклучителен придонес за промовирање на македонската култура во светот и на познатите музичари им посакал успешен настап на отворањето на фестивалот.

- Џезот со својата импровизација, креативност и инструментална посебност, е универзален јазик кој ги поврзува луѓето и кој секогаш оди со стремежот кон слобода и чување на слободата – нагласил Иванив кој е е љубител на оваа музика.
Членовите на „Форплеј“ се заблагодариле за средбата и изразиле особено задоволство што претседателот е голем поддржувач на џез-музиката.

Боб Џејмс на прес-конференција рече дека сите се одушевиле од Македонија, каде настапуваат првпат.
- Чест и задоволство е што ќе настапиме со вашиот национален оркестар. Само на тој начин можеме да го почувствуваме духот на овој народ – рече тој.

Музичкиот селектор Цуцковски рече дека огромна чест е да се најави светски познатиот џез-квартет кој повеќе од две децении ужива уметнички и комерцијален успех на светската сцена. Имаат издадено дузина албуми кои се нашле на врвот Билбордовата листа на современи џез-албуми.

 

На програмата на 57. издание на Охридско лето се повеќе од 40 концерти на домашни и странски уметници, 10 театарски претстави и повеќе изложби. Република Македонија ќе биде домаќин на над 300 врвни уметници, изведувачи и автори од 20 земји од целиот свет, од Кина, Индонезија, САД, Холандија, Италија, Руската Федерација, Австрија, Канада, Полска, Шпанија, Грција, Црна Гора, Хрватска, Турција, Бугарија, Романија, Данска, Ерменија и други земји.

Според директорот Арсовски, во претстојните 40 денови ќе има многу интересни и разновидни настани.
- Првпат во историјата на Охридско лето на свеченото отворање имаме џез-настан, кој предизвика невиден интерес кај публиката. За утрешниот концерт пристигнуваат љубители на џезот од целиот регион – рече Арсовски.

Годинашното издание на фестивалот првпат има мото „Патот до магијата“, а раководството реши и да го смени долгогодишното лого.
Подготвил: Весна Ивановска - Илиевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура