X
 12.07.2017 Образование

Интервју со Викторија Димова, дипломиран инженер по електротехника и информациски технологии: ФЕИТ е дом каде што студентите се подготвуваат за иднината

Кога факултетот добро ги подготвува студентите за идните предизвици во нивното образование, патот до секоја светски призната образовна институција е отворен. Таков е случајот со Викторија Димова, која тукушто дипломира на Факултетот за електротехника и информациски технологии при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“. Таа веќе е на пракса во Дрезден, Германија, односно продолжува со магистерски студии на TUM во Минхен.



-Амбициите и напорната работа ме доведоа дотука. Насоката Компјутерско хардверско инженерство и електроника, на која дипломирав, ми даде цврста подлога на знаења од хардвер, но и софтвер. Затоа можам да се ориентирам во различни правци. Праксата ја извршувам во фирма што се занимава со говорни технологии, а на магистерските студии ќе се насочам кон примена на електрониката и процесирање на сигнали во биомедицинското инженерство – вели таа во интервјуто за Факултети.мк.

Факултети.мк: На ФЕИТ завршивте со просек 9,5. Со оглед на тоа што станува збор за факултет на кој се бара многу знаење и посветеност, како успеавте да го постигнете овој просек?

-За мене факултетот претставува куќа која ги подготвува студентите за предизвиците во иднина. Во тој процес студентите се соочуваат со различни предизвици, но доколку тоа се работи со љубов и постојано се вложува во сопственото знаење, епитетот „тежок“ станува редундантен. Љубовта, како што споменав, и истрајноста се должни за мојот успех на факултетот.

Факултети.мк: Го претставувавте ФЕИТ на многу домашни и меѓународни натпревари, како што се меѓународниот натпревар по LabVIEW, балканското натпреварување „Електријада“, но сте и еден од организаторите на Робомак, а сте биле и претседател на студентскиот разгранок SSCS при IEEE. Како комбиниравте учење, натпревари и приватен живот?

-Со добар менаџмент на времето сé се постигнува. Меѓународните натпревари, работилници и конференции се место каде што се сретнуваат многу луѓе од истата област, разменуваат знаења и градат контакти кои може да бидат многу битни во иднина. Доколку сето ова се круниса со некоја награда, задоволството е посебно бидејќи претставува признание за напорната работа и укажува дека сме компетентни и надвор од границите на нашата држава. Покрај горе споменатите, сум била и на други натпревари и сите ми се еднакво драги. Затоа не би издвоила ниту еден. Што се однесува до претседателството во SSCS (Одделот за полуспроводнички материјали), може да кажам дека тоа ми даде можност за многу блиска соработка со професорите и останатите студенти инволвирани во активностите на IEEE (Институт на инженери по електротехника и електроника). Во моментов активно се работи на организацијата на Робомак, кој претставува најголем настан на нашиот факултет организиран од студенти.

Факултети.мк: Сте биле и на студентска работа во САД преку „Work and travel“. Какво искуство носите оттаму?

-Програмата „Work and Travel“ претставуваше голема школа за мене. Во САД на своја кожа почувствував колку е важно човек да се бори за себе и колку е значајно некој да ја цени вашата работа. На секој студент топло му препорачувам да оди на оваа програма и да се исчеличи како личност.

Факултети.мк: Каде ја гледате Вашата иднина – во Македонија или надвор од државата. И во науката или во производствениот сектор?

-Јас не сум човек кој си го има испланирано цел живот бидејќи одам чекор по чекор. Сега засега приоритет ми е да ја завршам праксата во Дрезден и да почнам со магистерските студии во Минхен, а потоа искуството од праксата и студиите ќе ги искористам за да одлучам во која насока ќе се движам понатаму.

Факултети.мк:. Ваша порака до идните бруцоши на ФЕИТ?

Во изминатите четири години ФЕИТ беше моето семејство. Таму бев во околина на луѓе кои несебично го споделуваат своето знаење и им помагаат на другите. Се изградив како личност и со себе понесов многу убави спомени. Доколку матурантите, покрај учењето од предавања, сакаат да се надградат со знаење стекнато на летните школи организирани на факултетот, да учествуваат на голем број натпревари и притоа зад себе цело време да ја имаат поддршката на професорите, ФЕИТ е вистинското место за нив.


Подготвил: М.Ф.
Тагови:

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование