X
 14.07.2017 Образование

Проф. д-р Никола Дујовски, декан на Факултетот за безбедност-Скопје: „Студиските програми на факултетот за безбедност нудат интерактивен пристап, работа во лабораторија и тренинг-центар“

1

Годинава Факултетот за безбедност-Скопје одбележува 40 години од формирањето, како ќе ги окарактеризирате изминатите четири децении имајќи предвид дека имало и падови, но денес се профилира во најреномирана високо образовна институција од областа на безбедноста?


Факултетот за безбедност од Скопје е формиран во далечната 1977 година, како единствен факултет од областа на безбедноста во поранешна Југославија. Се до 1996 година, на факултетот студирале студенти од Република Македонија и од Србија, Црна Гора, Хрватска, Босна и Херцеговина. Дипломираните студенти биле и се уште се столбот на безбедносниот систем во државата во која работат. Само ќе споменам дека 54 генерали на полициите во државите од поранешната федерација дипломирале, магистрирале или докторирале на Факултетот за безбедност во Скопје. Голем број високи полициски функционери во Република Македонија, поранешни министри за внатрешни работи, директори во полицијата, началници, но и најголем дел од оперативните старешини дипломирале токму на нашиот факултет. Дури и денес, директорите на Бирото за јавна безбедност и на Управата за безбедност и контраразузнавање се дипломирани студенти на Факултетот за безбедност. Не е мал бројот на дипломирани студенти кои своето работно место го нашле и во Министерството за надворешни работи, во дипломатијата, во Агенцијата за разузнавање, оставиле силен белег и во функционирањето на Центарот за управување со кризи, Дирекцијата за заштита и спасување, а денес придонесуваат и за развојот на Дирекцијата за безбедност на класифицирани информации, а некои од нив станаа полициски и воени пилоти. Доколку подетално навлеземе во субјективните решенија во безбедносниот систем на Република Македонија, може да се забележи дека во сите безбедносни институции работат кадри кои во изминатите четири децении ги произвел Факултетот за безбедност. Со својата стручност, професионалност и знаење тие биле, се и ќе бидат дел од развојот и од реформите на безбедносниот систем на Република Македонија. Покрај тоа, дипломираните студенти од факултетот одиграа значајна улога и во формирањето на системот за приватно обезбедување во Република Македонија. Значаен број сопственици, раководители, вработени во агенциите за приватно обезбедување потекнуваат од овој факултет.

Сите факултети од областа на безбедноста во државите од регионот кои се формираа од 1991 година наваму го земаа примерот на Факултетот за безбедност од Скопје и во однос на студиските програми и во однос на пристапот на изучувањето на безбедноста. Солиден број од студентите на факултетот за безбедност денес се декани, продекани, професори на некои од тие факултети.

2

Во својот четиридецениски развој, факултетот оставил силен белег на развојот на науката за безбедноста, преку организирањето на додипломски, последипломски и докторски студии. Уште од формирањето на факултетот предавале и предаваат еминентни професори по криминалистика, право, безбедност. Преку ммнногубројните изданија, порано списанието Безбедност, а денес Годишникот на факултетот, Зборниците од Меѓународната научна конференција и од другите конференции, стручни и научни собири итн. особено се значајни истражувањата што ги спроведуваме, а се однесуваат на суштински активности од секојдневното работење на безбедносните институции.

Денес сме препознатливи и по издавачката дејност. Најголем дел од основната, па и дополнителната литература за прв циклус студии е од наставниците на факултетот. Во изминатите неколку години се обезбеди стабилен начин на финансирање и поддршка на издавачката дејност, факултетот целосно ги покрива трошоците за издавање учебници и учебни помагала. Секој студент на почетокот на семестарот, по исклучително прифатливи цени добива пакет на книги за предметите кои се изучуваат во семестарот.

Факултетот денес спроведува настава на сите циклуси студии. Студентите се во центарот на вниманието и сите активности се насочени кон подобрување на условите за работа и учење. Користењето на современи методи и техники, како и нагледна опрема при пренесување на знаењето е предност со која факултетот се гордее. Вклучен е во бројни домашни и меѓународни проекти и активности, а поврзувањето во регионалните и европските мрежи ни ги отвора вратите за уште позајакнат развој на факултетот.
Имајќи го предвид сето горенаведено, со право можеме да заклучиме дека Факултетот за безбедност остварил значајни резултати со кои придонел да се воспостави, унапредува и развива безбедносниот систем на Република Македонија. Денес, како единица во состав на Универзитетот „Свети Климент Охридски“ од Битола, Факултетот за безбедност придонесува и за развојот на тој универзитет.

Како нов декан на Факултетот за безбедност-Скопје, кои се приоритетите во Вашето идно четиригодишно работење и развој на институцијата?         

Особена чест и привилегија, но и силна обврска е да се биде декан на Факултетот за безбедност, еден од најголемите, најреномираните и највлијателните факултети во Република Македонија.

Со новиот искусен, но и релативно млад раководен тим очекуваме дека ќе постигнеме значајни резултати во развојот на факултетот и негова поголема афирмација во општеството, партнер на безбедносните институции во процесот на реформи за исполнување на обврските од аспирациите на Република Македонија за членство во ЕУ и НАТО. Приоритетите за развојот се планирани во програмата за работа за периодот 2017-2021 година, со чие спроведување очекуваме до 2021 година, Факултетот за безбедност – Скопје да биде иновативна и меѓународно препозната институција за образование, истражување и развој во полето на безбедноста. Нашата основна мисија е да придонесеме за зголемување на стабилноста и безбедноста во општеството преку учење и спроведување на истражувања и развојни активности во полето на безбедноста. Основни вредности кои ќе бидат водилка во наредниот период ќе бидат интегритетот, почитта, професионализмот, отвореноста кон општеството и развојот.

Кога зборуваме за приоритетите на работа, можеме да ги поделиме во две групи, односно приоритети насочени кон студентите и наставници и приоритети насочени кон општеството и меѓународната заедница.

Особено внимание ќе посветиме на осовременувањето на условите за учење и работа. Планираме воведување на во европски рамки добро познатото учење на далечина и е-учење, притоа користејќи ги предностите на информациските технологии, кои несомнено може да најдат значајна примена и во безбедносните науки. Ова ќе овозможи брз трансфер на знаења и можност за користење на последните светски искуства од истражувањата во областа на безбедноста. Претстои и период на повторна акредитација на студиските програми кои се изучуваат на факултетот, во кој процес ќе ги доближиме нашите програми со програмите на сличните универзитети и факултети во регионот и во Европа. Дополнително, ќе подготвиме нова студиска програма за полициски науки која ќе има за цел да ги задоволи потребите на Министерството за внатрешни работи за полициски раководители со продлабочени теоретски но и практични знаења за полициските работи. Подготвувајќи ја оваа програма ќе се обидеме да ги согледаме и да одговориме и на потребите на останатите безбедносни служби кои имаат полициски овластувања, како што се финансиска полиција, шумската полиција, судската полиција, затворската полиција и други. Ќе продолжиме со поддршката за дополнителна стручна и професионална надградба на секој од наставниците и соработниците на факултетот, ќе инвестираме во капацитетите на секој од нас, имајќи предвид дека наставникот може да придонесе во образованието на студентите само ако е во тек со последните светски случувања и настани.

Во однос на приоритетите кон општеството, факултетот ќе настојува преку искуството и знаењето на вработените, да биде дел од процесот на реформи на безбедносните институции и со своите експертизи да помогне во воспоставувањето на стабилен и кредибилен безбедносен систем. Продолжуваме да ја организираме меѓународната научна конференција за безбедност, која оваа година се организираше по осми пат во Охрид, а која со текот на години стана најзначајниот собир на научни работници од областа на безбедноста не само во Република Македонија и во регионот, туку и генерално во европски рамки. Градењето на капацитетите на наставниците ќе го насочиме и во правец на можноста за работа на проекти финансирани од Европската комисија и други меѓународни владини и невладини организации, како и од домашни институции, пред се Министерството за образование и наука.

За да можеме да го поддржиме развојот на факултетот еден од  приоритетите ќе биде формирање на Институт за безбедносни истражувања, квалитет и развој, во чии рамки ќе функционираат:

- Центар за научно-истражувачка работа, кој ќе биде поддржан и од посебен фонд за научно-истражувачка работа,
- Центар за извонредност, кој ќе се занимава со професионален развој, кариера и доживотно учење и усовршување на наставниот кадар и на студентите,
- Центар за комуникации, односи со јавноста и маркетинг,
- Центар за спорт и рекреација.    

Претстојат уписи на нови студенти на студиските програми за прв циклус за новата академска 2017/2018 година. На кои студиски програми сегашните матуранти може да го продолжат своето образование?

Студиските програми на Факултетот за безбедност се подготвени на начин да ги препознаат и исполнат потребите на различните безбедносни институции во државата и можеме да истакнеме дека речиси сите сегменти во областа на безбедноста се застапени на Факултетот за безбедност.

Согласно Конкурсот за запишување студенти во студиската 2017/18 година на Факултетот за безбедност има 660 слободни места за запишување на следните студиски програми:
а) Криминалистика – 240 студенти
б) Безбедност – 120 студенти
в) Криминологија и криминална политика – 120 студенти
г) Безбедност и евроатлански интеграции – 60 студенти
д) Безбедност и финансиска контрола (тригодишни студии) – 120 студенти

Кои се предностите на досегашните студиски програми на Факултетот за безбедност Скопје и што може да се стекне како знаење на новите програми за евроатлантски интеграции, како и досегашната безбедност и финансиска контрола?


3

Постоечките студиски програми им нудат на студентите можност да ги проучуваат прашањата на безбедноста од различни аспекти и да се стекнат со знаења и вештини кои можат да ги користат во развојот на нивната кариера во полицијата и другите безбедносни институции во државата. Преку интерактивниот пристап, соодветните лаборатории и помагала каде нашите студентите стекнуваат знаења, но и преку практичните сценарија кои се спроведуваат во тренинг центарот на факултетот, студентите имаат можност непосредно и во реални услови да се запознаваат со постапките и процедурите на полициското работење. Покрај тоа, користејќи современа домашна и светска литература, студентите имаат единствена можност да ги проучуваат приликите во безбедноста, криминалистиката и криминологијата и активно да учествуваат во процесот на совладување на знаењата. Нашата основна цел е да произведуваме кадри кои на едноставен и брз начин можат да започнат во практиката да ги применуваат знаењата стекнати за време на студирањето.

Особен акцент ќе ставиме на новата студиска програма за Безбедност и евроатлански интеграции, на која оваа година за прв пат имаат можност да се запишат 60 студенти. Групата на редовни студенти ќе биде 30, што остава простор за сериозна посветеност и внимание за секој студент посебно. Цениме дека оваа програма е исклучително значајна за општеството, но и многу атрактивна за студентите. Република Македонија е во значителна фаза од исполнувањето на обврските за членство во евроатланските интеграции. Факултетот за безбедност како општествено одговорна институција ја препозна потребата од стручен профил на дипломирани студенти кои ќе имаат продлабочени познавања од оваа област и во непосредна комуникација со повеќе министерства и државни агенции ја подготви новата програма. Студентите ќе имаат можност да ги изучуваат европските институции, од нивното формирање и развојот, особено безбедносните институции, политики и практики на ЕУ и НАТО, а добар дел од програмата е посветен и на потребите со кои ќе се соочи Република Македонија на патот кон полноправно членство во НАТО итн.

Практичната работа на студентите на Факултетот за безбедност е на задоволително, па би рекле и високо ниво. Потпишаните договори со бројни министерства и други државни институции, отвора можност студентите да се запознаат со начинот на работа и функционирањето на повеќе од нив. Па така, во летниот период, сите студенти во градовите од кои потекнуваат или таму каде што ќе изразат подготвеност, поминуваат најмалку 20 дена практична работа во подрачните единици на Министерството за внатрешни работи. Потоа, по неколку дена поминуваат и во други институции, како Управата за финансиска полиција, Управата за јавни приходи, Царинската управа, повеќе дирекции и агенции во системот на националната безбедност, но и странски владини организации со седиште во Скопје, како MARRI центарот, Меѓународната организација за миграции и слично. Значајно е да истакнеме и дека потпишаниот договор за соработка со Комората за приватно обезбедување на Република Македонија остава простор за практична работа на студентите и во Агенциите за привано обезбедување.

Од минатата година, особено внимание посветуваме на клиничката настава на факултетот, преку која бројни истакнати стручњаци од практиката држат настава за студентите на факултетот, а истовремено студентите имаат можност да ги посетат институциите каде овие лица работа и непосредно да се запознаат со процесот на работа.

Дополнително, обуката за логорување која ја спроведуваме секоја година со Посебните единци на полицијата, предизвикува особен интерес кај студентите и дава белег на студирањето.

Имавте серија средби со првите луѓе на министерствата и агенциите од безбедносниот систем на Република Македонија, кои се главните заклучоци и на што заеднички ќе работите?


Како нов раководен тим на Факултетот, свесни сме за потребата да дадеме придонес во реформите во безбедносниот сектор. Токму затоа во изминатиот период остваривме повеќе средби со надлежните министри и директори на кои ја истакнавме нашата подготвеност активно да се вклучиме во реформите на безбедносниот сектор кои ќе претстојат. Остваривме средба со заменик претседателот на Владата и Министер за внатрешни работи г-н Оливер Спасовски, со заменик претседателот на Владата и Министер за одбрана м-р Радмила Шеќеринска-Јанковски, со Директорот на Агенцијата за разузнавање д-р Зоран Иванов. На сите средби ги запознавме соговорниците за приоритетите за развој на факултетот, за можностите за меѓусебна соработка, за начините на кои факултетот може да помогне во процесот на евроатлански интеграции, но и за можноста за што поголема препознатливост и можност за вработување на дипломираните студентите на Факултетот за безбедност. Отворени беа прашањата за заедничка работа на проекти од взаемен интерес, а пред се давање на стручна и научна анализа на прашањата од областа на безбедноста со кои институциите се соочуваат, спроведување на истражувања за движењето на стапката на криминалитетот, потребните чекори за исполнување на критериумите за членство во ЕУ и НАТО, но и зајакнувањето на капацитетите на државата во делот на разузнавањето итн.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование