X
 17.07.2017 Култура

Вештачкиот рај на Шарл Бодлер


Шарл Бодлер

Шарл Бодлер е типична градска фаца, првиот поет на велеградот, зависник од градските пороци, полн со презир кон граѓаните околу себе. Бодлер е девијација на природното кое во неговиот систем на вредности е врв на сѐ што го доживува како вулгарно.

Според Бодлер, доблестите се сосема неприродна појава, па така и сѐ што е природно треба да се отфрли како нешто што на човекот му ја одзема посебноста. А посебноста е она од што се хранела неговата суета целиот негов живот, не заради поза, туку од желба дека низ таа необичност и исклучителност ќе ја надмине баналноста на човековиот живот, што ја гледал секаде околу себе и од која му се гадело.

Баналноста му го предизвикувала чувството на сплинот, тоа елитно доживување на мачнина од животарењето што е својствено за големите духови и кое се лечи со уметност и со пороци, или барем постои обид за лекување.

Сплинот е досада и ужаснатост од предвидливоста на секојдневието, вечна тага и сентименталност за ѕвездени моменти на човечкиот род, неиздржливост од секојдневниот ритам на животот кој заспива во својата хармонична монотонија. Истовремено, сплинот не е ништо од тоа, туку нешто што не може да се дофати со зборови, бидејќи не се дораснати на тоа елитно и макотрпно чувство на мачнина својствено за избраните духови.

Од своето проклетство, сплинот, кое е проклетство и на сите луѓе што се осмелуваат да погледаат со поостро око во своите животи, Бодлер ја создал својата поетика. Поетот на велеградот, вљубеник во мачките и проститутките, уживател на апсинт и опиум, „сопственик“ на сифилис, задоен католик на луциферовска фигура полна безбожен бунт, некрунисан париски принц на темнината, прв помеѓу отфрлените и прогнатите од татковата прегратка и светлоносец на новата поезија.

Животот на Шарл Бодлер од најмладите денови е извонредна песна во неправилен стих, пишувана на неакадемски јазик полн со вулгаризми и спротивставувања на сите правила на стилот, и отвора нови хоризонти.

Во текот на детството, две нешта биле од пресудно значење за формирањето на личноста на Бодлер. Пред сѐ била раната смрт на неговиот татко и омразениот очув за кој се омажила неговата мајка, а потоа и строгото католичко воспитување.

Наспроти сите богохулни постапки и верувања на поетот, католицизмот е присутен во неговата поезија како мајчин јазик, против кој може да се пишува исклучиво на тој јазик. Мотивите, метафорите, стравовите и предметите на омраза и обожавање во Бодлеровата поезија доаѓаат од католицизмот. Презирот кон секојдневието, чувството на сплинот како резултат на копнежот за нешто повозвишено што го очекувал од животот и од човекот, свој корен имаат во христијанските проповеди и високите католички катедрали; во моментот кога животот не ја имитирал проповедта, и едното и другото биле презрени како последна лага. 

Веќе на 18-годишна возраст Шарл Бодлер вриел од ужас кон градскиот живот кој единствено го вреднувал поради бенигното задоволство од конформизмот. Малку пишувал песни, малку се опивал на познатите боемски места во Париз, живеел целосно како боем, се облекувал елегантно, се однесувал отмено, а сепак секогаш со себе водел проститутка како придружничка.

Во обид да го оттргне од „лошото друштво“, неговиот очув го пратил на патување низ светот. Бодлер бил воодушевен од Маврициус, таму го запознал задоволството од опиумот и хашишот, а оттаму довел и мулатка која му била љубовница. Парите од татка си ги трошел немилосрдно, влегувал во долгови, имал обиди за самоубиство, го преведувал По за да ги отплати долговите и на тој начин му ја отворил европската книжевна врата на овој американски поет.

Гладот за шокирање му бил огромен – ја обоил косата во зелена боја (омилената боја на париските боеми и на апсинтот), лажел дека е полициски шпион, дека е хомосексуалец, дека го убил и го изел својот татко.

За опивањето

Треба секогаш да се биде пијан. Сѐ е тука: тоа е единственото прашање. За да не го чувствувате страшното бреме на Времето кое ви ги крши плеќите и ве свива кон земјата, треба без престан да се опивате. А со што? Со вино, поезија или доблест, како ви е волја. Но, опивајте се. Па ако кога било се разбудите на скалите на некакви палати, на зелената трева, во мрачната самотија на својата соба, кога пијанството попуштило или исчезнало, прашајте го ветрот, бранот, ѕвездата, птицата, часовникот, сѐ што брза, сѐ што кружи, сѐ што брмчи, сѐ што пее, сѐ што зборува, прашајте колку е часот; и ветрот, бранот, ѕвездата, птицата, часовникот ќе ви одговорат: „Време е да се опиете!“ За да не бидете маченички робови на Времето, опивајте се; опивајте се без престан! Со вино, поезија или доблест, како ви е волја.


Оваа песна е Бодлерово „верују“. Бодлер не е пијаница, ни наркоман како што сакаат да го претстават моралистите. „Опивањето“ како порок, за него е ескапизам од светот на баналното кое не умеел да го преброди на друг начин.  
Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура