Фото: Adrian Sheratt
14-годишните Хана Кокс и Либи Ширнија признаваат дека беа малку изненадени кога нивното училиште најави нови строги правила за мобилните телефони, паметните часовници и „Фитбит“ мониторите за активност.
„Реакцијата не беше позитивна. Но потоа разговаравме за тоа, па одлучив дека е добра работа. Најлошото нешто е кога разговараш со некоја личност, а таа зјапа во телефонот и лизга по екранот“, вели Либи.
Хана вели дека е збунувачки кога човек се обидува истовремено да води разговори на три различни социјални платформи. „Подобро е да разговараш со пријателите во живо“, вели таа.
Училиштето на Либи и на Хана во Глостершир се најде на насловните страници од весниците откако забрани мобилни телефони. Она што го привлече вниманието беше идејата дека потегот беше делумно поради загриженоста дека некои девојки станаа опседнати со броењето на чекорите и калориите и поради тоа прескокнуваа оброци за да се осигураат дека ги исполниле своите цели.
Но потегот не беше поттикнат само од оваа причина. Училиштето, академија првенствено за девојчиња, беше загрижено дека мобилните телефони доведуваат до зависност од социјалните медиуми.
Кога учениците ќе се вратат од летниот распуст, на девојчињата од седмо до деветто одделение нема да им биде дозволено да ги користат своите уреди во текот на училишниот ден. Оние од десетто и единаесетто одделение ќе можат да ги користат само за време на ручекот, додека учениците од „шестата форма“ каде што се вклучени и момчиња, ќе можат да ги користат телефоните освен на часовите.
Фото: Adrian Sheratt
Средното училиште „Страуд“ брзо стана пионер во својата решеност за решавање на проблемите предизвикани од мобилните уреди. Училиштето исто така започна да работи и со локалните основни училишта, како и со службите за ментално здравје и локалната самоуправа со цел да изготви програми и стратегии насочени кон справување со проблемите предизвикани од социјалните медиуми.
„Девојките постојано се споредуваат меѓусебно. Таа има подолга коса, поруса коса, подобра облека“, вели заменик-директорката Синди Пријд. „Луѓето само ги објавуваат добрите делови од својот живот. Таа постојана споредба е многу штетна“, додава таа.
Претходно оваа година училиштето спроведе истражување кое покажало дека речиси три четвртини од учениците постојано ги проверуваат или одговараат на социјалните медиуми. Повеќе од половина од децата ги земаат мобилните телефони во својот кревет. Но статистиката што ја вознемири Прајд беше дека повеќе од половина од учениците на возраст од 11 до 14 години велат дека сакаат да имаат поголема контрола над нивната употреба на социјалните медиуми.
„Тие сакаат поголема контрола, но очигледно не знаат како да го направат тоа - инаку би го направиле. Затоа ние се обидуваме да им помогнеме. Училиштето е место каде што ученикот треба да научи, да се забавува, да има автентични пријателства, а не да зборува со своите другари што се наоѓаат во истата соба преку ’Снапчет‘“.
Околу 400 ученици и возрасни во училиштето „Страуд“ зедоа учество во неделната „дигитална детоксификација“ кога се откажаа од своите уреди и дома. Предностите што девојчињата ги пријавиле вклучуваат и повеќе слободно време и помалку стрес.
16-годишната Џес Аурстон е дел од учесниците во еднонеделната дигитална детоксификација. „Не беше толку тешко колку што мислев дека ќе биде. Првите неколку дена ми беше чудно, но до крајот на неделата телефонот воопшто не ми недостигаше“, вели таа.
Џес додава дека нејзината работа на училиште е далеку подобра.
„Порано се борев со домашните задачи. Обично пишував една реченица и го проверував ’Снепчет‘. Домашното за кое беше потребен половина час за пишување, мене ми одземаше час и половина. Неделата кога се откажав од мобилниот телефон јас ја имав најдобрата домашна задача. Не бев уморна. Обично кога ќе легнев, легнував со телефонот в рака и поминував еден час со него. Оваа недела спиев цели осум часа, па се будев чувствувајќи се подобро, што беше навистина шокантно“, вели таа.
„Образованието е решението. Предизвикот е да се промени начинот на кој размислуваат луѓето. Самата технологија не е проблемот - проблемот е како луѓето ја користат“, додава таа.