X
 18.07.2017 Живот

Злоупотреба на платежна картичка може да ви се случи и кога повлекувате пари од банкомат

Иако Македонците сè повеќе ги користат платежните картички при секојдневното плаќање, најголем дел од нив ги употребуваат за вадење пари од банкомати, односно повеќе плаќаат со готовина. Во Европската Унија, пак, граѓаните главно ги користат картичките за плаќање во трговијата. Но, злоупотреба на платежна картичка може да ви се случи и кога вадите пари од банкомат и кога плаќате преку интернет. 



Од Министерството за внатрешни работи велат дека, за жал, се зголемуваат кривичните дела изработка и употреба на лажна картичка, а со тоа и бројот на злоупотребени граѓани. Земањето податоци од вашата сметка со т.н. „скимер уреди“ и крадењето податоци при купување од интернет-страници се најчестите начини на злоупотреба на платежните картички. Во текот на 2016 година се регистрирани 13 кривични дела изработка и употреба на лажна платежна картичка каде што сторителите преку интернет на различни начини, преку употреба на соодветни технички уреди, прибавувале банкарски податоци од странски државјани. Потоа ги употребувале како вистински платежни картички и правеле нелегални трансакции.

Од МВР објаснуваат дека злоупотребите се прават на различни начини, а најчесто преку „скимер уреди“ кои крадците ги поставуваат на банкоматите. Овие уреди се состојат од два дела, камера и читач на податоци од магнетната лента на самата картичка. Камерата ја поставуваат на различна страна, зависно од банкоматот, за да се сними ПИН-кодот.
-Вака украдените податоци се користат за вршење нелегални трансакции на интернет или се изработуваат фалсификувани платежни картички со кои нелегално се подигнува готовина од банкоматите. Друг начин на крадење податоци од платежни картички е при купување од интернет, односно доколку се прави трансакција преку лажна интернет-страница т.н. „Fishing“ страница, која е идентична со оригиналната. Граѓаните не ја забележуваат разликата и ги внесуваат податоците, со што истите одат во рацете на криминалците – велат од МВР.

„Скимер уредите“ ги има и во Македонија. Лани е откриена криминална група од шест члена која во 13 наврати поставила вакви уреди на банкомати во Куманово, Битола, Охрид, Штип, Скопје, Прилеп и во Тетово. Тие успеале од 209 картички да извршат 201 нелегална трансакција и украле повеќе од милион денари.

Дали постои начин да се заштитите? Најважно е да внимавате при трансакциите на интернет. Да не нарачувате производи од непроверени страници, внимателно да го притискате ПИН-кодот на вашата картичка и никако да не им го давате на други луѓе. Запишувањето на ПИН-код е исто така лоша идеја, едноставно запаметете го. Еве неколку совети од Стопанска банка - Скопје.
-ПИН-кодот не чувајте го заедно со картичката. Никогаш не запишувајте го кодот, едноставно меморирајте го. Ако морате да го запишете, не чувајте го во паричникот, или на самата картичка. Никогаш не давајте го ПИН-кодот. Никој од финансиска институција, полиција или продажно место не смее да ве праша за вашиот код. Кога подигате готовина од банкомати, осигурете се дека никој не може да го види ПИН-кодот или износот на трансакцијата. Немојте да ги пребројувате парите додека стоите пред банкоматот, туку веднаш приберете ги парите, картичката и извештајот. Чувајте ја картичката како да е готовина. Никогаш не оставајте ја во возило, на маса во бар, ноќен клуб или на плажа – велат од Стопанска банка.

Според последната публикација на Народната банка за платниот промет во 2016 година, македонските граѓани повеќе плаќаат со готовина отколку со картичка. Анализите за користењето на платежните картички покажуваат дека и покрај нивната зголемена употреба во последниот период, навиките на домашните потрошувачи отстапуваат од навиките на корисниците во ЕУ. Употребата на платежните картички во земјава сѐ уште првенствено се однесува на повлекување готовина од банкоматите, за разлика од европските земји каде што плаќањата во трговијата имаат високо учество. Бројот на трансакции со домашни платежни картички остварени во трговијата во Македонија изнесува 18 трансакции по глава на жител, што е пониско за два и пол пати во споредба со земјите од Централна, Источна и Југоисточна Европа (45 трансакции по глава на жител) и неколкукратно пониско во однос на старите земји членки на ЕУ (102 трансакции по глава на жител).
Подготвил: Милена Атанасоска- Манасиева

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот