X
 19.07.2017 Образование

Македонски училишта - финалисти на фестивал за едукативни филмови во Србија

Три основни училишта од Македонија се финалисти на фестивалот за едукативни филмови КРЕФ, што се одржува во Лесковац, Србија. Основните училишта „Св. Климент Охридски“ и „Дане Крапчев“ од Скопје и „Гоце Делчев“ од Битола се во потесната селекција за награди на натпреварот, кој има регионален карактер



КРЕФ е отворен за сите јавни и приватни основни училишта, наставници од Србија, Македонија и сите други основни училишта на меѓународно ниво. Од годинава фестивалот е отворен и за градинки, средни училишта, факултети. Доделувањето на наградите ќе биде на 28 и 29 септември, во Народниот театар во Лесковац.

Училиштата мора да бидат во чекор со времето во кое живеат нивните ученици и со нивните интереси. Затоа, сакаме да им се приближиме и да им покажеме дека сме во истиот век, а не во расчекор. За време на реализацијата или креацијата на филмовите, неопходна е тесна соработка на учениците помеѓу себе, учениците и наставниците, како и наставниците меѓусебно, велат организаторите.

Носечка тема на видеоспотот зад кој стои училиштето „Св. Климент Охридски“ од Скопје (населбата Бутел) беше среќата, а беше снимен врз основа на песната Happy од Фарел Вилијамс. Посреќни ученици и наставници значат поуспешна комуникација во училиштето. За среќа говорат насмеаните и разиграни детски лица што ги има на видеото, вели директорот Златко Тапчановски.



-Учењето може да виде здодевно, обично и креативно, како и реализацијата на целите од редовната програма. Тргнувајќи оттука, нашето училиште учествуваше на КРЕФ. Едукативните филмови претставуваат музички спотови, а нивната цел е да се промовираат училиштето и училишната клима, условите за работа, работата на секциите, персоналот во училиштето, способноста за тимска работа на сите вработени. Сето тоа зачинето со креативност, едноставни или сложени сцени, костими, танц... Снимањето на ваков спот подразбира сериозна подготовка и координација со сите учесници. И сето тоа тоа не смее да биде со никакви грешки, односно дозволени се само три пресеци за времетраење на целиот видеоспот, кој не смее да биде подолг од 6 минути. Јас сум многу задоволен зашто снимањето на нашиот видеоспот беше околу еден час. Се надеваме на најдобри резултати на финалето во Лесковац – изјави Тапчановски.



Креативниот тим на училиштето „Гоце Делчев“ го подготви својот спот на песната „Ледена медена“ од Тоше Проески, додека „Дане Крапчев“, на своја композиција.
Подготвил: Сребра Ѓорѓијевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование