X
 24.07.2017 Образование

Проф. д-р Ѓорѓи Маркоски, раководител на Институтот за математика: МОН четири години не финансирало ниту еден научен математички проект

Добар математичар може да се вклопи во скоро секоја работа. Најмногу од дипломираните студенти на Институтот за математика се вклучени во наставниот процес во сите нивоа и на сите континенти. Многу од нив работат во банки и во други финансиски институции, работат како програмери.



Ние, како Институт, сме подготвени да се соочиме со секакви предизвици и да работиме на создавање добри математичари, вели проф. д-р Ѓорѓи Маркоски, раководител на Институтот за математика при Природно-математичкиот факултет во Скопје. Со него разговараме за студиските програми што ги нуди Институтот, но и за други горливи прашања во нашиот образовен систем.

Факултети.мк: Се наближуваат уписите за новата учебна година. Што ќе им понуди Институтот за математика на новите студенти?
- На Институтот за математика при Природно-математичкиот факултет се нудат четири студиски програми за студии по математика, и двопредметни студии по математика-физика и математика-информатика. Повеќе информации може да се видат на http://im-pmf.weebly.com/. Освен студиските програми, Институтот нуди отвореност, комуникативност, срдечност, исклучително продлабочена соработка со наставниот кадар, голем библиотечен фонд и соработка со голем број институции од државата преку практична настава.

Факултети.мк: Каков беше интересот за оваа наука минатата година и на која насока најмногу се запишуваат новите студенти?
- Минатата година се запишаа околу 40 студенти. Тоа беше зголемување за околу 20 отсто во споредба со годината пред неа. Најголем интерес владееше за насоките наставна математика и математичка економија.

Факултети.мк: Во едно интервју направивте паралела за интересот на студентите за математика на почетокот на 90-тите години и во една година кога се пријавиле само 12 студенти. Што се случи? Зошто толку рапидно падна интересот за овие студии?
- Можам да изнесам само своја лична претпоставка. Нашите студенти генерално го насочуваа интересот кон наставна и теориска насока. Едните најчесто се подготвуваат за настава во основните и во средните училишта, а другите за научна работа проследена со настава за студенти. Пред годината во која се запишаа само 12 студенти, имаше неколку последователни години во кои дипломираа и по 60 студенти. Од друга страна, бројот на вработувања се намали. Сметам дека потребата за кадар и реалната побарувачка на пазарот на трудот се реалната причина за намалувањето.

Факултети.мк: Каква е ситуацијата во последните години?
- Последниве години интересот се зголеми. Така скоро секоја година имаме одредено зголемување на запишаните студенти.

Факултети.мк: Од Вашето досегашно искуство, што најмногу ги мотивира студентите да покажуваат добри резултати?
- Веројатно најмногу ги мотивира желбата за знаење. Не помала улога во мотивацијата кај нашите студенти е огромниот ангажман на вработените, анализите што ги правиме по спроведените анкети, соработката со студентските организации, учествата на студентски натпревари, вклучување во системот на натпревари за основно и средно образование и реализацијата на практична настава со институции од сите сфери на општеството.

Факултети.мк: Кои се нивните перспективи во понатамошната кариера? Имате ли некаква евиденција што најмногу работат дипломираните математичари?
- Најмногу од дипломираните студенти се вклучени во наставниот процес во сите нивоа и на сите континенти. Многу од нив работат во банки и во други финансиски институции, работат како програмери. Мислам дека добар математичар може да се вклопи во скоро секоја работа. За некои од нив може да се види делот со алумни на нашата интернет-страница.

Факултети.мк: Математиката е егзактна наука. Ако се направи пропуст во еден период од образованието, основно или средно, потешко се надополнува материјалот што следува. Колку се математички писмени бруцошите и на што се должи тоа?
- Математичката писменост во различни делови од образовниот процес различно се дефинира. Со оглед на тоа што долги години не постојат приемни испити при уписите на Институтот за математика, ние сме соочени со прием на ученици со положена државна матура. Така, тешко е да се каже колкави се математичките знаења при запишувањето. Сепак, впечаток е дека тоа ниво на знаење е намалено во последниве години. Мислам дека тоа се должи на малиот фонд на часови во основно и во средно образование, како и на големиот број предмети во секоја учебна година и големиот број ученици во класовите.

Факултети.мк: Во изминатите шест месеци www.fakulteti.mk разви широка полемика околу образовната програма работена според Кембриџ. Просветните работници имаа големи забелешки околу начинот на кој првачињата учат математика (во смисла дека децата не се запознале со бројките, а веќе треба да учат собирање и одземање). За неколку години, какви бруцоши очекувате од генерациите што учеле математика според програмата Кембриџ?
- Се надевам дека годините поминати во средното образование ќе ја намалат штетата предизвикана од образовната програма според Кембриџ. Жалам што гласот на просветните работници не се слушаше при воведувањето и реализацијата на таа програма. Ние, како Институт, сме подготвени да се соочиме со секакви предизвици и да работиме на создавање добри математичари.

Факултети.мк: Политичките промени во земјава допрва ќе носат новини на секое поле. Владата веќе најави дека со ребалансот на буџетот Министерството за образование и наука ќе остане покусо за 22 милиона евра. Што ќе изгуби науката (математиката)?
- Не знам за што биле предвидени тие 22 милиона евра. Немам впечаток дека и досега се издвојуваа средства за Институтот за математика, освен средствата за плати. Откако сум раководител на Институтот (скоро четири години), нема научни проекти финансирани од МОН, нашите научни патувања и учества на конференции често сами ги финансираме, издавачката дејност е сведена на минимум. Според тоа, ние ништо не губиме со кратењето на буџетот затоа што скоро ништо немало и пред тоа.

Факултети.мк: МОН соопшти дека го подготвува новиот закон за високо образование. Според Вас, на што треба најмногу да се обрне внимание?
- Пред сѐ, очекувам широка дебата со сите засегнати страни со законот. На тој начин ќе се направи закон кој нема да треба да се менува за кратко време и ќе биде рамка за успешно функционирање на високо образовните установи. Во согласност со условите (пред сѐ финансиски) во високото образование во Македонија треба да се направат и критериумите за избор во наставни звања, начините на студентското организирање. Потребно е и да се смени начинот на финансирање на високото образование. Ова се главните очекувања од новиот закон.
Подготвил: Весна Ивановска-Илиевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование