X
 01.08.2017 Технологија

Кој сака да ја уништи најпознатата страница за проверка на информации?


Логото на Snopes
(Фото: Snopes.com)

Интернет-одредницата Snopes.com својата промоција ја имаше во далечната 1994 година, а денес не само што е најстарата туку е и најпопуларната веб-страница за проверка на точноста на информациите. Меѓутоа, постои сериозна можност сè да пропадне поради правни перипетии, или поточно – кавгите меѓу поранешните сопружници.

Малкумина искусни интернаути не ја посетиле страницата Snopes.com за да дознаат дали некаков урбан мит, тврдење или некаква политичка порака е точна или не. Повеќе од дваесет години Snopes на овој или на оној начин се обидува да ја утврди точноста, а моменталната популарност му е на самиот врв, особено во ова време на политички хаос – главно преку океанот.

И додека некогаш разбиваа митови што главно беа праќани преку циркуларни е-пораки, денес се анализира секоја повпечатлива и поконтроверзна одлука на политичарите и на јавните личности, како и критиките, критиките на критиките и така натаму. Многумина во последно време почнаа да го обвинуваат Snopes дека инклинира кон една политичка страна повеќе отколку кон друга...

Како и да било, Snopes.com денес е вонредно важна одредница за проверка на информации, а тоа го увидоа и од „Фејсбук“. Компанијата на Марк Закерберг одлучи да го искористи Snopes како еден од арбитрите во процената колку некои новини на популарната социјална мрежа се вистинити или не.

Snopes всушност не го уништува политиката

Токму поради популарноста во политичка смисла, Snopes и тоа како се најде на мета на многумина, па би било логично да се помисли дека паричните проблеми се резултат на некаков политички притисок. Можеби некој злонамерен републиканец се одлучил со волшебно стапче да го уништи изворот на средства за страницата – рекламите.

Но таквата насока на размислување е сосема погрешна. Сите проблеми на оваа страница за проверка на вистинитоста на информациите всушност се предизвикани со правна битка меѓу поранешните сопружници што го создадоа Snopes.com.

За жал, ова е крајно поедноставен приказ на работите.

Компанијата, која нуди веб-решенија, хостинг и поддршка за огласување на Snopes.com, Proper Media, во мај оваа година одлучи да покрене тужба против компанијата Bardav, која всушност е и сопственик и управител на интернет-страницата Snopes. Следниот месец и Bardav покрена контратужба.

Давид Микелсон, основачот на страницата Snopes, тврди дека не добил приходи од огласувањето на компанијата Proper Media од февруари оваа година и дека страницата ќе мора да биде изгасната ако не се најдат нови извори на приходи. Proper Media пак тврди дека тие не се само продавач на веб-услуги, туку имаат и 50-процентен дел во компанијата Bardav како резултат на купувањето удели од страна на Барбара Микелсон, поранешната сопруга на Давид.

Ви звучи комплицирано?! Но ова е само врвот на ледениот брег.

Сапуница во ново, онлајн-руво

Proper Media тврди дека Давид Микелсон во изминатите години развил „долгорочна шема за прикривање и проневера за да се здобие со контрола над компанијата и го исушил профитот што го создавале“.

Од друга страна, Микелсон тврди дека него и Snopes, компанијата Proper Media ги „држи во заложништво затоа што не исплаќале приходи од огласување“.

Иако бурата околу Snopes дури сега почнува да се разгорува, уште во декември минатата година некои медиуми пишувале за разводот на Микелсонови, кој бил придружен со „низа истрели од двете страни“.  Барбара од судот барала да му се блокира пристапот до банкарската сметка на Давид, затоа што наводно „проневерил 100 илјади долари, финансии на компанијата, кои ги потрошил на проститутки и за лични трошоци“. Ни тој не ѝ останал должен затоа што тврдел дека Барбара украла повеќе милиони од заедничките банкарски сметки за да купи недвижнина во Лас Вегас.

Месечната плата на Давид од 20.000 долари, според неговите наводи, е „дебело под индустрискиот стандард“, па побарал повеќекратно повисок износ, а со оглед на тоа дека Барбара била овластено лице за исплата на плати, уште во 2016 година станало јасно дека работите зачкрипеле и во тој сегмент.

Бракот е службено раскинат уште во 2015 година, но целиот процес трае и ден-денес, барем во една смисла. Најстрашно е што всушност тој влијае врз одржливоста на страницата Snopes, која барем од идејна гледна точка е одлична работа за денешниот интернет-свет.

Привремена рака за спас – читателски донации

За да не згасне Snopes и за да ги покрие судските трошоци, Микелсон побара од читателите помош во собирање средства преку GoFundMe. Само за четири дена, повеќе од 23.000 читатели донираа над 666.000 долари до моментот на пишувањето на текстот, иако иницијална цел беа половина милион долари.

Ова ќе обезбеди постоење на сервисот барем уште некое време, затоа што Микелсон наведува дека Bardav месечно троши по 165 илјади долари за одржување на Snopes.com.

Интересно е дека во описот на кампањата на GoFundMe стои дека Snopes.com е отсечен од приходите од огласувањето, иако судот во Сан Диего претходно одлучи дека Proper Media треба да исплати 100 илјади долари на име покривање на трошоците за огласување на Snopes.

Судскиот процес ќе продолжи на 4 август, но што повеќе трае процесот, повисоки ќе бидат и трошоците.

За Snopes.com, сега би било идеално да ги искористи сопствените ресурси и фактички да ја утврди својата сопственичка структура. Можеби сепак не е (пре)доцна.

Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Технологија