X
 03.08.2017 Култура

На брегот на Црвеното Mоре се создава вистински рај – туристички комплекс голем колку Белгија


Црвено Море
(Фото: Twitter)

Саудиска Арабија почнува голем туристички проект кој предвидува 50 острови и други локации на брегот на Црвеното Море да се претворат во луксузни ресорти, пишува Би-би-си.

Властите се надеваат дека така ќе привлечат странски и домашни гости, во рамките на диверзификацијата на стопанството, предизвикана од драстичниот пад на цените на нафтата.

На странците што би го посетиле ресортот би им се олеснила процедурата за добивање визи, но засега не е познато дали ќе се олеснат и строгите правила за облекување и останатите рестрикции.

Во Саудиска Арабија се забранети алкохолот, кината и театрите.

Изградбата на ресортот би требало да почне во 2019 година, а се проценува дека ресортот по површина ќе биде поголем од Белгија. Во првата фаза се очекува до 2022 година да се изгради и нов аеродром, но и нови луксузни хотели и останати видови сместување.

Во Саудиска Арабија веќе пристигнуваат милиони странски гости заради работа или аџилак во Мека.

Но, строгите верски и општествени правила, кои се рефлектираат во изградбата и околината, се покажуваат како непривлечни за туристите.


Сега, кога цената на нафтата континуирано паѓа, забрзано се бараат нови извори на приходи, а туризмот е клучен елемент на новата економска и општествена визија.

Туристичкиот проект е дел од планот „Визија 2030“, на кој инсистира престолонаследникот Мохамед бин Салман.

Според тој план, ресортите ќе се градат на 125 километри на западниот брег од Црвеното Море.

Меѓу атракциите ќе бидат и заштитените корални гребени и паркови на природата со ретки диви животни, како арапскиот леопард и сокол.

Посетителите, исто така, ќе можат да ги посетат и останките од древниот град Мадаин Салех, кој се наоѓа на списокот на светско културно и историско наследство на УНЕСКО, но и да скокаат со падобрани, да планинарат и да се искачуваат по карпите.
Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура