X
 03.08.2017 Здравје

Што се може да се купи со храна? Глисти во риба, стакло во бурек, мувла во слатки

Месо што смрди, метал во кроасан, храна со инсекти, црви е само дел од она што граѓаните го наоѓале во храната што ја купуваат и тоа го пријавувале во Агенцијата за храна и ветеринарство. На социјалните мрежи на Интернет често се пишува за сомнителна храна купена на нашиот пазар. Неодамна внимание предизвика објава дека била купена печена риба, лосос, со глисти во неа, а беа објавени и фотографии од производот. Во исто време се појавија и фотографии на кои се гледа полжав во сирење спакувано во кутија, како и пециво со метално парче во него. Но, не сите што објавуваат ги пријавуваат случаите кај инспекторите.



Во Агенцијата за храна и ветеринарство која се грижи за безбедноста на храната на македонскиот пазар до средината на годинава стасале 190 претставки со кои купувачите се пожалиле дека купиле небезбедна храна, а потоа инспекторите за храна правеле контроли. Од оваа институција апелираат потрошувачите да пријавуваат за сомнителните производи кои ги купуваат.

Може да се пријави и анонимно

- Секоја недоследност во поглед на безбедноста на храната и здравствената заштита и благосостојбата на граѓаните, потрошувачите можат да ја поднесат до Агенцијата за храна и ветеринарство и Одделението за заштита на потрошувачите во централата на Агенцијата или во подрачните единици, усно, писмено и електронски на info@fva.gov.mk. Претставки може да се поднесуваат и на бесплатната телефонска линија за потрошувачите 0800 3 22 22. Претставката може да се поднесе и анонимно - велат оттаму.

Жалби и за валкано работење, бајати сувомесни производи, сомнежи за труења

Во 190-те претставки поднесени во првата половина од годинава до Одделението за заштита на потрошувачите при Агенцијата потрошувачите најмногу се жалеле на органолептички изменети својства на храната т.е. на изменети и сомнителни вкус, мирис, боја кај месо, риба, овошје и зеленчук, леб. Имало поплаки и за присуство на контаминенти во храната. Тие биле биолошки како инсекти, црви, мушички, но и механички како стакло, пластика, метал.

- Претставките се однесуваат и на присуство на мувли, и тоа во леб, житарки, овошје и зеленчук, млеко, слатки. Има и за не применување на добрите хигиенски и добрите производни пракси. Тука спаѓаат претставките кои се однесуваат на лоши хигиенски услови во објектите, на опремата и уредите, на вработените, несоодветна манипулација со храната и слично - велат од Агенцијата.

Претставки имало и за поминат рок на употреба на месни и млечни производи, чоколади, сомнежи за труење со храна.

- За разлика од претходните години намален е бројот на претставки кои се однесуваат на означувањето на храната, односно декларациите - објаснуваат инспекторите за храна.

За година ипол уништени 8,8 тони небезбедна храна

До јули годинава по пријавите на граѓаните и направените контроли инспекторите донеле 44 решенија, биле спроведени 9 едукации, а наплатени се 12 глоби.

- Уништени се 1.039 килограми небезбедна храна (најголем дел месо и месни преработки) и поднесена е една прекршочна пријава - информираат од Агенцијата.

Минатата година потрошувачите поднеле 316 претставки, од кои 144 биле основани, односно со потврдени наводи, додека 172 биле неосновани. Најголем број од претставките (190 претставки) се однесуваат на храната од неживотинско потекло, 36 претставки на храната од животинско потекло, а 90 претставки на прашања од здравствената заштита и благосостојба на животните.

Наводите во поднесените претставки во 2016 година се однесувале на неодржување на контролните системи за добра хигиенска практика, поминат рок на употреба на прехранбени производи, изменет изглед, мирис и вкус на производи, сомнеж за труење со храна, контаминенти и резидуи во купениот производ. Имало и жалби за квалитет на храната и измама и заблуда на потрошувачите, како и за несоодветно означување.

- По претставките по кои се постапувало во 2016 година донесени се 50 решенија, спроведени се 24 едукации, наплатени се 15 глоби, уништени се 7.780 килограми небезбедна храна и поднесени се 2 прекршочни пријави - додаваат од Агенцијата.
Подготвил: Н.Ф.
Тагови:

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Здравје