X
 07.08.2017 Живот

Сѐ што сме научиле во детството, а не смееме никогаш да го заборавиме


Детски точак
(Фото: Pixabay)


Постојат илјадници патишта да се напушти детството. А ретки се оние што одлучиле да останат вечно дете, рекол големиот Мика Антиќ. Постојат некои работи што ги забораваме со текот на животот, а не би смееле. Ретките што успеваат да го зачуваат детето во себе навистина живеат поисполнет и поквалитетен живот.

Доверба

Кога нè учеле да зборуваме и да одиме, сме се препуштале, бидејќи бескрајно сме верувале. Значи, довербата првенствено се учи во рамките на семејството. На некој начин, тој е нашиот прв социјален контакт. Така се запознаваме со светот. Во текот на растењето, се разбира, сфаќаме дека не се сите луѓе добронамерни и благонаклонети кон нас и дека нашите ставови се менуваат. Тоа е сосема во ред, сè до моментот кога преминува во создавање огради од светот. Тоа во никој случај не е добро. Ќе се случува да бидеме повредени, но исклучително важно е да знаеме кога некому да му дадеме нова шанса. Доколку постојано сме внимателни и константно недоверливи, може да се случи да пропуштиме некои феноменални луѓе кои можеби би ни пружиле некои други перспективи, поинакви погледи на светот, некој вид инспирација, поддршка, а можеби станува збор за наши „сродни души“. Не смееме да го заклучуваме своето срце поради неколку луѓе што нè изневериле и разочарале. На крај, сетете се дека и тие се само луѓе. Луѓе на кои, токму како нас, им се неопходни љубов и внимание.

Простување и споделување

Сетете се само на игрите со своите другари од детството. Дури и кога сме се лутеле едни на други или сме се расправале за ситници, брзо сме заборавиле и сме продолжувале да си играме. Затоа што како деца љубовта ни била поважна од горделивоста. Постојат нешта преку кои не би требало да преминуваме и секако постои нешто што се нарекува праг на толеранција. Сепак, често западнуваме во конфликти поради ситници и суштински неважни нешта. Понекогаш ни е премногу тешко да кажеме „извини“. А за нас би било многу добро пред сè да научиме да си простуваме самите на себе, а потоа и на другите. Би живееле поспокојно и побезгрижно.

Никогаш не заборавајте дека сè што имаме е вредно само доколку имаме со кого да го споделиме.

Игра

Животот е игра! Би требало да се сетите на тоа секогаш кога, од кои било причини, ви е тешко. Сме заборавиле, но кога сме биле деца, препреките ни биле предизвици. Секогаш ќе најдевме начин да ја составиме сложувалката, да направиме величествен замок од песок, да прескокнуваме ластик, да нацртаме и да обоиме што било од својот фантастичен свет. Суштината е дека не постојат нерешливи проблеми! За сè постои решение, само би требало да набљудуваме од повеќе агли и да го пронајдеме вистинското. Ако некогаш не ни било проблем да го направиме тоа, зошто сега би ни било? Сè е во нашиот светоглед. Ако бескрајно се забавуваме правејќи нешто (нешто што суштински нè исполнува), невозможно е тоа да не ни даде добри резултати. Понекогаш во играта наречена живот ќе трпиме порази (како и во секоја игра), а понекогаш и ќе добиваме. Важно е да се сетиме дека никогаш не треба да се откажуваме!

Насмевка

Можеби со насмевката нема секогаш да успеете да го промените светот, но во никој случај не дозволувајте светот да ја промени вашата насмевка! Сетете се на оние ситуации кога како мали сте плачеле бидејќи во моментот сте немале нешто што сте го сакале или кога возрасните ви го одвлекле вниманието на нешто друго, нешто убаво, било да е во прашање насмевка на блиските и драги личности, убав цвет, што било! Веројатно во истиот миг сте почнале да се смеете. Секоја ситуација има некоја своја ведра страна или барем можете да ја „свртите на шега“ и да се насмевнете. Ништо не чини, а многу значи, пред сè за вас самите. Секогаш постои барем една причина за чиста радост и една насмевка.

Љубопитност

Сè уште секој ден е шанса да научиме нешто ново. Цел живот е шанса непрекинато да учиме нови нешта. Не обрнувајте внимание ако некој ви каже дека целосно сте подетиниле доколку одлучите сега да се обидете со нешто за кое претходно не сте имале шанса. Многу е важно секогаш да имаме волја да учиме.

Соништа

Ништо што претходно не било отсонувано не е остварено! Знаеме дека често звучи нереално, но помислете: зар сè што гледаме, сè што постои, првенствено не било ЗАМИСЛЕНО?! Зар најпрво не постоело во нечија глава? На пример, слики, градби... прво имаме некоја скица, макета, имаме замисла... ВИЗУАЛИЗИРАМЕ... а дури потоа тргнуваме во акција на реализирање. Така е со сите животни цели. Поради тоа, никогаш не би требало да престанеме да сонуваме!         
Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот