X
 11.08.2017 Образование

Интервју, проф. д-р Димитар Ташковски, декан на ФЕИТ: ИНОФЕИТ - можност за задржување на младите стручни кадри во Македонија

Отворање Центар за трансфер на технологии и иновации ИНОФЕИТ, преку кој ќе се надмине јазот меѓу академијата и индустријата, истражувачки ориентирaно образование кое од студентите ќе направи личности што ќе креираат технологии и ќе го менуваат светот, усогласувањa со студиските програми на европските и светските универзитети за да го зголемиме степенот на мобилност на студентите, професори-тутори, кои ќе им помогнат на новите студенти полесно да се приспособат на новата средина и полесно да ја следат наставата. Ова се само дел од предностите што ги нуди Факултетот за електротехника и информациски технологии (ФЕИТ) при скопскиот Универзитет „Св. Кирил и Методиј“. Во интервјуто со проф. д-р Димитар Ташковски, декан на ФЕИТ, пренесуваме какви новини нуди еден од најбараните факултети во Македонија.



Факултети.мк: Се наоѓате пред уписи на нови студенти, идни млади инженери кои се наоѓаат на крстосница при определбата зошто да го продолжат своето образование на ФЕИТ? Што им нудите за да бидат ваши идни студенти?

- Факт е дека сме еден од најдобрите факултети во Македонија, кој нуди одлични услови за студирање. Кај нас доаѓаат најдобрите средношколци и наша обврска е да им обезбедиме најдобри услови за работа и да ги оспособиме да се вклучат на пазарот на трудот. Во таа насока, со новите студиски програми ќе продолжиме со промоција на истражувачки ориентирaно образование кое од студенти ќе направи личности што ќе креираат технологии и ќе го менуваат светот. За да дојдете до оваа фаза како високообразовна институција, дефинитивно треба да имате рeномирани професори и квалитетни соработници, усогласени студиски програми со европските и светските универзитети, да обезбедите услови за практични знаења, на студeнтите да им понудите работа на реални проекти и развој на потребните вештини за пазарот на труд. Токму ова е нештото што им го нудиме на нашите студенти, а се разбира и на новите идни бруцоши.

Факултети.мк: Споменавте нови студиски програми. Колку тие се насочени и посветени на студентот?

- Иако сме препознатливи како добар факултет, сепак се трудиме да се подобриме во сите сегменти на образованието, науката и соработката со стопанството. Посебно внимание посветуваме на подобрување на образовниот процес, односно негова модернизација. Наставата што ја реализираме секогаш е ориентирана на потребите на студентот. Не нудиме само основно знаење, туку и начини како знаењето да се примени за решавање практични проблеми. Наша цел е студентите да ги разберат основните концепти наместо да го репродуцираат материјалот. Токму во оваа насока ги направивме и ги приспособивме и новите студиски програми.
Нашата област е „жива“ и затоа мора да ги надградуваме предметите и студентите континуирано да ги усовршуваат своите теоретски и практични знаења. Направивме дополнителни усогласувањa со студиските програми на европските и светските универзитети за да го зголемиме степенот на мобилност на студентите. Имаме цел нашите студенти барем еден семестар во текот на студиите да минуваат на странски универзитет. Минатата учебна година воведовме студенти демонстратори (од повисоките години на образование) за да им помагаат на студентите од првите години полесно да го совладаат материјалот. Анализата на образовниот процес покажа дека е добро за новите студенти да воведеме и професори-тутори. Тие ќе им помогнат на новите студенти полесно да се приспособат на новата средина, полесно да го премостат преодот од средно училиште на нашиот факултет и полесно да ја следат наставата.

Факултети.мк: Како и каде студентите ја извршуваат практичната настава? Бидејќи само теорија нема никакво значење за вашата струка?

- Се согласувам дека теоријата без пракса нема значење. И поради ова, речиси за секој предмет постојат лабораториски вежби. Нашиот студент изработува и голем број проекти уште во процесот на студирање во рамките на факултетот или во соработка со компании. Студентите поминуваат пракса која трае најмалку еден месец, во компанија од реалниот сектор. Исто така, многу дипломски работи се извршуваат во или во соработка со одредена компанија и се нуди практично решение на одреден предизвик. Организираме и голем број работилници и летни школи преку кои студентите ги подобруваат своите комуникациски способности, се оспособуваат за тимска работа и создаваат навики за самостојно образование и усовршување. Нормално, со самото работење добиваат и нови знаења и истражувачки вештини. Како факултет сме горди на фактот што создаваме кадар кој веднаш влегува во процес на производство во индустријата или продолжува во научните води.

Факултети.мк: Во последните неколку години забележителен е голем одлив на дипломирани студенти во странство.

- Голем број од нашите студенти по завршувањето на студиите заминуваат на магистерски студии на реномирани универзитети во странство. Студентите што дипломираа во јуни веќе се примени на универзитетите во Минхен, Цирих, Лозана, Милано, Торонто, Љубљана. Одреден дел од дипломираните продолжуваат да работат во нашите истражувачки групи и спиноф-компании. По завршување на магистерските студии и тие заминуваат во странство. Нормално е да сакаат професионално да се усовршуваат. Мал e бројот на компаниите и институциите во Македонија што можат да примат вака квалификуван кадар, а кој може многу да придонесе за развојот на компаниите и на државата во целина. Нивното знаење и вештини, за жал, ги користат некои други општества. Како факултет ќе направиме сè за овие млади стручни кадри да ги задржиме во Македонија. На тој начин ќе придонесеме и за развојот на нашето општество. Покрај едукативната и научноистражувачката работа, тоа станува уште една наша мисија.

Факултети.мк: Како планирате да ги задржите?

- Во тек е реализација на идеја за отворање Центар за трансфер на технологии и иновации ИНОФЕИТ. Основната цел е да се надмине јазот што постои помеѓу академијата и индустријата. Ова е во согласност со нашите постојани напори за приближување на академското образование и практичната експертиза и подготовка на нашите студенти за подобро справување со предизвиците во индустријата. ИНОФЕИТ е замислен како место за интеракција помеѓу кадарот на ФЕИТ, студентите на ФЕИТ и индустриските партнери, што треба да овозможи конекции и трансфер на технологии, како и нови иновативни идеи што треба да го помогнат економскиот раст на секторот електротехника и информациски технологии и на општеството во целина, но и да ги подготви студентите за пазарот на трудот. Сите знаеме дека развојот на нов производ или услуга бара големи средства и голем број компании во Македонија не се одлучуваат на вложување. Идејата е компаниите, професорите и студентите во Центарот да развиваат нови производи и услуги и да вршат трансфер на знаење од научни и истражувачки резултати во прототип кој индустријата може да го доработи до ниво на производ со минимален технолошки ризик. На овој начин може да се создадат нови производи и услуги со значителна додадена вредност, конкурентни на меѓународниот пазар. Од друга страна, преку соработката со индустријата, сакаме да влијаеме и врз начинот на изведување на наставата и подготовката на студентите. Сакаме да го донесеме реалниот сектор поблиску до студентите, особено до студентите на магистерски и докторски студии. Наместо на симулации, да работат на реални проблеми, кои бараат интердисциплинарност и тимска работа. На овој начин студентите ќе ги подобрат своите знаења и вештини, што секако ќе ја подобри нивната конкурентност на пазарот на трудот. Исто така, планираме овој Центар да биде место каде што студентите ќе можат да ги реализираат своите иновативни идеи и ќе се охрабрат да формираат стартап-компании и производи што ќе бидат меѓународни познати.

Факултети.мк: За функционирање на ваков Центар потребни се големи финансиски средства. Како ќе работи Центарот?

- Свесни сме дека за воспоставување и одржување на еден ваков Центар потребни се значителни средства. Сепак, свесни за потребата за еден ваков Центар на државно ниво, првичната инвестиција за преуредување на една наша лабораторија во која ќе биде сместен Центарот ќе ја покриеме од сопствени средства, средства од УКИМ и од компаниите-пријатели на ФЕИТ кои веруваат во овој концепт и сакаaт да ги користат услугите на Центарот. Со пет компании веќе се потпишани договори за донации.

ФЕИТ, без секакво сомнение, е лидер во бројот на меѓународни научноистражувачки проекти во Македонија. Цврсто веруваме дека ова наше искуство ќе го искористиме за да обезбедиме средства од меѓународни извори со кои ќе може да ангажираме млади истражувачи, магистранди и докторанди, како и наши успешни колеги што докторирале во странство и сакаат да се вратат во Македонија. Планираме за околу 5 години од постоење на Центарот во него да работат од 15 до 20 доктори на науки. Дел од средствата ќе ги обезбедиме преку комерцијални договори со стопанските субјекти кои ќе соработуваат со нас. И секако дека очекуваме помош и од државата. Успешната примена на новите технологии е клучна за подобрување на економијата. Ако државата сака економски развој преку воведување нови технологии, ќе мора да ги зголеми средствата за научноистражувачка работа. Резултатите од научноистражувачката работа се основа за нови иновативни производи и услуги, мотив за создавање нови мали компании, со што ќе се придонесе за побрз развој на државата и отворање нови работни места.
Подготвил: В.Ф.
Тагови:

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование