Во расправата на темата за улогата на мајчиниот и службениот јазик во образовниот систем, секогаш се заземаат две гледишта: законско и образовно (педагошко). Тоа влегува во правата за образование и културен идентитет.
Моделот кој ќе се избере треба да зависи од традицијата на земјата, социјално-економскиот контекст, претходното искуство и транспарентните одлуки.
Одборот за образование, наука и култура му доставил на Европскиот парламент неколку препораки за регионалните и малцинските јазици во образовните системи (Расправа од Парламентот на Европа, 10 април 2006г., (9 седница) (ДОК:10837). Извештај од Одборот за образование, наука и култура).
Во делови од извештајот се споменуваат неколку препораки:
Пожелно е, колку што може повеќе младите европјани да се поттикнуваат да го учат својот мајчин јазик кога тоа не е службениот јазик на нивната земја.
ДОЛЖНОСТ НА СЕКОЈ МЛАД ЕВРОПЈАНИН Е ДА ГО НАУЧИ СЛУЖБЕНИОТ ЈАЗИК НА ЗЕМЈАТА ЧИЈ Е ГРАЃАНИН.
Во општествата во Европа секојдневната употреба на службениот јазик е основен предуслов за интеграција на децата чиј главен јазик се разликува од службениот јазик на земјата.
Дали во нашето општество образовните политики за правото на учење на мајчиниот и службениот јазик се сериозен фактор за дезинтеграција на младите луѓе?
Еве зошто мислам дека со некои образовни политики се руши концептот на вистинската интеграција на граѓаните на Македонија.
Концептот на наставните планови на деветгодишното основно образование за учење на македонскиот јазик (службен јазик во РМ) учениците од другите заедници започнуваат да го слушаат за прв пат во 4-то одделение со 2 часа неделно.
По истиот концепт е создаден и наставниот план за гимназиско образование, учење на само 2 часа неделно македонски јазик.
Сега се поставува клучното прашање:
Дали е тоа доволно за солидно изразување и пишување на службениот јазик?
За да се одбере соодветна образовна политика, политичарите мораат да ги проценат добрите и лошите страни на различните образовни модели.
Јасно е дека треба да се тргне од правото секоја етничка заедница да учи и да го зборува сопствениот јазик, но, од друга страна, потполно е јасно дека за државата многу попрагматично решение е доколку сите жители добро го знаат службениот јазик.
Државата во која ќе има два службени јазика е компликација и тоа е хендикепирана држава. Тоа е компликација за професионалноста на администрацијата, ги отежнува образовните и културните процеси, и ги дезинтегрира младите луѓе.
Доброто познавање на македонскиот јазик е должност на секој граѓанин во оваа земја и не треба да се толкува како доминација и не ги исклучува другите етнички заедници во Македонија. И како што вели една од препораките на ЕУ – секојдневната употреба на службениот јазик е основен предуслов за интеграција на децата чиј мајчин јазик се разликува од службениот јазик на земјата.
Превземено од блогот
Еуритмија