X
 15.08.2017 Интервјуа

Интервју, проф. д-р Ратко Дуев, идниот декан на Филозофскиот факултет: Од годинава студентите ќе можат и да заработуваат додека студираат

За време на студиите студентите ќе бидат поактивно вклучени во истражувачки проекти предвидени со апликативната дејност. Тоа ќе биде финансиски надоместено, како еден вид самофинансирање на школарината за студирање. Тоа во голема мера ќе им го олесни студирањето и ќе ги зголеми нивните знаења, вештини и компетенции, кои ќе им бидат од голема полза во понатамошната кариера по дипломирањето.

Ако нема потреба од општествените и хуманистичките професии, тогаш нема да постои ниту општеството ниту човекот во него. Студентите постигнуваат најдобри резултати кога забележуваат дека професорот навистина сака да им го пренесе своето знаење, се грижи неговиот ученик да напредува во студиите. Тој непосреден однос, зборот „колега“ кој ги прави еднакви со својот професор, секогаш дава резултат, вели проф. д-р Ратко Дуев, сѐ уште актуелниот продекан за финансии на Филозофскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Од 1 септември тој стапува на новата функција – декан на Филозофскиот факултет.



Проф. Дуев ги претставува сите предности што ги нуди овој факултет за новите студенти: три нови, современи студиски програми по андрагогија, по приватна и корпоративна безбедност и по меѓународни и интеркултурни студии на кои ќе предаваат реномирани домашни и професори од европски универзитети. Од оваа учебна година ќе почне со работа и студентска опсерваторија, како форма на студентско организирање преку која факултетот ќе го следи напредувањето на студентите по дипломирањето.

Факултети.мк: Наближуваат уписите за новата учебна 2017/18 година. Колку студенти ќе прими годинава Филозофскиот факултет и на кои групи?

- Поради својата специфичност, како факултет на кој се изучуваат најголемиот дел од општествените и хуманистичките науки, Филозофскиот факултет нуди 19 студиски програми: филозофија, педагогија, социологија, психологија, историја, историја со архивистика, историја на уметноста, археологија, класична филологија (со една од потпрограмите: антички студии или византологија), старогрчки јазик и античка книжевност (со една од потпрограмите: македонски јазик, француски јазични студии и француски книжевно-културолошки студии), латински јазик и античка книжевност (со една од потпрограмите: македонски јазик, француски јазични студии и француски книжевно-културолошки студии), безбедност, одбрана и мир, социјална работа и социјална политика, специјална едукација и рехабилитација (дефектологија), родови студии, семејни студии, андрагогија, приватна и корпоративна безбедност, меѓународни и интеркултурни студии. Според бројот на слободните места и различниот интерес за понудените студиски програми, се очекува да се запишат околу 750 студенти.

Факултети.мк: Каков е интересот во последните години? На кој институт се пријавуваат најмногу студенти?

- Интересот е речиси ист. Најголем интерес има за студиската програма по психологија и за безбедност, одбрана и мир, иако морам да напоменам дека интересот е голем и за дефектологија, социјална работа и социјална политика, историја, педагогија. Во последните години, според конкурсот, предвидени се помалку слободни места за идните студенти.

Факултети.мк: Кои новитети ќе им ги понудите на студентите годинава?

- Како новитет, за полесен пристап до информациите за конкурсот и пријавување на идните студенти, факултетот изработи Андроид-апликација (FZF@Mobile) преку која на кандидатите им се овозможува лесно и брзо да дојдат до потребните информации и да се пријават во Iknow системот од која било локација преку своите мобилни телефони и таблети. Изборот за идните студенти е збогатен со три нови, современи студиски програми по андрагогија, по приватна и корпоративна безбедност и по меѓународни и интеркултурни студии, во кои се вклучени и реномирани професори од други факултети и универзитети во нашата земја, на кои ќе предаваат и професори од европски универзитети. Посебен акцент ќе биде ставен на практичната настава. За оваа активност во изминатите години факултетот склучи меморандуми за соработка со ресорните министерства, многу јавни и државни установи и со голем број претпријатија од приватниот сектор, заинтересирани за профилите што ги нуди нашиот факултет. Од оваа учебна година ќе почне со работа и студентска опсерваторија (при Центарот за кариера), како форма на студентско организирање преку која факултетот ќе го следи напредувањето на студентите по дипломирањето. За време на студиите студентите ќе бидат поактивно вклучени во истражувачки проекти предвидени со апликативната дејност. Тоа ќе биде финансиски надоместено, како еден вид самофинансирање на школарината за студирање. Тоа во голема мера ќе им го олесни студирањето и ќе ги зголеми нивните знаења, вештини и компетенции, кои ќе им бидат од голема полза во понатамошната кариера по дипломирањето.

Факултети.мк: Од оваа година се воведува нова програма Андрагогија во рамките на Институтот за педагогија. Колку воведувањето нови програми и содржини е важно за растењето на еден факултет?

- Од основањето на Филозофскиот факултет во 1920 година помина речиси еден век. Работата започнала со четири студиски програми: педагогија, историја, историја на уметност и класична филологија. На Филозофскиот факултет првпат започнува настава на македонски јазик, со што се удира темелот на високото образование во Македонија. Денес на факултетот студиите се одвиваат на 19 студиски програми на додипломски студии, 38 програми на постдипломски студии и 15 програми на докторски студии. Развојот на современото општество се базира врз развојот на науката. Промените во општеството нужно носат промени во општествените науки. Сложените процеси низ кои минува човештвото во современието наметнуваат изучување на нови научни области, најчесто интердисциплинарни. Целта е врз научна основа да се разберат развојот и феномените на „новото општество“ со кои денес се соочува човекот. Затоа Филозофскиот факултет, како и во минатото, е секогаш во чекор со современите светски трендови во образованието. Покрај воведување нови дисциплини во постојните програми, се воведуваат и нови студиски програми, студиски програми на англиски јазик, со што сегашната генерација наставници ја продолжуваат едновековната традиција на постојан растеж на првата и најстарата високообразовна институција во нашата земја.

Факултети.мк: Какви можности им нуди Филозофскиот факултет на студентите во нивниот понатамошен развој? Што сѐ може да работат понатаму?

- Богатиот избор на студиски програми значи и богат избор на звања и перспективи за студентите по дипломирањето. Иако се изучуваат општествени и хуманистички науки, создаваме наставници по историја, филозофија, социологија, латински и старогрчки јазик, потоа педагози, археолози и историчари на уметноста, општествени работници како социјални работници, дефектолози, психолози, едукатори по семејни студии, родови студии, дефендолози и експерти по безбедност. Тие, покрај основните звања, во текот на студиите стекнуваат и други вештини и знаења со чија примена можат успешно да работат во многу други области, а и во приватниот сектор. Анализата на работните места на дипломираните студенти дава еден широк спектар, покрај наведените, во маркетинг-агенции на работни места каде што се бараат писменост и креативност, приватни училишта за деца со посебни потреби, приватни градинки, приватни училишта, психолошки советувалишта, агенции за испитување на јавното мислење, медиумски работници, армија, полиција, агенции за приватно обезбедување, невладин сектор, познати писатели, уметници, политичари, теолози, социјални работници во големи компании итн. Како потврда за научната дејност, морам да наведам дека од основањето на Македонската академија на науките и уметностите, најголем дел од академиците биле или се професори на Филозофскиот факултет.



Факултети.мк: Класични студии, Родови студии, Семејни студии, Социологија... наспроти компјутерско инженерство, графички дизајн, машинско инженерство. Каде ја гледате шансата на општествените професии денес, наспроти другите што се најплатени секаде во светот?

- Навидум разликата е голема, а ова прашање си го поставува секој студент што ќе избере да студира една од општествените или хуманистичките науки. И во светски рамки има многу дебати за тоа во колкава мера високото образование треба да одговори на пазарната економија во секое општество. Но, проблемот е што развојот на одредени технички науки оди побрзо од останатите во одреден период, потоа при друго големо откритие потребата се зголемува за друг стручен профил итн. Во светот не постои високообразовен систем кој во секое време може да одговори на моменталните потреби од стручни кадри на пазарот на трудот, бидејќи високото образование е мошне сложен процес. И во најразвиените земји, како Велика Британија, дури 50 отсто од дипломираните студенти не работат според својата струка. Она што е важно за универзитетите е да создадат кадри кои ќе имаат знаења, вештини и компетенции, што ќе им овозможи да бидат корисни како работници на одредено работно место, а со понатамошни обуки, специјализации и слично да се оспособат за извршување нови работни задачи наметнати од брзиот развој на општеството и науката. Но, долг е патот на создавање стручен кадар. Потребни се градинки, училишта, со еден збор потребни се општествени работници, анализа на општествените услови, на девијациите, потребна е помош на сè поголемиот број лица со посебни потреби, потребни се образовни стратегии итн. Напредокот на „најплатените професии“ се базира врз напредокот на општествените професии, на обезбедување услови во секое општество кои ќе овозможат непречен развој и создавање на информатичари, инженери, дизајнери и сл. Со еден збор, ако нема потреба од општествените и хуманистичките професии, тогаш нема да постои ниту општеството, ниту човекот во него.

Факултети.мк: Како ги мотивирате студентите и од Вашето досегашно искуство, што најмногу ги стимулира да покажуваат добри резултати?

- Nemo per se satis valet ut emergat; oportet manum aliquis porrigat, aliquis educat. „Никој не е доволно силен сам да се подигне; некој треба да му подаде рака, некој да го подучи“. Преку зборовите на римскиот философ Сенека (Писма до Лукилиј, 52.3) може најдобро да се разбере нашата мисија. Добриот професор никогаш не настојува да ви ја објасни својата визија, тој, едноставно, ве повикува да застанете крај него за да можете и сами да ја видите таа визија. Професорството не е работа, тоа е животна определба. Благородна мисија при што најголема радост ви причинува веста дека вашиот студент е успешен во својата работа и кога по одредено време случајно ќе ве сретне и ќе ви се заблагодари за сè што научил од вас. Убаво чувство кое ве поттикнува да се посветите уште повеќе на вашата професија. Од моето искуство, забележувам дека има голема разлика меѓу генерациите студенти. Денешните студенти бараат поинаков однос и посовремен пристап и во комуникацијата и во наставата. Но, најдобри резултати постигнуваат кога забележуваат дека навистина професорот сака да им го пренесе своето знаење и се грижи за нивното напредување во студиите. Тој непосреден однос, зборот „колега“ кој ги прави еднакви со својот професор, секогаш дава резултат. Клучно во целиот процес е објективното оценување, кое кај младите луѓе, кои во текот на студиите го градат своето поимање на зборот „правда“, има најголемо значење.

Факултети.мк: Министерството за образование и наука најави големи реформи во Законот за високото образование. Што сметате дека е најнеопходно да се смени?

- Во изработката на новиот Закон за високото образование учествуваат повеќе професори од Филозофскиот факултет, кои ги имплементираат ставовите на колегите произлезени од многуте дебати, научни конференции организирани од страна на факултетот. Се надевам дека со овој закон ќе им се стави крај на постојаните промени во законската регулатива, кои одат на штета на квалитетот на високото образование. Од досегашната пракса најголем проблем беа многуте недоречености и противречности во самиот закон. Најчесто, поради прашалниците на Европската комисија во Брисел се преземаа искуствата на европските земји без да се води сметка за специфичноста на нашиот систем, економската моќ на општеството, големината на земјата и недостатоците од изминатите децении. Високото образование е комплексен процес, проблемите не можат да се решат со брзи измени и постојано дополнување на законските регулативи. Како Lex specialis, поради автономијата на универзитетите, законот дава слобода при внатрешното уредување преку правилници и статути, но голем дел од членовите беа во колизија со останатите закони: за вработување, за трансформација на работен однос итн. На пример, по барање на Стопанската комора за да се спречи нелојалната конкуренција при исплата на дел од платите преку договор на дело (со давачка кон државата само со персонален данок) во член 8 се ограничија и факултетите да бараат согласност од Министерството за финансии за секоја исплата преку договор на дело на лица што не се во редовен работен однос во единицата, третирајќи ги само времените вработувања, заборавајќи дека преку договор на дело се исплаќаат хонорари на професори од други универзитети, факултети, стручњаци од пракса, пензионирани професори за нивно учество во одбрана на докторски и магистерски дисертации, соработници итн. Законот предвидува Европски кредит ТРАНСФЕР систем, трансферот е основа преку размена на професори, студенти, мобилност, визитинг-професори. Поради законска одредба Министерството за финансии да не дава согласност за време на избори, период од 8 месеци, универзитетите беа парализирани и не можеа да ги реализираат програмите. Со еден збор, целосен колапс. Затоа најважно е новите законски одредби да се синхронизираат и со останатите закони. За да се подигне квалитетот, но и одговорноста на управите на факултетите, основно е да се смени начинот на финансирање на Универзитетот, застарениот модел на распределба на буџетските средства за плати на вработените. Финансиската слобода е основа за сите останати промени. Факултетите не можат да вработуваат според сопствените потреби, наставниците се преоптоварени со часови, што ги спречува поинтензивно да се занимаваат со научна дејност. Но, проблемите нема да се решат само со нов закон. Високото образование означува научно-наставна дејност. За жал, на универзитетите во Македонија доминантна е наставната дејност, поради децениското неинвестирање во научната инфраструктура во државата. За квалитетна универзитетска настава потребна е развиена научна дејност, што подразбира истражување, експеримент и публикување на резултатите, достапност до научни бази, размена на професори, финансии за учество на меѓународни собири. Слабата научна дејност влијае и врз рангирањето на нашите универзитети во светски рамки. Науката не е комерцијална. Затоа како основа за слабата развиеност мора да се тргне од финансиите потребни за научна работа. Без финансии се сведува на импровизација.
Подготвил: Весна Ивановска-Илиевска
Тагови:

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Интервјуа