X
 17.08.2017 Култура

Историјата се повторува: 30 години од најголемата афера во СФРЈ


Знамето и мапата на СФРЈ


Пред точно триесет години југословенската јавност дозна за големите финансиски малверзации во една од најголемите прехранбени компании – „Агрокомерц“.

Финансиските тешкотии во кои се најде најголемиот трговско-прехранбен гигант на подрачјето на поранешна Југославија, „Агрокор“, некако се совпаѓаат со 30-годишнината од откривањето на најголемиот финансиски скандал во СФРЈ, во чиј центар беше босанскиот прехранбен гигант „Агрокомерц“.

„Агрокомерц“ беше проект на Фикрет Абдиќ, кој од една земјоделска задруга во Велика Кладуша со само 26  вработени создаде еден од најголемите прехранбени комбинати во Југославија. „Агрокомерц“ на врвот на својата моќ вработуваше околу 13.600 луѓе, главно на северозапад од земјата, но исто така и во своите експозитури во другите југословенски републики.

За споредба, во хрватски „Агрокор“ се вработени 60.000 лица.

Ноќта помеѓу 26 и 27 јануари 1987 година изби пожар во централниот магазин на подружницата на „Агрокомерц“ во Велика Кладуша. Пожарот предизвика голема штета, која тогаш беше проценета на околу 5 милиони долари. Истражителите на пожарот како можна причина наведоа термоакумулациона печка или човечки фактор, но се појавија и сомнежи дека пожарот е подметнат. Овие претпоставки беа поттикнати од поранешните југословенски власти затоа што во тоа време „Агрокомерц“ беше неосвоива тврдина за разни инспекторати и контроли. Во истрагата учествуваше и тогашната Служба за државна безбедност, која покрена финансиска истрага во „Агрокомерц“.

Половина година по пожарот, во август 1987 година, тогашната влада на БиХ издаде соопштение дека констатирале огромни финансиски малверзации во „Агрокомерц“. На 15 август истата година белградскиот весник „Борба“ објави напис за тоа дека „Агрокомерц“ издал меници во висина од околу 400 милиони долари, и тоа во 63 југословенски банки.

Епилогот од аферата беше пропаѓањето на „Агрокомерц“, чии делови сè уште се обидува да ги продаде Агенцијата за приватизација на Босна и Херцеговина. Аферата во тоа време исфрли од позиции многу босански политичари. Меѓу нив и Хамдија Поздерац, кој требаше да го преземе водството со колективното Претседателство на СФРЈ.
Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура