X
 18.08.2017 Живот

Островот кој половина година ѝ припаѓа на една, а другата половина на друга држава


Остров на две држави
(Фото: Thinkstock)



Во покраината Баскија, меѓу северниот шпански град Ирун и југозападниот француски град Хендаја, тече реката Бидасое. На средината на реката, која ги раздвојува Шпанија и Франција, се наоѓа територија со посебен статус – Островот на Фазаните.

Островот на Фазаните е кондоминиум, земја со која управуваат заедно две држави.

Се работи за најмалата и најстарата територија со ваков статус. Неговите 5.000 квадратни метри шест месеци годишно ѝ припаѓаат на Шпанија, а останатите шест на Франција.

Минувачите можат да го видат од двете страни на брегот на Бидасое затоа што е оддалечено само 50 метри од францускиот речен брег и исто толку од шпанскиот.

Островот е ненаселен и не може да се посети. Пристап имаат единствено војниците од шпанскиот град Сан Себастијан и францускиот Бајоне, за да го одржуваат за време на своите јурисдикции.

„Луѓето ги почитуваат правилата, па никој не се обидува да му пријде на островот. Некогаш нивото на водата е толку ниско што речиси може да се испешачи до него. Ние обично доаѓаме на секои пет дена за да извршиме рутинско одржување“, вели шпанскиот заповедник Рафаел Преито.

На островот нема споменици, освен една плоча која укажува на неговото место во историјата. На тоа место е потпишана Пиринејската повелба, на 7 ноември 1659 година, со што е завршен конфликтот што започнал во текот на разорната Триесетодишна војна.

Со оглед на тоа дека статусот на територијата порано не бил дефиниран, со една од клаузулите на Повелбата островот бил прогласен за делива неутрална територија.

Островот на Фазаните ги симболизира мирот и соработката меѓу Франција и Шпанија. Таму се одржани неколку кралски венчавки, но и размена на заробеници.
На островот долго време владеел мир, кој последен пат бил нарушен во 1974 година кога неколку членови на баскиската вооружена сепаратистичка група ЕТА се обиделе да ја преминат границата. Ги уапсила шпанската полиција покрај островчето. Операцијата завршила со убиство на еден полицаец и еден милитант.

Заговорниците за создавање баскиска држава, на северот од Шанија и Југозападна Франција, сметаат дека на ова место не би требало да постои никаква граница затоа што се работи за татковината на Баските.

Најголема опасност за островот била можноста за негово исчезнување, со оглед на тоа дека со векови се намалува поради ерозија. Но двете држави се договориле и презеле заеднички мерки за негово зацврстување, што се покажало како успешно. Денес има должина од 215 и широчина од 38 метри.

„Ми паѓа в очи тоа што на Островот на Фазаните нема ниту еден фазан“, се жалел францускиот писател Виктор Иго во текот на посетата во 1843 година.

„Таму имаше само една крава и три пајки, веројатно најмени за да глумат фазани пред посетителите“, додал Иго.

Според некои мислења, првобитното име на островот било Paussan, додека други тврдат дека се викал Faisant. Како и да е, сегашното шпанско име Isla de los Faisanes, француското Ile des Faisanes или Остров на Фазаните, не ја одразува реалноста. Таму нема фазани.
Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот