X
 20.08.2017 Култура

Филмски адаптации на книги за 2017 година што треба да ги погледнете

филм

Да се сними филм базиран на книга отсекогаш била тешка работа што подразбира многу труд, но и храброст. Прашањето кое најчесто се поставува е - дали книгата е подобра од филмот или обратно?

Сепак, станува збор за различни видови на уметност и секоја е посебна на свој начин. Во текот на оваа година, екранизирани се некои од најпознатите романи. Дали ќе ѝ дадеме предност на книгата или филмот, зависи од нас.

Ова се највпечатливите филмски адаптации за претстојниот период.

1. Стивен Кинг повторно на големото платно


Во август се очекува премиерата на „Тhe Dark Tower“, додека во септември класиката „It“.

„The Dark Tower“ е серијал составен од осум романи од научно-фантастичен жанр, со елементи на хорор и вестерн. Адаптацијата е снимена врз основа на првата книга, додека некои ликови и приказни се поклопуваат и со другите делови.



Роланд Дискејн е последниот жив припадник на витешкиот ред познат како „револвераши“. Тој живее во свет што претставува иднина или паралелен универзум, пост-апокалиптичен Див запад што продолжил понатаму.

Филмот е во режија на Николај Аркел, а улогата на Роланд Дискејн ја толкува Идрис Елба. Човекот во црно е Метју Меконахи.

„It“ е класика снимена по која е снимена мини-серија во 1990 година. Улогата на кловнот Пенивајз ја толкува Тим Кари, додека во најновата верзија ќе му припадне на Бил Скарсгард.

Режисерот Енди Мускети изјавува дека кловнон Пенивајз ги претставува најлошите стравови на човекот, не се однесува секогаш исто и не открива како размислува.

Може да се каже дека и Стивен Кинг слично размислува, бидејќи во една прилика изјави дека идејата за создавање на ликот ја добил со оглед на тоа што голем број деца се плашат од кловнови.



„Тие секогаш се насмеани, весели и разиграни, со нацртана насмевка. Позади сето тоа се крие нешто многу полошо“.

2. „The Shack“



Книгата „Тhe Shack“ е една од најчитаните и најпродаваните во последните години. Можеби поради религиозната тематика или смиреноста што произлегува од неа, секако остави голем впечаток врз читателите.

Мек Филипс е обичен човек што го мачи минатото и детството уништени од неговиот татко алкохоличар. Сепак, денес води исполнет живот со своето семејство. Семејниот излет ќе го промени неговиот идиличен живот, неговиот поглед кон светот и ставот кон религијата.

Иако книгата е прифатена од публиката, филмот наиде на доста критики. Во април 2017 година беше премиерата на филмот во режија на Стујарт Хазелдин. Главните улоги ги имаат Сем Ворингтон, Октавија Спенсер и Тим Мекгроу.

3. Херкул Поаро - детектив во воз




„Murder on the Orient Express“ веројатно е најпознатиот крими-роман на британската писателка Агата Кристи.

Раскошното патување со возот се претвора во мистериозна приказна во која е убиен Самуел Едвард Рачет, а детективот Херкул Поаро е еден од патниците. Останатите патници се осомничени, но Херкул треба да го најде убиецот.

Пред 40 години, овој роман ја доживеал една од најпопуларните екранизации каде актерската екипа била повеќе од одлична. Улогата на Херкул Поаро ја толкувал Алберт Фини, а покрај него се појавуваат Шон Конери, Ингрид Бергман, Ванеса Редгрејв и многу други.

Овогодишната премиера на филмот се очекува во ноември. Улогата на Поаро ја толкува Кенет Бран, кој воедно е и режисер, а тука се и Џони Деп, Мишел Фајфер и Дејзи Ридли.

4. „Wonder“



Приказна за момче кое боледува од ретка болест и неговата средба со надворешниот, суров свет. „Wonder“ покажува колку децата можат да бида злобни и како сето тоа влијае врз едно семејство.

Оги Пулман е необично, интелигентно момче кое секогаш носи астронаутска кацига и мечтае да стане астронаут. Но поради болеста неговото лице е деформирано и поради тоа никогаш немал пријатели, а се школувал дома. Кога неговите родители одлучуваат дека е време да го промени начинот на животот, Оги се среќава со злобата на децата, исмејување и отфрлување.

Улогата на Оги ја толкува Џејкоб Трембли, а покрај него се Џулија Робертс и Овен Вилсон. Филмот е во режија на Стивен Шбоски.

5. Круг на модерната технологија




Како би изгледала кога приватноста на овој свет исчезне и со луѓето започнат да владеат големи корпорации како „Google“ и „Facebook“?

Меј Холанд добива можност да работи во голема компанија која ги креира дигиталните идентитети и на тој начин ги поврзува профилите на корисниците со скоро сите аспекти на животот.

Луѓето се воодушевени од тоа дека постојано се снимани со камера и е следен секој нивни чекор. Но, до каде е границата на човечноста и демократијата и дали тие постојат во современото општество?

Премиерата на филмот беше во април, а во главните улоги се појавуваат Ема Вотсон и Том Хенкс.

6. Алтруизмот за време на Холокаустот



Во текот на Втората светска војна, зоолошката градина во Варшава служело како засолниште за Евреите кои се криеле од нацистите. Брачниот пар Јан и Антонина Забински ги ризикуваат нивните животи за да ги сокријат Евреите и на тој начин да ги спасат луѓето од трагедијата.

Филмот е снимен според книгата на Дајана Акерман „The Zookeeper's Wife“, премиерно е прикажан во март и има прилично добра оценка од страна на критиката. Главната улога ја толкува Џесика Честејн заедно со Данијел Брул, додека филмот го режира Ники Каро.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура