X
 23.08.2017 Интервјуа

Интервју, д-р Виолета Василевска, вонреден професор на Utah Valley University: „Македонските нaучници му покажуваат на светот дека имаме големи квалитети“

Успесите на македонските научници од сите STEM области кои се силно поврзани со математиката се видливи насекаде по светот. Постојано слушаме или читаме за успесите на Mакедонци-научници кои работат на видни позиции во познати компании или се истражувачи во големи истражувачки институти или универзитети. Тоа се луѓето што во светот ја носат пораката дека ние сме мала земја, но со големи квалитети, вели д-р Виолета Василевска, вонреден професор на Utah Valley University во Соединтетите Американски Држави. Со проф. Василевска разговараме за нејзините почетоци, дипломските и магистерски студии на Природно-математичкиот факултет во Скопје и за продолжувањето на нејзината кариера во САД. Ги начнавме разликите меѓу двете земји, двете општества, но и големиот потенцијал на македонските научници.



Факултети.мк: Кажете ни нешто за Вашите почетоци. Се чини дека отсекогаш сте ја сакале математиката...

- Да, уште како дете ме привлекувала математиката. Пораснав во фамилија на учители/инженери кои ја негуваа традицијата и љубовта кон науката и математиката. Отсекогаш сум се восхитувала на логичката природа на математичките проблеми и сум го сакала предизвикот што тие го нудат.

Факултети.мк: Што беше пресудно професионално да се занимавате со оваа наука?

- За мојата професионална ориентација пресуден беше сплетот на околности. Првенствено мојата голема љубов кон математиката, a потоа и влијанието на родителите и домашната атмосфера, како и позитивното влијание на професорот по математика во средното образование. Сите овие фактори (секој на свој начин) ме поттикнаа да станам математичар.

Факултети.мк: Кариерата, сè до почетокот на докторските студии, Ве врзува за нашите институции, до позицијата асистент на ПМФ во Скопје. Може ли да се рече дека нашиот образовен систем нуди добра основа за математика?

- Oбразовниот систем за време на моето студирање не само што ми пoнуди солидна математичка основа туку истовремено овозможи да бидеме препознатливи во светот. Јас заминав во САД откако се здобив со магистерска диплома под менторство на проф. д-р Никита Шекутковски (ПМФ). Поради смртен случај во мојата фамилија, моите докторски студии ги започнав во пролетниот семестар, вклучувајќи се во настава на средина од учебната година. Уште веднаш ми стана јасно дека ќе немам проблеми да ги стигнам моите колеги. Иако тие веќе ги имаа слушано првите делови од неколку предмети од претходниот семестар, јас не заостанав воопшто зад нив - и сѐ благодарение на знаењето што го стекнав пo предметите кои имав привилегија да ги слушам како студент и магистранд на ПМФ.

Факултети.мк: Како се случи да заминете во САД? Како продолжи да се развива Вашата кариера?

- Во 1998 година имав чест да учествувам и да презентирам свој труд на меѓународна конференција за топологија во Дубровник, Хрватска. На таа конференција имав привилегија да се запознаам со неколку професори од University of Tennessee, Knoxville, меѓу кои и професорот кој подоцна ми стана ментор на моите докторски студии. По конференцијата, проф. д-р Дончо Димовски, кој беше запознаен со докторските студии во САД, изврши позитивно влијание врз мене и ме поттикна да конкурирам и да заминам во САД, поточно во University of Tennessee, Knoxville, TN. По здобивањето со докторската диплома, решив да останам во САД, прво работејќи на University of South Dakota, а потоа на Utah Valley University, каде што и моментално работам како вонреден професор.



Факултети.мк: Може ли да направиме куса споредба во состојбите во оваа наука во Македонија и во САД? Кое се најголемите разлики?

- Развојот на математиката во Македонија е на доста високо ниво, ако се земе предвид дека Македонија е мала земја во споредба со САД. Се разбира дека одговорот на прашањето за разликите меѓу двете држави треба да се погледне и на глобално ниво. Математиката е наука која се развива константно, и нормално е тој развој да се согледа во поголем број области и гранки, како и поголемите финансиски можности за развој во голема и моќна земја како САД, споредено со развојот што се покажува во една мала земја како што е Македонија. Но, иако развојот на математиката во Македонија не се прикажува низ многубројни различни области како во САД, со сигурност може да се каже дека математиката како наука е котирана и призната високо во светот.

Факултети.мк: Имаат ли Македонците „кликер“ за математика и како котираат во светот?

- Резултатите зборуваат сами за себе. Успесите на македонските научници (тука ги вклучувам сите STEM - Science, Technology, Engineering and Mathematics области кои се силно поврзани со математиката) се видливи насекаде по светот. Постојано слушаме или читаме за успесите на Mакедонци-научници кои работат на видни позиции во познати компании или се истражувачи во големи истражувачки институти или универзитети. Тоа се луѓето што во светот ја носат пораката дека ние сме мала земја, но со големи квалитети.

Факултети.мк: Математиката е логичка наука, карактеристика која отсекогаш повеќе се поврзувала со машкиот пол. Колку се успешни жените математичари?

- Се согласувам дека математиката отсекогаш се поврзувала со машкиот пол, иако сегашните истражувања не покажуваат некаква значајна разлика, т.е. дека машкиот пол има поголема наклонетост кон математиката во споредба со женскиот пол. Истражувачите-математичарки се исто така успешни како и нивните колеги математичари. Имајќи предвид дека денес математиката е сѐ уште поле предоминантно со математичари, успехот на жените-математичари треба да се цени уште повеќе.

Факултети.мк: Што е во зенитот на Вашиот научен интерес? Што работите во моментот?

- Моментално со неколку мои соработници работам во математичката област „Теорија на графови“, на теориски проблеми кои се тесно поврзани со реалниот живот, како на пример, како да се мониторира моќта на електричните мрежи на поефикасен начин. Но, во последните години исто така ме привлекува истражувањето во некои области од математичкото образование. Една од областите на кои работам со големо задоволство е истражување на примената на активни стратегии за учење во образованието по математика и нивното влијание врз учењето на студентите. Од друга страна, од 2007 година сум раководител на воннаставни програми/проекти за средношколски ученички. Проектите се дизајнирани да работиме со ученичките на интересни математички проблеми, најчесто со примена во други научни области - за да им покажеме дека математиката е фасцинантна област и има голема примена. Целта на ова истражување е да се испита какво e влијанието на ваквите програми врз ставот на средношколките кон избирање професија од областите математиката и науката, воопшто.
Подготвил: Весна Ивановска-Илиевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Интервјуа