X
 28.08.2017 Здравје

Преку објавите на „Инстаграм“ може да се дијагностицира депресија


Инстаграм апликација
(Фото: Pixabay)


Нашите објави на социјалните мрежи зборуваат многу повеќе за нас, отколку што сме подготвени да признаеме. Тие дури можат и да сигнализираат дека ни е потребна помош. Во неодамнешна студија, група истражувачи открила дека, ако алгоритмот означи неколку клучни знаци во корисничките објави на „Инстаграм“, може да се дијагностицира депресија, поефикасно отколку што тоа би го направило стручно лице.

Крис Данфорт од Унивезритетот во Вермонт и Ендру Рис од „Харвард“, прегледале повеќе од 44 илјади фотографии што ги споделиле учесниците во студијата (од вкупно 166, кај 71 лице била дијагностицирана депресија). Истражувачкиот тим направил алатка која ги анализирала постовите и идентификувала депресија преку маркери одредени во претходна студија, како што е склоноста на депресивните луѓе повеќе да сакаат сиви, темни бои и да споделуваат помалку докази за социјална активност.

Откриле дека постовите на депресивните луѓе пред и после дијагностицирањето биле посини, потемни или во сиви тонови, во споредба со здравите луѓе. Се покажало дека депресивните луѓе имаат повеќе фотографии со нивниот портрет, додека здравите луѓе објавувале слики со повеќе луѓе.

Депресијата, исто така, ги тера луѓето помалку да користат филтри во своите објави. А кога користеле ефекти, депресивците најчесто посегнувале по Inkwell, кој фотографиите ги претвора во црно-бели. Луѓето без депресија повеќе го користеле филтерот Valencia, кој на сликите им дава посончев изглед.

Истражувачите дошле до заклучок дека алатката што ја дизајнирале може точно да идентификува кои луѓе имале или имаат депресија, дури 30 % подобро отколку лекарите.

Овој е еден од ветувачките експерименти кои користат вештачка интелигенција за дијагностицирање ментални нарушувања.  
Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Здравје