X
 29.08.2017 Технологија

На овој начин хакерите се служат со социјалните мрежи за своите напади


Композиција: Мобилен телефон, мали човечки фигури и глобус
(Фото: Pexels)


Кога би ги прашале сајбер-криминалците, социјалните мрежи се најдоброто нешто што се случило откако постои интернетот. Со нивната појава, освен старите криминалци, се создадоа и се навлекоа нови видови хакери...

Зошто социјалните мрежи ги привлекуваат хакерите?

Накратко – станува збор за место каде што се наоѓаат милијарди корисници. Онаму каде што се наоѓа популарноста – таму се и сајбер-криминалците. Според истражување на Универзитетот во Феникс, 84 отсто од возрасните луѓе во САД имаат барем еден профил на социјалните мрежи, а со растот на тие мрежи, расте и бројот на криминалци што сакаат да го искористат тоа.

Две од три лица во САД кои имаат профил на социјална мрежа наведуваат дека се свесни дека хакери им провалиле на профилите, а 86 отсто од нив признаваат дека објавиле ограничени информации на социјалните мрежи, за хакерите да имаат што помалку материјал во случај на провалување.

Меѓутоа, јасно е дека корисниците не разбираат сè и не ја ценат ранливоста, пишува The Next Web.

Повеќето социјални мрежи служат за муабетење со семејството и пријателите, споделување искуства и мултимедијални содржини, како фотографии и видеа, но и промовирање на одредени добротворни акции. Наспроти „ограничувањето“ кое го споменуваат, корисниците споделуваат повеќе содржини онлајн отколку што имаат претстава за тоа, а притоа не разбираат колкава е нивната цена во рацете на криминалците.

Технологијата им е достапна на сите – и тоа е проблемот


Корисниците на интернетот не се свесни дека секоја нивна активност може да биде од големо значење во погрешни раце. Не се во игра само лозинките, туку севкупниот досег што го овозможуваат социјалните мрежи. Кога просечен корисник, на пример, ќе уочи некоја бесплатна игра, таа можеби ќе го праша за поврзување со профилот на „Фејсбук“, за корисникот да може своите резултати да ги сподели со пријателите. Токму тука настана новата гранка во мрежата која хакерите можат да ја искористат.

Хакерот кој ќе се вклучи во нечиј профил ќе добие пристап до листата со сите контакти што корисникот ги има на социјалната мрежа. Ако, пак, социјалната мрежа ја користите за коментирање на страниците на некои производители, ресторани или услуги, хакерот може да добие пристап и до вашите претходни купувања.

Многумина забораваат дека:

– Ништо што е објавено на социјалните мрежи не може да биде целосно отстрането;

– Лозинките мора да бидат од сложен карактер и не смеат да се повторуваат низ повеќе профили;

– Користењето социјални мрежи на јавни отворени мрежи е вистинска мета за хакери;

– Информациите на профилот се вистински рудник на информации за хакерите и можат да ги искористат за phishing;

– Сè што ќе се смести на профилот – дури и заштитено со поставки за приватност, може да биде загрозено.

Си баравте – си добивте

Хакерите имаат на располагање повеќе од десетици различни техники со кои можат да провалат на профил на социјална мрежа. Дури и да пропаднат софтверските обиди, кои неретко се и непотребни, доволен им е социјален инженеринг. На ова паѓаат сите, дури и директорите на корпорациите!

Како што пишува The Next Web, трајното образование и обуките не можат сè да покријат. Особено во деловните кругови, не е доволно IT-одделот да одржи предавање – тие мора да се погрижат секој вработен точно да ги знае сите ризици од користењето на социјалните мрежи на работа, и тоа не само на компјутерот, туку и на мобилниот телефон и на другите уреди.

Никој не е доволно мал или голем

Барем во некои сегменти од IT-светот сè уште владее митот дека крајните корисници се премали, или големите компании се преголеми, за да бидат цел на злонамерни хакери. Меѓутоа, нештата не се толку едноставни.

Малите „безначајни“ корисници низ мрежата контакти можат да одведат до други корисници, кои пак се дел од нешто поголемо – и криминалците тоа добро го знаат. Социјалните мрежи се и тоа како плоден терен за „копање“. Американските владини IT-системи во повеќе наврати биле нападнати однадвор и однатре, а сите досегашни истраги покажуваат дека станува збор за комбинација од повеќе елементи, кои вклучуваат и социјален инженеринг и напреден софтвер.

И малите и големите можат да бидат носители на заразата, која може да се избегне само со добро и постојано образование, пишува TNW.
Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Технологија