Дали планирате да се мажите и да основате семејство во наредните две години? За која политичка партија гласавте на минатите избори? Да не си трудна?
Фото: Pixabay
Ова се само дел од непријатните и непристојни прашања што им биле поставени на наши читатели на интервјуа за работа. На анонимната анкета учествуваа вкупно 102 читатели. Во продолжение се нивните искуства.
- Со кого живееш?
- Што си во хороскоп?
- Зошто не сте вработени во струката? Доколку ве вработиме, колку време би работеле за нас? Дали сте мажена и колку деца имате? Дали планирате уште деца? Имате ли некој да ви ги чува децата додека сте на работа? Од која политичка партија сте?
- Дали планирате да се мажите и да основате семејство во наредните две години?
- Дали сте мажена?
- На едно интервју ме прашаа дали имам дечко. На друго прашав што треба да работам на таа работна позиција. Човекот ми рече дека многу „замарам“ и да не се секирам јас за тоа, да одам да донесам виски од другата соба и да се напиеме. И трето искуство: пред да почне интервјуто на лист да пишам што работат татко ми, мајка ми, брат ми, сестра ми и сопругот, дали имам деца и колку. Повторно беше поставено прашањето за деца на самото интервју и ме праша како ќе работам со две деца. Одговорив дека нема да ги носам на работа, туку си одат во градинка.
- Менаџерка за човечки ресурси (не регрутерка) ме праша: „Да не си трудна?“, откако прво ме праша од каде ми е презимето. Одговорив: „Хрватско, од сопругот“, бидејќи аплицирав со старото презиме, пред свадбата. Ѝ одговорив: „Мислам дека знаете дека немате право да ме прашувате за тоа“. Жената се насмеа и добив друг термин за интервју. Работата ја добив, ама никогаш нема да заборавам со каква помпа ми го постави прашањето.
- Зошто бараш нова работа кога си веќе вработен?
- Дали ќе ти биде проблем и да го чистиш меилот од спам? (На интервју за ИТ)
- Кажи ја твојата сума?!
- Откако ми кажаа дека сум повикана само затоа што сум аплицирала: „Да не биде не сме ти се јавиле и не сме те повикале на разговор“. Откако изгубив драгоцено време, ми кажаа дека бараат некој со поголемо искуство и патем ме прашаа зошто барам тука работа кога можам во странство со дипломата, повеќе ми се исплатело. Замислете :)
- Каде работат твоите родители?
- Дали би се согласиле повремено да одите на детектор за лаги, доколку бидете вработени?
- Непристојни прашања не ми поставувале, ама ме одмерувале од глава до пети.
- Дали сте мажени, дали планирате деца и дали би го оставиле мажот за добро платена работа. Три во едно!
- Дали сте имале сексуални односи?
- Дали планираш деца наскоро? Во блиска иднина? – Не. Ја добивам работата и по пет години соопштувам дека сум бремена. Реакцијата беше: Нели не планираше бременост??? Тогаш дознав дека „блиска иднина“ било во наредните десет години!
- Дали си во сериозна врска?
- Зошто планираш да имаш деца? Дали е тоа задолжително?
- Дали сте во брак и во скоро време планирате семејство? Му кажав на „шефот“ дека покрај тоа што ова прашање е забрането, е и крајно некултурно и безобразно да се постави. Нормално, тука заврши интервјуто и не ја добив работата.
- Дали не ви пречи тоа што ќе работите генерално само со мажи?
- Дали планирате да имате деца?
- Дали имате деца? Ако не, не ја добивате работата. Оти не планирале да плаќаат некого што нема да биде слуга и 24/7 на располагање.
- Дали сум сигурна во себе?!