X
 05.09.2017 Образование

Седум работи што секој ученик треба да ги направи во првата училишна недела

ucenje

Првиот ден од наставата, без разлика дали сте студент или ученик, можете и тоа како добро да го искористите. Не можете да реализирате успех без континуирана работа, па според тоа ви посочуваме неколку работи што треба да ги направите во текот на оваа недела.

1. Набавете голем ѕиден календар за пишување и/или планер за наредната училишна година. Во него обележувајте ги сите важни датуми, како што се испитите, роковите за предавање на есеите, семинарските и слично.

2. Јасно поставете си цели кон кои ќе се придржувате. Испланирајте го времето за учење. Времето потребно за учење на одредена лекција е различно за секој од нас, но ако одредите дека секој ден ќе посветувате два часа за повторување на материјалот, кон тоа и треба да се придржувате. Токму работењето низ цела година е најмалку стресен метод за подготовка на испитите или тестовите.

3. Освен времето за учење, испланирајте го и вашето слободно време. Уште во првата недела од наставата изберете активност која ќе ве опушти и која ќе ви ги одвлече мислите од училиштето/факултетот и обврските.

4. Ако сте ученик, разгледајте ги новите книги и запознајте се со она што ве очекува оваа година. Ако сте студент, добро би било да ја набавите и да се запознаете со литературата за испитите.

5. Организирајте сопствен простор за учење. Може тоа да биде уредно работно биро или можеби сакате да учите во неред. Единствено важно е таму да се чувствувате удобно.

6. Иако сè уште сме во летно расположение, а првата недела можеби и нема да морате да станувате прерано, добро би било уште сега да одите на спиење навреме и да создадете навика за порано будење. Одмореноста значи подобра концентрација во текот на денот, подобра концентрација за помнење поголем материјал, што значи и помалку време над книга дома.

7. Последно и веројатно најважно - информирајте се за методите за учење што навистина функционираат за да си ги олесните учењето и помнењето на поголем материјал и да воспоставите идеално време за учење и за слободни активности.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование