X
 07.09.2017 Образование

Како до подобри резултати на ПИСА: Да ги научиме децата како да мислат, а не што да мислат

Современа, наспроти традиционална настава, во која ќе има дискусии, дебати и истражувачки методи ќе создаде ученици кои ќе учат за знаење, а не за оценка, но и ќе знаат да мислат со своја глава. Измени во учебниците и во наставните планови и мотивираност и за наставниците и за учениците ќе ги подобрат резултатите на нашите ученици на меѓународните тестирања. Ова се заклучоците од тркалезната маса: „Петки во дневник, единици на ПИСА“, која се одржа денеска во хотелот „Мериот“.



Само еден од четири ученици во Македонија има компетенции што се неопходни за разбирање, спроведување и за проценување научно истражување. Овој податок укажува на тоа дека образовниот систем недоволно ги развива критичкото мислење и научниот пристап во разгледување на информациите од страна на учениците. Ова е само еден аспект од анализата на Finance Think, која денеска беше презентирана на тркалезната маса: „Петки во дневник, единици на ПИСА“. Анализата дава одговор на прашањето што најмногу влијае врз процесот на наставата и со тоа врз постигнувањата на учениците, но има и неколку препораки за тоа како може да се промени состојбата. Ана Мицковска-Ралева, истражувач од Центарот за истражување и креирање на политики, која е и една од авторките на анализата, изјави дека е добро познато дека македонските ученици постигнуваат едни од најслабите резултати на меѓународното тестирање ПИСА. Поради тоа, сакале да проверат неколку аспекти што се однесуваат на ниските резултати.

- Конкретно да видиме кои се факторите што се поврзани со постигнувањата на ова тестирање. Потоа тие фактори што влијаат врз постигнувањата сакавме да ги провериме преку теренско истражување, да видиме кои се ставовите на наставниците и на учениците, со цел да понудиме препораки за измени во образовниот систем – рече Мицковска-Ралева.

Тие откриле дека едни од најважните фактори што влијаат врз постигнувањата на учениците се методите на настава и на учење.

- Наставниците што користат дискусии, дебати и истражувачки методи имаат ученици со повисоки постигнувања. Учениците исто така сакаат она што го учат да им биде релевантно, поврзано со нивниот реален живот. Но, теренското истражување покажа дека сè уште во нашите училишта се доминантни традиционалните начини на учење, каде што наставникот е пренесувач на знаењето, ученикот е пасивен примател. Во поглед на методите на оценување, сè уште се бара репродукција и меморирање. Друг значаен фактор е мотивацијата на учениците, односно имањето внатрешна мотивација. Учење заради знаење, а не заради оценки. Ова се покажува како фактор за високи постигнувања. Но, теренското истражување покажа дека мотивацијата кај учениците е најчесто инструментална. Учењето е битно за да се постигнат добри оценки, за да се задоволат родителите, а не заради стекнување знаење и самата љубов кон учењето – рече Мицковска-Ралева.

Истражувањето покажало дека наставниците, како еден од најбитните фактори за квалитет во образовниот систем, се чувствуваат недоволно консултирани во поглед на образовните реформи што се спроведуваат, а и недоволно подготвени за реализација на новите наставни програми.

На терен се испитувало и влијанието на учебниците врз постигнувањата на наставниците. Ана Томовска-Мицевска од Универзитетот „Американ колеџ“ од Скопје истакна дека има поделени мислења на учениците и наставниците, во однос на учебниците.

- Учениците истакнуваат дека сакаат книги напишани на разбирлив начин, а дел ги посочуваат дека не им се доволно јасни, блиски и пренатрупани се со факти или има премалку факти. Многу е важно и како наставниците ги користат учебниците. Кога наставникот ќе успее добро да ја одработи темата, на учениците им е полесно дома да го совладаат материјалот. Постои врска помеѓу подготвеноста на наставниците и самите учебници - рече Томовска-Мицевска.

Таа истакна дека мора да најдеме начин да го развиваме критичкото мислење кај учениците, да ја поттикнуваме внатрешната мотивација, односно учениците да го учат тоа што го учат за развивање знаења и да бидат компетитивни на пазарот на труд, а не за оценки.

- Треба да се фокусираме и на наставните планови - да се јасни и конкретни, да се наменети за ученици со различни образовни потреби, а истото важи и за учебниците. Во наставата да се користат наставни методи кои стимулираат дискусии, активно учество на учениците во процесот на учењето и наставниците да се вклучени во промените – рече таа.

На тркалезната маса учествуваше и министерката за образование и наука Рената Десковска, која изрази благодарност до граѓанскиот сектор, кој прави анализи и истражувања за многу важни прашања и рече дека со задоволство ќе ги слушне препораките за надминување на проблемите.

- Загрижена сум поради слабите постигнувања на учениците и досегашното непреземање активности за подобрување на состојбите. Македонија во неколку наврати има учествувано на меѓународни мерења кои се важни за образовните политики на секоја држава. Предизвикот на нашата држава е да го подобриме резултатот на овие тестирања – рече Десковска.

Таа истакна дека се планирани повеќе активности за суштински промени во образовниот систем, меѓу кои и законски измени, и вети транспарентност при целиот процес. Десковска рече дека традиционалниот начин на настава ќе биде заменет со современ, а учениците активно ќе бидат вклучени во процесот на учење, кој ќе ги развива нивното критичко мислење и нивната имагинација.

- Мора да ги научиме децата како да мислат, а не што да мислат – рече Десковска.

На настанот присуствуваше и говореше и Чарлс Гарет, британски амбасадор во Македонија. Анализата е направена со поддршка од британската амбасада во Скопје.
Подготвил: Милена Атанасоска-Манасиева и Весна Ивановска Илиевска
Тагови:

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование