X
 09.09.2017 Живот

Убавите и неубавите нешта што ќе ви ги донесе поаѓањето во градинка


Дечиња во градинка
(Фото: Pixabay)


До првата година на бебето, случувањата во рамките на сечиј дом си личат едни на други и гравитираат околу потребите на најмалиот член од семејството. Но, после првиот роденден почнува нова етапа во животот, и на родителите и на детето. Првото прашање што го наметнуваат обврските што биле одложени за една година е дали детето да почне во јасли и како, од тој момент, ќе се промени секојдневието за сите...

Фазата „почнување во градинка“ почнува многу порано од првиот ден во градинка. За разлика од децата чии родителите одлучиле да ги остават на чување со бабите и дедовците или бебиситерка, оние другите имаат цела листа со нешта што мора да ги направат многу порано пред да тргнат во градинка – мора да проодат многу порано, мора да прозборат порано за да можат да ги искажуваат своите потреби, мора да научат да пијат од чаша, мора самостојно да јадат... Вашата задача како родители е да ги запознаете децата со храната што ќе ја консумираат во градинка за да избегнете несакани последици, како, на пример, алергиска реакција или негодување и гладување. Тука е и вакцината што треба да ја прими детето и тоа во здрава состојба, онаа што родителите кои ги згрижиле децата кај бабите и дедовците си дозволуваат да ја одложат за некој месец.

Па, доаѓа најважната подготовка...

За да му ја олесните транзицијата, приспособете го дневниот распоред со оној во градинката, испланирајте си дополнителни слободни денови за да го водите на адаптација и заедно да го поминувате времето после градинката. Многу е важно овој процес да го води мајката како најголема поткрепа на детето што ја чека од другата страна на вратата. Прошетките нека водат по востановена рута до едно волшебно место полно со играчки и другарчиња. Важно е детето постепено да поминува одредено време со друга личност по час, два, три, и да се навикне дека секојпат доаѓате по него. Дали детето брзо ќе се навикне, зависи од родителите и од нивниот внатрешен однос кон градинката. Ако го почувствува немирот на родителите, и самото ќе стане вознемирено, исто како што ја чувствува вашата доверба кога им го предавате на воспитувачите.

Како родители, морате да го проголтате фактот дека веќе немате контрола врз некои работи и дека и покрај тоа што вашето дете сте го негувале како за на реклама, отсега понекогаш ќе биде мрсулаво, расплакано, со дамки, не од негрижа на воспитувачките, туку од презафатеноста и со други деца. Веќе не можете да избирате со кого ќе се дружи вашето дете, бидејќи сега ќе се помеша со деца чии родители се од различен социјален статус и образование. Исто така, градинката е добра можност да се ослободите од некои лоши навики, како, на пример, цуцли и шишенца за млеко, бидејќи таму не се дозволени такви нешта, како и омилените кукли и играчки.

Најлошото што може да ви го донесе градинката...

Градинката е легло на зарази и специфично опкружување, каде што повеќе деца истовремено кашлаат, киваат или имаат растечен нос. И тоа не се причини детето да не биде примено во градинката. Причините се прецизно дефинирани – температура, дијареја, повраќање. Сите тие деца заедно јадат, спијат, одат во тоалет, ги негуваат исти личности, и сето тоа во затворен и ограничен простор.

Друг проблем е поврзан со родителите што работат и не сакаат да го остават детето на чување кај некој друг. Принудени сте да ја ризикувате работата само за да бидете со него додека не оздрави. Ова најчесто ѝ се случува на мајката поради поврзаноста со детето. Сето тоа може да потегне низа реперкусии, реакции во работната средина, неможност за напредување и сл.   

А најдоброто што ќе ви го донесе градинката...

Најблиска споредба е како подготвителна фаза пред поаѓање на училиште. Одеднаш се појавува ранче со цртани ликови, плакарче со неговото име, нов круг на другарчиња, некоја тетка која првпат во животот ќе ви раскаже нешто за вашето дете за нешто што вие не го знаете и ќе го утеши наместо вас, родителски состаноци каде што можеби ќе се зборува и за вашето најмило. Потоа, тука се креативните активности, подготовки на рецитали, украси за елка, сезонски симболи и тематски задачи. Дословно, секој ден ќе имате нова причина да се гордеете со своето дете. Радости и солзи, заедничко совладување на стресот, на некоја непријатност или пречка. Буквално ќе го сведочите процесот на социјализација на вашето дете, неговите пробиви, први симпатии, дружби... најрадосниот период пред да влезе во институционалниот калап на образование.
Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот