X
 10.09.2017 Образование

Десеттина од најреномираните универзитети во светот се наоѓаат во Германија, во Македонија ниту еден

германија
Фото: DPA

20 германски универзитети моментално се меѓу 200. најпрестижни во светот според реномирано рангирање објавено во вторникот.

Во 14. годишно издание на „Times Higher Education 2018 World University Rankings“, Универзитетот „Лудвиг Максимилијан“ во Минхен е највисоко пласирана високообразовна институција во Германија, рангирана како 34. најреномиран универзитет во светот. Сепак, оваа институција се спушти за четири места во споредба со минатата година.

Во рангирањето на „Times Higher Education“ беа вклучени 1.000 универзитети од вкупно 77 држави. 44 германски високообразовни институции успеаја да се запишат на листата оваа година, за разлика од 41 универзитет минатата година.

Американските и британските универзитети доминираа на врвот на листата, со злато, сребро и бронза за Универзитетот во Оксфорд, Универзитетот во Кембриџ и Калифоринскиот институт за технологија, соодветно.

Од другите германски универзитети на листата, Техничкиот универзитет во Минхен и Универзитетот „Хајделберг“ имаа најдобри резултати - се најдоа во првите 50 места; Техничкиот универзитет се најде на 41., додека „Хајделберг“ на 45. место.

Некои германски универзитети значително го подобрија местото на листата во споредба со минатата година. Универзитетот во Фрајбург, на пример, од 95. дојде на 82. место, додека Универзитетот во Келн се искачи на 145. место од 170. место.

Оваа година се приклучија и неколку нови германски институции. Универзитетот за медицина „Шарите“ во Берлин се најде на 126. место, Универзитетот во Пасау и Универзитетот во Постдам беа рангирани во групата од 201. до 250. место, додека Универзитетот за технологија во Хамбург се најде во групата од 401. до 500. место.

Универзитетот во Бон успеа да се најде меѓу топ-100.

„Германија останува една од најсилните нации во светот кога станува збор за високото образование, но нејзините универзитети се под закана од подемот на Азија“, вели Фил Бати, уредник на „Times Higher Education“.

Кинеските универзитети брзо се искачуваат на листата, ставајќи ги под силен притисок институциите низ светот. Два водечки универзитети во Кина сега го надминуваат врвниот Универзитетот „Лудвиг Максимилијан“ во Минхен.

Германија, исто така, може да има корист од потенцијалниот пад на бројот на странски студенти што аплицираат на американските и на британските универзитети во пресрет на Брегзитот, како и зајакнатата имиграциска политика во двете земји.

„Ако Германија гарантира дека може да продолжи да инвестира во својот водечки светски високообразовен сектор и да остане отворена, додека другите западни нации стануваат сè поизолирани, земјата ќе биде поконкурентна во наредните години“, вели Фил Бати.

Универзитетите на Балканот

Ниту еден македонски универзитет не се најде на листата на „Times Higher Education“. Кога станува збор за високообразовните институции од Балканот, два хрватски универзитети се најдоа на листата. Универзитетот во Сплит се најде во групата од 501. до 600., а Универзитетот во Загреб се најде во групата од 801. до 1.000.

Од Бугарија единствено се најде Универзитетот во Софија во групата од 1.000+, додека Универзитетот во Марибор и Универзитетот во Љубљана се најдоа во групата од 601. до 800.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование