X
 10.09.2017 Живот

Креативна идеја на Лос Анџелес - со сива боја против глобалното затоплување

promeni
Фото: GuardTop

Лос Анџелес сака да направи нешто повеќе во борбата против климатските промени и да го намали покачувањето на температурата. Овој пат тоа го прави преку обојување на улиците со различна боја.

Црната е боја што ја апсорбира топлината од Сонцето, па црниот асфалт сигурно ја зголемува вкупната температура на градот. Сега Лос Анџелес ги обојува улиците со сива боја наречена „КулСиал“, која ќе се погрижи улиците да бидат постудени. Калифорниската компанија „ГардТоп“ ја произведува бојата, а градот уште во август ја тестирал бојата - резултатите биле неверојатни: температурата паднала за 6,6 Целзиусови степени.

„Климатските промени се факт во животот на луѓето во Лос Анџелес и во градовите низ светот. Климатските промени се сериозна закана за нашето здравје, нашата околина и нашата економија - и тоа не е дискутабилно и не е нешто за кое би можеле да преговараме. Ова е итен предизвик“, изјави градоначалникот Ерик Гарсети.

Секако, Лос Анџелес треба да направи многу повеќе ако сака навистина да влијае врз климатските промени, а не само да ги ублажи ефектите. За среќа, веќе се преземаат чекори во оваа насока. Градоначалникот уште во јуни покрена предлог кој ги вклучува принципите на Парискиот договор за клима во сопствените политики на градот, и покрај неодамнешната одлука на Америка да се повлече од Парискиот договор. Дополнително на тоа, државата Калифорнија влезе во Алијансата за климатски промени и направи планови за користење 100 отсто обновлива енергија до 2045 година.

Во рамките на самиот Лос Анџелес, други мерки, како што е садење дрвја, може да ги продолжат напорите за намалување на климатските промени.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот