X
 10.09.2017 Образование

ВОДИЧ ЗА БРУЦОШИ: Понеси си од дома сѐ што е можно за да не го купиш поскапо, а и да ти остане повеќе џепарлак!

Започнувањето на студентскиот живот е голема работа. Тоа време е важна фаза за младиот човек, кој има големи соништа за својата иднина. Речиси секој што некогаш бил студент, отпосле ги смета тие години за најубави зашто освен да се грижи да ги положи испитите, другото е забава и уживање. Сосема е различна приказната доколку сте дојдени од друг град. Одвојувањето од дома, од целосната заштита на родителите и фамилијата, сега се претвора во осамостојување. Треба да мислите буџетот со кој располагате за еден месец да го распределите мудро за да не останете без денар.



Затоа што не можете целиот свој дом да го преселите во Скопје или во друг факултетски град во земјава, без разлика дали ќе живеете во студентски дом или во стан, треба да бидете рационални во врска со тоа што сѐ ќе понесете од дома или ќе купите.
Студентите најчесто живеат во соби или станови со други студенти, односно цимери. Тоа подразбира учење на толеранција, почит кон потребите на другиот.

Ви предлагаме еден кус водич што може да ви помогне за подобра организација на вашиот багаж пред „големата преселба“.
Основно правило е: Понесете сѐ што е можно од дома за да не го купите поскапо, а и да ви остане џепарлак!

1. Сезонска облека, приспособена на големината на плакарите. Јасно е дека за девојките нема плакар доволно голем за да ја собере целата облека што сакаат да ја понесат од дома. Но, доколку живеете во студентски дом, и тоа како треба да бидете разумни.
2. Вреќи за спиење не ви требаат, блиските остануваат да спијат со вас, а другите ќе ги избркате.
3. Поголемо пакување шампон и гел за туширање, оти може цимерот нема да има свои.
4.Бокал за греење вода, за брзо правење кафе на сабајле, нешто што е од голема корист.
5. Пластични садови за тие што ги мрзи да мијат.
6. Слушалки – сигурно некој од цимерите ќе ве нервира.
7. Спортска опрема, ролери, велосипед.
8. Чоколатце, бонбона в џеб, особено кога одите на испит.
9. Звучници за забава.
10. Термос за кафе е добредојден, иако денес сè почести се кафињата to go или кафематите, ама ако сакате во читалница да си го понесете кафето што најубаво го подготвувате, тогаш термосот е вистинско решение.
11. Средство за отстранување дамки, оти сигурно уште на првата забава или вие ќе истурите или вам ќе ви истурат вино или друг алкохол.
12. Закачалки, столна ламба за да можете да читате дури спие цимерот.
13.Суперлепило, оти ќе ви се случуваат бељи.
14. Понесете си ги омилените предмети од дома, сувенири, постери... на студентската соба треба да ѝ се даде личен печат.
15.Пластични садови за забава.
16. Касичка за штедење или пластично шише засечено на врвот – во него можете да собирате ситни парички за еден ден кога ќе ви секне месечниот џепарлак да има со што да си купите леб.
17.Медицинска книшка.

Доколку сте сместени во студентски дом, тогаш ќе ви требаат и следниве работи:
1.Греалки за зимно време, ем дува од прозорците ем парното околу 22 часот се гасне, а студентите ретко си легнуваат во тоа време.
2.Средства за чистење, средства против инсекти, лебарки, метла, џогер, зашто секој си ја чисти собата.
3. Огледало.
4. Филџани, чаши, виљушки, лажици.
5. Вангла за да си исперете нешто итно.
6. Решо и тенџере, оти често ќе јадете шпагети со кечап или со сос од кесичка.
7. Ножици, игла и конец за крпење, за во итни случаи, зашто најважно е да изгледате пристојно.
8. Во првите денови добро е да имате боја зашто собите ги варосувате сами.
Подготвил: Сребра Ѓорѓијевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование