X
 12.09.2017 Образование

Професорите од Стоматолошки факултет со отворено писмо до в.д. деканката бараат оставка



Колешке,

поминаа повеќе од 4 месеци (130 дена) како ја извршувате функцијата времен вршител на должност декан на Стоматолошкиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. До крајот на периодот за кој сте назначени Ви остануваат помалку од 50 дена. За нас, овој период не беше воопшто лесен, но идејата за враќање на автономијата опстои! Не беше лесен ниту за нашиот факултет, ниту за нашиот Универзитет. Пред истекот на времетраењето на Вашиот мандат би требало да го согледаме и Вашето раководење и управување со факултетот.  

Прво, не успеавте да одржите ниту една седница на Наставно-научниот совет. Минатата недела Ви пропадна и третиот обид да одржите седница на овој орган на факултетот, но, како и претходните пати, немавте кворум за работа. И покрај сите притисоци врз дел од нашите колеги, не успеавте да обезбедите ни просто мнозинство. Уште на почетокот на Вашиот мандат Ве известивме дека нема да присуствуваме на седниците со кои раководите!

Второ, не успеавте да одржите ниту една седница на деканатската управа. Се обидовте и да го смените нејзиниот состав. Назначивте три в.д. продекани, но и тоа не помогна за да обезбедите просто мнозинство. Следуваше и предвремено прекинување на мандатот на постојните раководители на катедрите. Дури, назначивте в.д. раководители. Но, откако Ве предупредивме дека оваа Ваша активност е спротивна на актите на Универзитетот, ги поништивте донесените решенија.

Трето, не функционира ниту еден постојан одбор, совет и комисија на факултетот. Најголем дел од претседателите на овие тела не сакаат да свикаат седници бидејќи знаат дека донесените одлуки се ништовни. Само еден претседател свика седници на две тела, но немаше кворум за работа.

Четврто, не успеавте да формирате комисија за упис на студенти. Во скоро 60-годишното постоење на Стоматолошкиот факултет, првпат, и тоа кога Вие сте в.д. декан, беше доведен во прашање уписот на студенти. Дали од незнаење или поради несовесно работење, задоцнивте со формирањето на оваа комисија. Мораше Ректоратот да интервенира и да ги запише студентите што се пријавија на конкурсот. За жал, нашиот факултет е единствениот кој не формира комисија за упис на студенти.

Петто, не ги спроведовте активностите за отпочнување на новата учебна година. Не утврдивте распоред за изведување теоретска и практична настава. Не ги определивте обемот и учеството на сите лица во наставно-образовниот процес. Не реализиравте јавна набавка за потребните материјали за практичната настава на студентите, иако учебната година почнува за неколку дена.

Шесто, свесни сте дека Вашето назначување е неправилно и незаконско. И покрај тоа што Државниот просветен инспекторат потврди дека сте незаконски и неправилно назначена, Вие си молчите. Освен тоа, продолжувате така и да работите.
 
За волја на вистината, имате и успеси. Во овој период дури два пати бевте на стручно усовршување во странство. Успеавте и да присуствувате на студентскиот конгрес кој го организира Студентскиот парламент при Стоматолошкиот факултет. Но, и пред нив премолчивте дека бевте потписник на контрапленумот и дека Ви е многу жал што нема да Ви поминат ,,реформите“ за кои се залагавте со контрапленумците.

Едноставно речено, проф. Поповска, не успеавте во Вашата визија и мисија. Впрочем и ги немате. Да ги имавте, ќе се кандидиравте за декан и тогаш, во академски дух, ќе ги надминевме овие недоразбирања. Но, Вие одлучивте поинаку.

За жал, се оглушивте и на барањата на мнозинството Вашите колеги, професори, кои бараат проф. Ивановски да биде декан на нашиот факултет. Не ги слушнавте ни барањата на мнозинството асистенти и научни работници, кои исто така го поддржуваат проф. Ивановски. Не ги слушнавте ниту барањата на студентите и специјализантите на нашиот факултет.


Отворено Ве прашуваме проф. Поповска: Кого и што слушате? Зарем уште не сте свесни дека мнозинството професори, асистенти, научни соработници и студенти бараат проф. Ивановски да биде декан на Стоматолошкиот факултет? Не гледате ли дека го доведовте во прашање функционирањето на факултетот. Не гледате ли дека го загрозивте наставно-образовниот процес? Свесни ли сте дека сте учесник во погазувањето на автономијата на нашиот факултет?

Уште што, проф. Поповска, треба да се случи за да си поднесете оставка? Зарем не е доволно што целиот факултет е блокиран со месеци!

Оставка, проф. Поповска, оставка! Тоа е единственото решение за Стоматолошкиот факултет да го продолжи својот долгогодишен развој и сите заедно, вклучително и Вие, да се обидеме да ја подобриме наставно-образовната, научната и здравствената дејност на нашиот факултет.

П.С. Нема да учествуваме на избори за нов декан на факултетот. Него го избравме. Тоа е нашиот и Вашиот колега - проф. Ќиро Ивановски.


Со почит,
Вашите колеги,
потписниците на Академскиот проглас

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование