X
 13.09.2017 Интервјуа

Интервју, проф. Иван Радевски, доцент на Институтот за географија: „Македонската хидрологија првпат во престижното научно списание Science“

Публикациите во списанијата Nature и Science имаат посебно значење и во рангирањето на во последно време кај нас популарната Шангајска листа, значително повеќе од останатите публикации на Web of Science. Објавувањето на ваков труд е особено значајно за Македонија. На пример, Австрија има по неколку труда годишно, а кај нас за првиот во географијата, за малку не поминале 100 години од високообразовната географска дејност, од нејзиното формирање како катедра во 1922 година



Географијата во Република Македонија заслужува посебно место бидејќи на наша почва се напишани најголемите географски дела на Балканскиот Полуостров. Република Македонија иако е релативно мала по површина, има нееднакви климатски и хидролошки законитости на нејзината територија. Имено, нашата држава се наоѓа на самата граница меѓу медитеранскиот и континенталниот режим на врнежи и секој речен слив има посебни карактеристики, за разлика од униформните европски реки каде што релјефот и климата се генерално униформи и во должини над 1.000 километри, вели проф. Иван Радевски, доцент на Институтот за географија при Природно-математичкиот факултет во Скопје. Тој беше дел од меѓународниот тим чиј научен труд во минатиот месец беше објавен во научното списание Science.

Факултети.мк: На 11 август годинава во списанието Science објавивте нов научен труд под наслов Changing climate shifts timing of European floods. Станува збор за реномирано научно списание. Како се случи соработката?

- Списанието Science се печати од втората половина на 19 век и е престиж за професорите од највисокорангираните универзитети во светот. Неговиот фактор на влијание (IF) за 2016 година изнесува 37,2. Од поднесените ракописи само 7 отсто се прифатени за публикување, останатите се одбиваат. Соработката почна во 2011 година кога ме покани колешката Џулија Хол, научник од Виенскиот универзитет за технологии, да работиме на труд за големите води во Европа. Како прв автор на публикацијата е потпишан претседателот на Интернационалната асоцијација за хидролошки науки (IAHS), професорот Гантер Блошл од Виена. Јас имав обврска да составам екипа на хидролози од Балканот, па вклучив и колеги од Географскиот факултет во Белград и од Одделот за географија при ПМФ во Загреб. Не само за Институтот за географија при ПМФ во Скопје, туку мора да потенцирам дека ова е прва публикација во толку значајно списание и за колегите од Србија и од Хрватска.



Факултети.мк: Претставете ни го во куси црти трудот? Што сѐ обработува?

- Беше потребна голема европска база на големите води, која преку тестирања ќе биде анализирана и ќе се истражуваат причините за промена на нивната магнитуда, трендови и време на појавување во годината. Потоа преминавме на истражувања на климатските фактори што ги предизвикуваат промените кај поплавите. Така дополнително се анализирани врнежите во Европа, заситеноста на почвата со влага и влијанието на северноатлантската осцилација на воздушните маси.

Факултети.мк: Како дојдовте до идеја да се позанимавате со оваа тема?

- Темата зависи од полето на истражување. Во мојот случај тоа е физичката географија како област, додека полето на истражување е хидрологијата, која ги проучува појавите и процесите на водените тела распределени во просторот. Особено значајно е што во конкретниот труд се поврзани две фундаментални физичко-географски дисциплини – климатологија и хидрологија, па така трудот истражува поврзаност меѓу климатските промени и големите води како хидролошка категорија.



Факултети.мк: Изработката на ваков труд не е едноставна работа. Кој го финансира проектот?

- Трудот е поврзан со четири големи проекти финансирани од Европската комисија, австрискиот, германскиот и рускиот фонд за наука, со што се обезбедени техничка поддршка, опрема и човечки ресурси за реализирање на истражувањето.

Факултети.мк: Во трудот се анализирани максималните протоци на реките во Европа и се анализирани 4.262 водомерни станици во изминатите 50 години. Кои води се анализираа во Македонија и дали резултатите се идентични како со останатите реки на континентот?

- Република Македонија иако е релативно мала по површина, има нееднакви климатски и хидролошки законитости на нејзината територија. Имено, нашата држава се наоѓа на самата граница меѓу медитеранскиот и континенталниот режим на врнежи и секој речен слив има посебни карактеристики, за разлика од униформните европски реки каде што релјефот и климата се генерално униформи и во должини над 1.000 километри. Големите води кај реките со континенталниот режим во Република Македонија главно покажуваат пролетни и есенски големи води, додека медитеранските во зима.

Факултети.мк: Кој е крајниот заклучок во трудот?

- Поплавите не ја зголемиле својата јачина, тука има значајни поместувања на нивното појавување. Порано се појавуваа во Североисточна Европа и атлантскиот брег, а подоцна во Медитеранот и на северноморскиот брег. Причините за порана појава се порано топење на снежната покривка на исток (СИ Европа) и порана заситеност на влага на почвата на запад (атлантски брег). За подоцнежното појавување на големите води во Медитеранот главна улога имаат задоцнетите зимски бури на југ и засилената северноатлантска осцилација во регионот на Северното Море. Врз основа на резултатите укажани се и потребните мерки на претпазливост.

Факултети.мк: Колку е оваа ситуација поврзана со климатските промени на глобално ниво?

- Трудот докажува директна поврзаност меѓу климатските промени и големите води во Европа. Гледано глобално, европскиот континент има релативно мала површина (само 10 милиони квадратни километри), но во секој случај климатските промени влијаат на сите континенти, но на различен начин во зависност од географската широчина, орографијата, режимот на врнежи и ако имаме унифицирана база на светско ниво со овие податоци, за науката ќе биде многу полесно да донесе нови заклучоци.



Факултети.мк: Дали тие промени водат кон поголема закана од суша или од потоп во иднина?

- Сушите и потопите како што ги нарекувате нема да престанат, туку циклично ќе се менуваат со поголем или помал интензитет. Секое лето сме сведоци на спектакуларни вести за „најсушно од кога било“, но лани, посебно во Скопје, не беше така. Постои разлика меѓу научните пишувања каде што заклучоците се носат врз основа на научни методи и популаризирани тези, чија цел е само да изгледаат спектакуларно. Во Република Македонија бевме сведоци на влажен период кој беше особено изразен од 2009 до 2016 година, спротивно на сите популарни тези дека се очекува Балканот и Пиринејскиот Полуостров да добијат пустински карактеристики.

Факултети.мк: Колкаво е значењето на објавувањето на овој труд за географијата како наука во Македонија?

- Публикациите во списанијата Nature и Science имаат посебно значење и во рангирањето на во последно време кај нас популарната Шангајска листа, значително повеќе од останатите публикации на Web of Science. Објавувањето на ваков труд е особено значајно за Македонија. На пример, Австрија има по неколку труда годишно, а кај нас за првиот во географијата, за малку не поминале 100 години од високообразовната географска дејност, од нејзиното формирање како катедра во 1922 година. За да се постигне ова, потребни се голема самоиницијативност, склоност и способност за меѓународна соработка (конкретно колегите од Австрија работат на една од 20. најпрестижни институции во сферата на истражувањето на водните ресурси во светот) и среќа.

Факултети.мк: Каков е интересот на нашата држава за финансирање и поддршка на истражувања на полето на географијата? Што треба да се промени?

- Географијата во Република Македонија заслужува посебно место бидејќи на наша почва се напишани најголемите географски дела на Балканскиот Полуостров. Таа претставува мост меѓу природните и општествените науки. Јас, со моето научно поле припаѓам во нејзиниот природен дел. Финансирањето од страна на државата е на дното во Европа. Средствата за финансирање од државата не се под секое професионално, туку под секое морално ниво, а платите на универзитетските професори со години се идентични на платите на лица со основно образование во некои јавни претпријатија, на асистентите дури и помали. Затоа би ги препорачал следните промени: Реоформување на Министерството за наука со најмалку 2 отсто од буџетот на РМ (кај развиените земји е 3,5-4 отсто), со посебен фонд за природните, техничките и медицинските науки кои имаат поголема потреба од опрема. Секој професор да има проект од кој ќе произлезе меѓународна публикација и во истиот ќе вклучи помлад асистентски кадар; најмалку двојно зголемување на платите на професорите и на асистентите; финансиски, а не само административно интегриран универзитет (се однесува на УКИМ); автономија на универзитетот, автономија на наставниот кадар. По сево ова очекувам позицијата на нашето високо образование да биде подобрена.
Подготвил: Весна Ивановска-Илиевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Интервјуа