X
 13.09.2017 Образование

Реформи? Сеопфатно изучување на театарската уметност во сите средни училишта во Македонија

Образовниот систем во Македонија има потреба од редефинирање. Последните измени на наставните планови во гимназиското образование ни се случиле пред 15 години. Моделите се застарени и не ги следат современите текови на образованието во светот.



Македонското средношколство, како дел од новиот Наставен план за гимназиско образование, на учениците им нуди насочување во третата и четвртата година од студиите. Во зависност од интересот, средношколците-гимназијалци кон крајот на својата втора година можат да одберат едно од трите подрачја, односно шесте пакети/комбинации на предмети што ќе ги слушаат во последните две години од гимназиските студии. Предметот Драмска уметност се нуди токму во едно од овие подрачја, во подрачјето именувано како Јазично-уметничко, во пакетот/комбинацијата Б. Во светот, театарската уметност во образованието се јавува во 1953, а кај нас во 2001/02.

Многу училишта од Македонија поради немањето соодветен кадар за реализација на овој предмет, го исклучуваат целиот пакет Б и на учениците им се оневозможува контактот со уметностите. Односот на училиштата, родителите и учениците во голема мера е занемарувачки кон овој тип предмети без притоа да имаат увид во влијанијата што уметностите ги имаат врз развојот на личноста кај средношколците.

Од своето воведување, па до денес, наставниот план за предметот Драмска уметност е изменет само еднаш. Македонското Биро за развој на образованието вели дека овој наставен план претрпува извесни промени во 2003/04 година „бидејќи во периодот на неговата примена се појавија извесни проблеми и тешкотии произлезени од некои недоречености, недоследности, и нејасности во самиот план, а се однесуваат на подрачјата на изборните предмети...“ („Гимназиско образование“ n.d.)

За овој предмет нема издаден учебник и покрај тоа што работната верзија од учебникот речиси две години чека да биде одобрена од Бирото за развој на образованието. Изработена е од стручен тим, составен од двајца театролози, универзитетски професор по актерска игра, универзитетски професор по балетска педагогија и театарски режисер. Неопходно е неговото поскоро изготвување, а објавувањето на вакво помошно средство би било од исклучително значење како за процесот на учење така и за театарската педагогија во Македонија.

Институција што ќе овозможи соодветна подготовка за наставниот кадар да може квалитетно да ја врши реализацијата на овој предмет не постои. Проблемот е и во самиот назив на предметот. Би можел да се разгледа терминот Театарска уметност, токму поради фактот што театарската уметност е поширок поим и опфаќа повеќе сфери (актерство, режија, драмско писмо, историја/теорија на театар), во споредба со поимот драмска уметност, чиј фокус е на она што ѝ припаѓа на драмската литература како специфичен книжевен род.

Во наставниот план на предметот Драмска уметност стои дека:

- наставници што имаат завршено филолошки факултет, во комбинација со завршен курс на факултетот за драмски уметности

- и наставници што имаат завршено на Факултетот за драмски уметности, но и педагошки ќе се доквалификуваат, се сметаат за квалификуван кадар кој ќе може да го предава овој предмет во средните училишта. Квалификуван кадар за овој предмет нема. Сите наставници предаваат македонски јазик и литература или англиски јазик и литература, па така, овој предмет го третираат најчесто како литерарен. Ова може да биде поттик и за факултетот за драмски уметности да почне да размислува во насока на основање катедра за театарска педагогија, зошто да не?

Постојат многу истражувања во светот кои го потврдуваат позитивното влијание на уметностите (во овој случај театарската уметност) врз развојот на одредени вештини кај средношколците. Тинејџерските години се години кога во мозокот се активираат сферите кои се однесуваат на емоционалната интелигенција на луѓето: можноста да се именува, препознае и објасни која било емоција, да се лоцира нејзиниот извор, да се развие свесност за нејзиното влијание врз секојдневните постапки итн. И кај нас, во Македонија, беше спроведено такво истражување, од чии резултати се евидентни позитивните влијанија врз развојот на личноста на средношколците што следеле предмет на чии часови се изучувала театарската уметност. Повеќе од доволно се забележува дека содржината која средношколците треба да ја изучуваат позитивно влијае врз нивната личност и вештини/способности поврзани со процесите на донесување одлуки, комуницирање, презентирање, лидерство, како и емоционалната интелигенција.

Сознанијата од истражувањето (кое е објавено во меѓународното научно списание Ars Acamedica, можете да го прочитате тука) не само што посочуваат на придобивките од постоењето на еден сеопфатен театарски предмет во средните училишта во Македонија туку и нудат решенија за воведување на овој предмет во образовните институции како задолжително-изборен, односно, секој ученик да може да одбере во која година ќе го слуша предметот како задолжителен. Целта на оваа идеја е да се продуцираат емоционално описменети млади лица кои се, всушност, движечките сили и мотори на едно општество. Идеално би било воведувањето на овој предмет да се случи во сите средни училишта низ Македонија, без разлика на тоа дали се стручни или гимназиски. Уметностите не треба да бидат исклучувани зашто нивното изучување влијае врз развојот на креативноста и креативното решавање на проблемите – аспекти кои се апликативни во сите животни сфери. Со оглед на тоа што поголемиот број часови од овој предмет се интерактивни и практични, на учениците би им се овозможило несекојдневно училишно искуство. Одењето на училиште треба да биде забавно.

м-р Милош Б. Андоновски
дипломиран театарски режисер со педагошки доквалификации
Подготвил: м-р Милош Б. Андоновски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование