X
 20.09.2017 Живот

Светските лидери за Трамп: „Говорот на омраза на Трамп припаѓа на средниот век!“

tramp

Некои земји членки го критикуваа првиот говор на американскиот претседател Доналд Трамп во ОН во кој Иран ја вклучува во „малата група на земји со ужасен режим“ и во кој предупреди дека Америка, доколку мора, целосно ќе ја уништи Северна Кореја.

„Говорот на омраза на Трамп припаѓа на средниот век“, изјави иранскиот министер за надворешни работи.

Пјонгјанг допрва треба да одговори на заканата на Трамп за уништување на Северна Кореја. Американскиот претседател ја претстави визијата за светот составена од суверени држави кои работат за доброто на своите граѓани, но голем дел од неговиот говор го посвети за напаѓање на „страшните“ режими, Северна Кореја, Иран и Венецуела.

„Беше погрешен говор, во погрешно време и пред погрешна публика“, изјави шведската министерка за надворешни работи, Маргот Волсторм.

Во неговиот прв говор на годишниот собир на светските лидери, американскиот претседател го искористи неговото време за да ги нападне и иранските нуклеарни и регионални амбиции, економијата на Венецуела и заканата од исламистичките екстремисти. Исто така, тој ја критикуваше и кубанската влада.

Зборувајќи за Иран, Трамп повика на нови преговори за нуклеарниот договор постигнат во 2015 година, од страна на неговиот претходник, Барак Обама. Овој договор Трамп го нарече срам и истакна дека нема да го продолжи во средината на октомври.

Во однос на Венецуела, Трамп ситуацијата таму ја нарече „целосно неприфатлива“ и додаде дека Америка не може само да стои настрана и да гледа. Предупреди дека Америка размислува за понатамошни чекори.

Венецуелскиот министер за надворешни работи, Хорхе Ареаза ги отфрли заканите на Трамп. „Тој не е претседател на светот - тој дури и не може да управува со сопствената влада“, изјави тој.

Говорот на Трамп го коментираше и венецуелскиот претседател Николас Мадуро, кој го спореди со лидерот на нацистичка Германија. „Агресивниот говор на новиот Адолф Хитлер, господинот Трамп, кој себеси се смета за господар на светот, за меѓународната политика, беше насочен кон народот на Венецуела. Но нас никој не може да ни се закани“, изјави Мадуро.

Претседателот на Боливија, Ево Моралес, сојузник на Венецуела, на „Твитер“ напиша: „Не изненадува што мултимилионер како Трамп го напаѓа социјализмот. Нашата борба секогаш ќе биде идеолошка и прагматична“.

Францускиот претседател Емануел Макрон исто така зборуваше на Генералното собрание, и го бранеше нуклеарниот договор со Иран. „Поништувањето на договорот ќе биде ужасна грешка“, изјави Макрон.

Единствено израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху го поддржа Трамп, изјавувајќи дека договорот со Иран треба да се промени или целосно да се поништи. Тој предупреди за ширењето на иранското влијание на Блискиот Исток.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот