X
 22.09.2017 Култура

Големо откритие: Бројот нула се користел многу порано отколку што сме мислеле


Најстариот запис со бројот нула.
(Фото: University of Oxford)


Во селото Бакшали во Пакистан уште во 1881 година била пронајдена една книшка во која некој некогаш напишал некаков текст за некој трговец. Од 1902 година била во музеј, а потребни биле децении за да се одгатне дека стотиците точки во текстот го означувале бројот нула. Дури денес научниците од Универзитетот „Оксфорд“ откриле дека станува збор за најстариот познат запис за бројот без кој е тешко замислива и невозможна математиката каква што ја знае денешната глобална цивилизација.

Се покажало дека текстот е стар околу 1.800 години, односно дека потекнува од третиот век, и тоа откако научниците му ја одредиле староста со методот со радиоактивен јаглен. Станува збор за антички индиски текст, дури 500 години постар од досега познатиот најстар запис за бројот нула од ѕидот на еден храм во Ганеш во местото Гвалиор, во индиската држава Мадја Прадеш.

Половина век воопшто не е безначајно, а особено ако станува збор за откритие во врска со користењето на нулата, едно од најголемите математички откритија во историјата на човештвото. Цивилизациите што не знаеле за бројот нула морале некако да се снаоѓаат. Во Вавилон помеѓу цифрите оставале празно место. Вавилонските математичари користеле броен систем со база 60, за разлика од денешниот декаден систем што го користиме ние.

Во својот календар, на местата каде што требало да стои нула, како решение Маите користеле симбол за школка. Индија и тамошната богата цивилизација го донесоа декадниот систем со бројки од 0 до 9, и оттаму бројот нула каков што го познаваме денес.

„Денес знаеме дека дури во третиот век математичарите во Индија го засадиле семето на идејата која во модерниот свет денес е фундаментална. Ваквите откритија покажуваат колку била напредна математиката на индискиот потконтинент“, стои во извештајот од „Оксфорд“ во врска со ова откритие.

Ракописот се состои од 70 многу нежни листови од брезова кора и се сметало дека потекнува од периодот помеѓу 8 и 12 век. Особено збунувачко во одредувањето на староста било тоа што ракописот е составен од неколку делови кои потекнуваат од различни периоди.
Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура