X
 27.09.2017 Интервјуа

Во пресрет на конференцијата УКЛО 21-УИК: Интервју со проф.д-р Елизабета Бахтовска, проректор за наука на УКЛО

bahtovska

Од 29-30 септември, УКЛО одржува Конференција на тема „Науката на УКЛО - искуства и перспективи“ или УКЛО 21-УИК.

Што всушност значи и претставува Конференцијата?

УКЛО21-УИК претставува нова иницијатива на Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола за одржување годишни конференции, односно собири  на коишто ќе се обработуваат актуелни и значајни теми што ги тангираат различните области од универзитетското живеење.

Ваквите настани наменети за  академската заедница на УКЛО – наставничките, научно-истражувачките, соработничките кадри претставуваат солидна платформа за потенцијалните учесници коишто во едно вистинско академско опкружување, со своите колеги ќе имаат можност да ги споделат сопствените искуства, да ги подобрат своите истражувања, своите научно-истражувачки трудови, да ги надоградат постоечките и да стекнат нови знаења, да развиваат успешни проекти.

Која е основната цел на Конференцијата?


Основна цел на конференцијата е квалитативно и квантитативно подобрување на научно-истражувачката и проектната активност  на универзитетот и зголемување на меѓусебната доверба помеѓу академските кадри на УКЛО.

Поспецифично, Конференцијата има за цел и да ги мотивира академските кадри на УКЛО за реализирање  научно-истражувачки активности за објавување трудови во меѓународни списанија и на меѓународни конференции и за пишување  проектни апликации. Од ваквите форми на заедничка соработка се очекува подобрување на вештините и компетенциите на академските кадри, но и повисок степен на интеграција на Универзитетот.

Конференцијата е дводневна и ќе се одвива во пленарни и поединечни стручни сесии. Поконкретно, во првата  пленарна сесија која е со наслов „ Видливост, искуства и добри практики при изработката на научно-истражувачки трудови“ планирани се презентации за подигнување на видливоста на научните достигнувања на УКЛО. Исто така, истакнати професори кои имаат искусво во објавување трудови со фактор на влијание и користење  ИТ алатки за полесна подготовка на трудовите ќе ги презентираат добрите пракси и искуства, со цел да се споделат со учесниците на конференцијата.

Втората сесија  е посветена на темата „Проектни активности и лаборатории на УКЛО“ и е наменета за пренесување искуства од успешно реализирани проекти од програмите Erasmus +, Horizon2020 и ИПА проектите за прекугранична соработка, како и искуствата околу подготовка на проектни апликации, но и одржливост на проектите, постоење и користење на резултатите на пректот и по нивното завршување. Посебен акцент ќе биде ставен на  унапредувањето на апликативната дејност и соработката со бизнис заедницата, преку презентации за можностите што ги нудат лабораториите на УКЛО и презентирање искуства од постапките за нивна акредитација.

rektorat

Вториот ден е планиран за работа во стручни сесии, според научните подрачја на пристигнатите трудови и опфаќа презентација на општите коментари и заклучоци по пристигнатите трудови од страна на стручните комисии, при што по еден претставник, модератор, од шесте стручни комисии избрани од координативното тело според научните подрачја, ќе презентира општи коментари и заклучоци за пристигнатите трудови, добиени од рецензентите на трудовите.

Кој ќе земе учество на УКЛО 21-УИК?


Право на учество имаат сите наставници, соработници и истражувачи од УКЛО, кои имаат поднесено труд, може да учествуваат со максимум два труда на тема од областа на своето истражување или да  поднесат труд во коавторство од најмногу 3 коавтори и секако, во пријавата ја наведуваат областа на истражување. Притоа, за секој пријавен труд се назначени двајца рецензенти од областа/полето од којашто е трудот кои пак ќе имаат задача да дадат краток критички осврт во писмена форма, којшто се доставува до авторите во насока на подобрување на квалитетот на трудот. Нашата идеја е вака рецензираните трудови академските кадри и истражувачи на УКЛО да ги пријават во меѓународно списание или на меѓународна конференција.

Кои се според вас бенeфитите од една ваква Конференција, која според концептот и содржината е оригинална, инвентивна и иновативна?

Во услови кога високото образование се соочува со бројни предизвици и кога универзитетите ја ревидираат и редефинираат својата позиција во општеството, потребата од заедничко споделување на интересите, приоритетите, добрите практики и уште повеќе потребата од усовршување, подобрување на сопствените знаења и вештини станува  исклучително значајна. Пред се очекуваме зголемување на видливоста на универзитетот, преку зголемување на бројот на објавени трудови, зголемување на бројот на пријавени проектни апликации, интензивирање на работата на лабораториите, но пред се зголемување на соработката помеѓу вработените наставници, соработници и истражувачи на УКЛО во сите претходно наведени активности. Впрочем, еден од приоритетите на ЕРАЗМУС+ програмата за 2018 е поддршка на професионалниот развој на академските кадри, промовирајќи висококвалитетно и иновативно образование со употреба на нови современи методи и алатки за учење.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Интервјуа