X
 28.09.2017 Образование

Ако буџетските пари за одржување на училиштата не се доволни, општините треба да ги надоместат

Директор на основно училиште во скопска општина детаљно ни објасни како оди процесот на финансирање на училиштата и зошто родителите мора финансиски да го помагаат тековното одржување.



Има спас за родителите на основците од дополнителните трошоци на кои се изложени, како бојадисување и опремување училници и купување сапун и тоалетна хартија, но потребна е голема волја на централната и на локалната власт за промена на системот на пресметка и делење на блок-дотациите.

Директор на основно училиште во скопска општина детаљно ни објасни како оди процесот на финансирање на училиштата и зошто родителите мора финансиски да го помагаат тековното одржување. Според него, покрај формулата за пресметка на блок-дотациите, потребно е законски да се обврзат општините да го надополнуваат буџетот за училиштата каде што е потребно, а на директорите да им се даде поголема слобода сами да одлучуваат и да ги менаџираат тие средства.

Колку ученици - толку пари

Овој директор смета дека коренот на проблемот е во начинот на кој се распределуваат блок-дотациите и како се прават пресметките. Според него, средствата за тековно одржување (блок-дотации) не треба да се пресметуваат според тоа колку ученици има едно училиште, туку колкав објект треба да се одржува.

- Колку пари ќе земат од блок-дотации рурални училишта кои имаат по 10, 15 ученици? Како ќе ги платат сметките? Блок-дотациите нема да стигнат за ништо. Клучот е во тоа да се направи нова пресметка во која нема да се земе предвид бројот на децата. Вака има и социјална неправда. Едно школо ако е преполно, согласно тоа ќе добива многу пари и таму ќе има многу подобри услови за учениците. Колку повеќе ученици - толку повеќе пари. Не се зема предвид колкав простор се одржува, некаде сите пари одат само на греење и струја. Овој систем се практикува откако општините ги презедоа училиштата и не е добар, треба да се промени – смета тој.

Бидејќи родителите плаќаат даноци во општините каде што живеат, а училиштата се под нивна надлежност, тие треба да надополнат средства онаму каде што недостигаат. Она што го дава државата како блок-дотација за едно училиште, општината го распределува, а ако тоа не е доволно, има обврска да го надомести од сопствените средства, смета овој директор.

- Едноставни се обврските и сè е јасно. Но, ова веројатно треба да се нагласи, да се направи законска измена и точно да се прецизираат обврските. Од директорите денеска се очекува да бидат менаџери, но како да бидеме тоа кога менаџираме само со сопствените сметки, а таму има малку пари – смета тој.

Ако на едно училиште му треба поголем зафат или итно треба да се поправи нешто, а чини повеќе, директорот треба да пушти барање до општината да му одобри средства. Оттаму добива одговор кога и дали воопшто ќе му се одобрат.

Колку чини еден ученик, тоа го знае само Министерството за образование и наука, објаснува директорот. Општините добиваат целосна сума од МОН, а тие подоцна им ја распределуваат на училиштата на своја територија.

- Пред почетокот на школската година праќаме целосна анализа со број на ученици, број на наставен кадар и сл. Во МОН сигурно имаат некоја равенка според која определуваат колку ќе добие секое училиште согласно бројот на ученици. Но, не им ја доделуваат конкретно на училиштата, туку на општините. Ако во некое училиште е потребен поголем зафат или итно треба да се поправи нешто, а чини повеќе средства, општината има механизми и можности да скрати од едно и да му даде на друго. Да ги пренасочи парите. Тие средства општината не смее да ги користи за други намени, за асфалтирање улици, на пример. Мора да ги потроши за училиштата и не може да има манипулации – вели тој.

Блок-дотациите не стигаат за поголеми зафати

Објаснува дека училиштата имаат две сметки, една е со број 787, тоа е сопствена сметка, и 930 е онаа на која ги добива средствата од блок-дотациите. Сопствената сметка се полни од приходи од изнајмување простор, спортски сали, кирии или организирање настани. Постои и донаторска сметка, а парите што се таму се користат строго за намената за која се донирани и не смее да се пренасочат за нешто друго. Платите за наставниот кадар одат во посебна блок-дотација која училиштата ја добиваат на месечно ниво.

- Да нагласам дека општината нема обврска да ги потроши сите пари. Ако паметно менаџира со тие средства, доколку штеди, за некоја година може да направи поголем зафат во едно училиште. Дотацијата што се дава од МОН е за тековно одржување на училиштата. Тука спаѓаат трошоци за вода, струја, греење, помали зафати, обнова на училиштен инвентар (не целосно опремување), средства за хигиена. За поголем зафат нема доволно – вели директорот.

Во неговото училиште родителите не купуваат сапун, како што е случај во повеќето основни училишта. Децата собираат пластични шишиња за рециклирање, а за возврат компанијата каде што ги достасуваат им дава сапун.

- Сè е до менаџирањето – вели тој.

Потенцира дека понекогаш и самите родители бараат да обезбедат нешто што недостига, некои бараат поквалитетен сапун, некои сакаат сув антибактериски сапун да стои во училниците.

Ако правилата околу финансирањето и тековното одржување на училиштата не се разјаснат, ако МОН не ги дели парите соодветно на потребите на секое училиште, а општините не дадат плус и од својот џеб таму каде што е потребно, очигледно е дека родителите уште долго време ќе купуваат сапун, тоалетна хартија и ќе ги опремуваат училниците за своите деца.
Подготвил: Милена Атанасоска-Манасиева / milena.atanasoska@fakulteti.mk | Сребра Ѓорѓијевска / srebra.gjorgjijevska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование