X
 28.09.2017 Здравје

Проф. д-р Емилија Стоименова-Цaневска: Депресивно дете често е симптом за проблем кај родителот

Доживувањето семејна криза, развод, загуба, најчесто на ниво на надворешно пројавување го очитуваме како нарушена самодоверба и присуство на вина или како изразена преосетливост која води кон чести и органски неподдржани болки во стомакот, главоболки, мачнини, поизразена несигурност и анксиозност пројавена со одбивање да се оди на училиште и следствено силно доживување на трепетот на разделувањето, па сѐ до силно изразена надразливост со напади на бес



Ако сте мислеле дека депресијата е состојба во која можат да се најдат само возрасните, грешите. Искуството покажува дека дури и децата од предучилишна возраст се изложени на опасност од оваа состојба. Дури и кај нас постои тенденција на зголемување, мала, но не е занемарлива, велат психолози. На важната тема, особено важна за родителите, разговаравме со проф. д-р Емилија Стоименова-Цаневска, декан на Факултетот за хуманистички и социјални науки на International Balkan University, здравствен психолог, психотерапевт, тренер и супервизор.



  - Ако некогаш сте се запрашале кои се причините кои денешното општество го дефинираат како помалку збунето,незаинтересирано,  дезориентирано и тажно, тогаш сигурно тоа прашање ви го донело секојдневието, кое пред вашите очи исликало претстава која верувам ве сепнала во најмала рака. И доколку во таа претстава на кој било начин биле вклучени и вашите најмили, тогаш повеќе од јасно е како и од кои причини зборот депресија можел да ви проблесне, да ве заслепи и да ве остави врзани за него. Сето ова неумитно нѐ води до прашањето за менталното здравје кое претставува, најшироко погледнато, комплексна појава, одредена од повеќе општествени, биолошки, психолошки и фактори на околината. Поврзано за унапредување на менталното здравје во најосетливите периоди – периодот на детство, преадолесценција и рана адолесценција, неопходно е да се напомене дека истото се заснова на сложениот позитивен интерплеј на претходно наведените фактори на околината – вели д-р Стоименова-Цаневска.



Нитката на поврзување со депресијата е сумирана преку зборот болест, што не е случајно, затоа што депресијата е болна, тешка и мачна, и многу често е придружена и со физичка симптоматологија. Тоа чувство на болест се карактеризира со внатрешни расположенија и чувства на разочараност во поголемиот дел на деноноќието, умор, расплаканост, губење интерес за активности кои претходно биле доживувани како пријатни. И така, сѐ до комплетна неприсутност и незаинтересираност, вели нашата соговорничка.

Особено е важно за родителите да ги препознаат знаците на депресија кај своите деца. На различна возраст има различни манифестации. Стоименова-Цаневска ни објаснува подетаљно.

Со оглед на тоа дека децата од предучилишна возраст немаат способности вербално да го изразат чувството на тага (развојно нивото на когнитивно функционирање е далеку од симболичкото кое се развива кон 13-тата година), тие преку отворено однесување, како повлекување од контактот со оние што ги чуваат, од родители до воспитен персонал, или преку развоен застој без органска причина, алармираат за состојбата во која се наоѓаат, а која може да биде очитана како почеток на депресивност. Сепак, избрзувањето во донесување заклучоци е контрапродуктивно и неопходно е да се спроведе продлабочена експлорација која ќе вклучува и елементи на play терапија, опсервација на интеракцијата, проективни техники и сл.

Веќе во училишниот период се појавува можноста за интернализација на надворешниот конфликт, но, за жал, без можност за екстернализирана разврска на истиот. Имено, доживувањето семејна криза, развод, загуба, најчесто на ниво на надворешно пројавување го очитуваме како нарушена самодоверба и присуство на вина или како изразена преосетливост која води кон чести и органски неподдржани болки во стомакот, главоболки, мачнини, поизразена несигурност и анксиозност пројавена со одбивање да се оди на училиште и следствено силно доживување на трепетот на разделувањето, па сѐ до силно изразена надразливост со напади на бес.

Кај адолесцентите целата слика е уште покомплексна, во согласност со нивната природна потреба да се одделат, осамостојат и се пројават како засебни самостојни единки. Овој период на досегнување на зрелоста е под силни влијанија, не само семејни и од врсниците, туку и од пошироката заедница, која безмилосно пред кревкиот адолесцент поставува барања кои често може да предизвикаат пад на позитивното самочувствие, да се пројави неадекватност, безнадежност, очај и потреба да се побегне што подалеку од сѐ што создава таква силна пресија. Многу често како решение се појавува бегството од реалноста, кое може да биде во форма на зависност – што води во други реалности, или бегство од сѐ, па и од животот, што значи самоубиствени мисли и/или обиди. Во овој период често се присутни апелите за помош пројавени преку бегство од дома, експериментација – консумација на психоактивни супстанции, како и многубројни други начини на самоповредување – од незаштитен секс до високо ризични адреналински активности и/или пак несакајќи повредувања со нож и стакло.

Родители имаат клучна улога

Се вели дека најдобриот лек се наоѓа во она што го предизвикало растројството, или отровот е истовремено и лекот. Оттаму, семејното функционирање, најмногу функционирањето на родителскиот пар може да биде извор на најмногубројните и најсилните фрустрации, што следствено значи дека го носи во себе и лечебниот дел, нагласува нашата соговорничка.

-Доколку родителите се присутни, активни слушатели на она што детето и/или младинецот го кажува (кога сака), би заштедило многу мака и тегоба. Ништо не нѐ чува подобро од свесноста за она што се случува помеѓу нас и во нас. Родителот што е отворен и присутен, само со огромната љубов која ја има за своите рожби, може да биде најсилниот лечебен фактор. Доколку пак прибележи дека му недостига сила, знаење или умеење и таа свесност елегантно може да ја стави во употреба и да побара помош од стручни лица кои себеси професионално се дефинираат како психолози, психотерапевти и психијатри. Многу е значајно родителите да не бегаат од својата одговорност и да бидат отворени за сознанието дека и самата состојба е резултат на кокреативниот процес меѓу нивното дете, нив, ситуациите, длабоко вткаени во контекстот и под наметката на културата. На овој начин значењето на транзиторноста се пројавува во полно светло затоа што најчесто страдањата кои соживуваат во овие развојни периоди се со минлив карактер, но со големо влијание врз развојот на личноста. Можеби тука е највредна поговорката – кој знае за што е ова добро – дури и во случај кога тоа скоро па да чини живот – вели Стоименова-Цаневска.

Родителите сѐ повеќе бараат стручна помош за своите деца, барем искуството во Скопје го покажува тоа.

-Често се доаѓа на местото кога родителот/ите кои бараат помош за своите деца разбираат дека ним им треба помош, т.е. како детето било само носител на симптомот кој барал да биде виден и разрешен – додава Стоименова-Цаневска.

Последици што може да ги предизвика

Покрај продлабочување на симптомите, кои можат да доведат и до самоубиство во најтесна смисла на зборот, самоубиството во пошироката смисла на зборот претставено како комплетна социјална изолација е можеби уште пострашната форма на продлабочување на симптомите, смета психологот.

-Имено, со постојното избегнување и повлекување, кое се доживува од страна на другите како негативно интерперсонално однесување, може да се појави една реакција која ќе предизвика или повлекување и одбивање и од страна на другите, или пак агресија во функција на активација. И агресијата и одбегнувањето дополнително ги влошуваат веќе доволно непријатните депресивни симптоми, што креира една негативна спирала за депресивното младо лице – изјави Стоименова-Цаневска.

Науката вели дека е важно да се запамети дека секоја депресија има свој скриен образец, кој повикува да биде виден, разбран и следствено уважен, со значење кое е крајно индивидуално и е за секого посебно.

-Иако навидум во депресијата нема сила (името доаѓа од латинскиот - depressare – да се потисне, притисне долу) изненадува колку истата е силна, јака, колку може да опфати, непушти, затоа што притиснатото бара енергија и да се притисне и да се држи. Замислете си која е таа потенцијална енергија што може да се појави и како таква да ја смени сликата на она во што гледаме или не сакаме да гледаме затоа што нè застрашува – потенцира психотерапевтката Стоименова-Цаневска.
Подготвил: Сребра Ѓорѓијевска / srebra.gjorgjijevska@fakulteti.mk
Тагови:

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Здравје