X
 01.10.2017 Образование

„Јазикот нема коски, но доволно е силен да скрши нечие срце“, незаборавна лекција од една учителка


Пресечени јаболки
(Фото: Facebook)


Една учителка своето генијално искуство го споделила на „Фејсбук“ страницата Relax Kids Tamworth. Ова е поука за сите, без разлика дали станува збор за родители, пријатели, брат, колега, професор... Не е важно кои сте и со што се занимавате, најважно е да бидете – човек!

„Денес на еден од часовите, на учениците им покажав две јаболки (пред почетокот на часот едното јаболко неколку пати го фрлив на подот; разликата беше незабележителна, двете јаболки изгледаа подеднакво совршени.).

Го избрав она јаболко што го фрлив на подот и на децата им зборував колку не го сакам ова јаболко, колку ми е одвратно, дека има грозна боја, и дека дршката му е прекратка. Им реков дека поради тоа што мене не ми се допаѓа, не треба да им се допаѓа ни ним, и дека треба да го нарекуваат со секакви погрдни имиња.

Некои ме гледаа како да сум луда, но јаболкото помина низ рацете на сите деца по неколку пати и собра секакви имиња ’Ти си смрдливо јаболко‘, ’Не знам зошто постоиш‘, ’Веројатно внатре имаш црви‘ итн. Навистина го растргнавме јаболкото (не физички), па дури во некои моменти ми беше жал.

Тогаш другото, ’неповредено‘ јаболко почна да циркулира и да добива убави зборови ’Ти си толку убаво јаболко‘, ’Имаш убава лушпа‘, ’Колку убава боја‘ итн.

Потоа ги зедов в раце двете јаболки, и повторно, разговаравме за сличностите и разликите. Разлики не најдовме, двете јаболки изгледаа сосема исто. Тогаш ги пресеков. Јаболкото кон кое бевме љубезни, однатре беше свежо и сочно. Она кон кое бевме груби, беше полно со ’модринки‘, почнуваше да гние.

Мислам дека децата веднаш сфатија. Модринките, болката, ’распаѓањето‘ се случува во секого од нас, кога некој нè малтретира со своите зборови и дела. Кога луѓето се злоупотребени, особено децата, се чувствуваат страшно и понекогаш не покажуваат и не зборуваат за нивните чувства. Да не ги пресечевме јаболките, никогаш немаше да знаеме колку болка сме нанеле.

За разлика од јаболките, имаме моќ да го спречиме тоа што се случува. Можеме да ги научиме децата дека не е во ред да зборуваме лошо едни за други. Можеме да ги научиме децата да се заложуваат едни за други, да се бранат и да спречат какво било малтретирање.

Јазикот нема коски, но доволно е силен да скрши нечие срце. Затоа, секогаш бидете внимателни што зборувате!“
Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование